Jапонски јазик

Потребно време за читање: 4 минути

Јапонскиот јазик (на јапонски нихонго) е службен јазик во Јапонија, а се говори во делови на Кина и Кореја кои долго биле под јапонска власт, како и во подрачја каде што живеат многу јапонски емигранти (САД, Бразил). Го зборуваат повеќе од 130 милиони луѓе.

Tој настанал од следните зборови: 日 (ни, ничи)- ден, сонце,本 (хон) – извор, извори; книга, книги,語 (го) – збор, јазик, говор.

Зборот Нихон (Nihon – 日本) значи Јапонија, а日本語 (Nihongo) во буквална смисла јазик на Јапонија.

Постојат неколку теории за настанокот на јапонскиот, но научниците се уште се разијдуваат во мислењата. Најверојатната го поврзува со изумрени јазици кои во минатото се употребувале на подрачјето на корејскиот полуостров и Манџурија. Поради развојот во долгогодишна изолација (на јапонските острови), тешко е да се пронајдат какви било врски со други јазици, а со некои обележја го поврзуваат со турскиот.

Заедно со рјукју јазиците, јапонскиот спаѓа во јапонското јазично семејство.

Првобитниот јазик се викал јаматокотоба. Имал мошне мал број на гласови, но затоа имал повеќе нивни комбинации отколку во денешниот јапонски. Во допирот со кинеската култура и јазик дошло до големи промени, чиј резултат е денешниот јапонски речник кој содржи 55% зборови од кинеско потекло, 5% се составени од кинески и од јапонски корени, а само 35% се изворно чисти јапонски.

Јапонскиот јазик има 5 самогласници. Тие се чисти и немаат дифтонзи. Нивната должина е фонемична-секоја има кратка и долга верзија.Некои од согласките имаат повеќе алофони, што дава чувство на преголем број на звуци (некои станале фонемични).

Важно е да се наспомне дека и во говорот и во писмото јапонскиот фонолошки систем се заснова на слоговен изговор, па гласовите се изговараат и понекогаш се модифицираат во зависност од согласката која ја следи самогласката.

Слоговната структура и фонотактиката се многу едноставни: единствениот согласен кластер кој е дозволен во рамките на еден слог се состои од сет на согласки плус звукот j. Исто така се дозволува да има согласен кластер се додека двете согласки се насализирани и следени од хоморганична согласка. Должината на согласките е исто така фонемична.

Основната карактеристика на јапонската граматика е „субјект-објект-предикат“ структура на речениците, за разлика од повеќето индоевропски јазици кои ја имаат структурата „субјект-предикат-објект“. Освен тоа, постојат само две основни глаголски времиња, минато и сегашност (која понекогаш се нарекува и „не-минато“ поради фактот дека се употребува и за изразување на иднина). Именките немаат род, ниту број, а правилата за конјугација на глаголите и придавките се релативно едноставни и речиси воопшто немаат исклучоци. Деклинации на именките не постојат.

Иако основните правила на јапонскиот јазик се прилично јасни, проблеми при неговото учење настануваат поради различните начини на однесување, а во зависност од положбата на говорникот и неговите соговорници на социјалното скалило-дали зборувате со надредени, непознати лица, пријатели или членови на сопственото семејство, се користат различни зборови и различни глаголски форми. Основната поделба на нивоата на „пристојност“ на јазикот е на обична форма (砕けた, кидакета), едноставна пристојна форма (丁寧語, теинеиго) и напредна пристојна форма (敬語, кеиго).

Во јапонскиот јазик се користат три писма. Едното е идеографско и се вика канѓи, а двете други се слоговни-хирагана (ひらがな) и катакана (カタカナ). Секое од нив има свое место и начин на користење. Додека одделни канѓи или групи на канѓи се користат за запишување на именки и корени на глаголи, хирагана се користи во комбинација со канѓи за запис на граматички наставки (глаголски времиња, компарации на придавки и сл.), граматички зборови (сврзници, частички итн.) и јапонски зборови за кои канѓи не постојат или во практиката намерно се избегнуваат (на пример, кај показните заменки, вообичаените поздрави, некои често користени глаголи). Со катакана се пишуваат странски зборови и ономатопејски изрази, а понекогаш се користи и за нагласување на одделни зборови (слично како здебелени или закосени букви во латиницата). Јапонскиот јазик користи и модифицирана латинска азбука, наречена рома-џи (буквално: римски букви), која се користи главно за кратенки, понекогаш за нагласување на зборови, за полесно претставување и читање на јапонски имиња и компании, но исто така и за компјутери.

Фонетските знаци се едноставни за учење и повеќето од децата кога се запишуваат на училиште веќе ги имаат совладано. Наспроти знаците канџи за кои се потребни години и години за да се научат. Потребно е да се научат помеѓу 1.500 и 2.000 знаци, иако ги има околу 40.000.

Прописите обврзуваат во основното училиште да се совладаат 881 основен знак канџи, а во средните 1859 знаци што е, главно, целокупниот број за секојдневна употреба. Обично Јапонците и Кинезите употребуваат извесен број исти знаци канџи, така што Јапонецот кој не го знае говорниот кинески јазик може да ја насети содржината и на кинеските дневни весници.

Колку јапонскиот јазик е побогат од европските може да се види во зборовите кои опишуваат чувства, впечатоци, атмосфера. На пример, чувствителноста на Јапонците на природните појави, односно на времето се изразува со голем број на зборови. За различни типови на дожд: мурусаме-минлив порој, шифуре-порој во доцна есен или рана зима, јудачи-вечерен порој, самидаре-дожд во рано лето, бају-атмосфера на дождовно доба во рано лето, шу-у-силен порој, харусаме-пролетен дожд, хисаме-летен дожд, конукаме-ситен дождец итн. Уште пофини се дистинкциите на пример за разни зборови кои означуваат влажност: нуреру, шимеру, шитору, уруоу. Шимеру е степен на влажност при која повеќе не може да се запали ќибрит; шитору ако чадорот сосема не е исушен; уруоу ако нешто што „треба да биде“ мокро станало мокро (на пример младо зеленило на пролетен дожд); нуреру е за поголем степен на влажност од наброените. Слично е и со боите. На пример, ао, кон, аи, сораиро, мизуиро, асаги, моеги, ханао…сите тие укажуваат на сина боја.

Денес најчесто се користат основните арапски броеви, но и традиционалните сино-јапонски.

Во јапонскиот систем на пишување се можни две насоки: вертикална (традиционален начин)-редовите од десно на лево, знаците во нив одгоре кон долу, и хоризонтална-редовите озгора кон долу, знаците во ред од лево на десно.

Leave the first comment