XII
Дајман од Истин живее сам, но има една „неформална друшка“ што му е по волја. Се вика Зора Темелкова. Ѝ има поставено единствен услов: кога е со него да не биде со никој друг. Задоволен е оти засега го исполнува.
Веќе раскажав дека Гласномисленикот досега преживеал два инфаркта, најмногу како последица на секидневната лична борба за лична и колективна слобода, а најпрвин за слободоумност. Вели дека се подразбира оти тие се последица и на неуморната, секидневната, исцрпувачката творечка работа. Докторите му велат дека треба да се пази, третиот гарант нема да го преживее, а тој си одговара на себеси: „Пазел-не пазел, кога ќе дојде, кога ќе ме удри ќе сврши работа“. Духовит е Дамјан? Некогаш како таков ни самиот не може да се препознае.
Секогаш кога се читаат неговите колумни, треба да се има предвид пред сè друго едно нешто од реченото на почетокот од романов. Имено, тој одамна е сосем обессилен како интелектуалец кој со својот морален и интелектуален хабитус би можел одново да ги придвижи нештата кон нова догледлива цел, а на која нема крстопат.
Често разговара со Зора Темелкова за актуелните состојби во државава и општествово. Тоа неретко го поттикнува на пишување, притоа сублимирајќи ги нивните споделени согледби, факти, аргументи и ставови. Најчесто му доаѓа како процес на докажување.
Баш вчера разговараа за бизнисот и загрозувањето на животот на природата и човекот, поточно за валканото профитерство сестрано поддржано од актулената политикантска и мафијашка власт. Зора остана на ставот дека станува збор за злосторничко здружување на помрачени и заробени умови, со трагични долготрајни последици по животот и светот. Потоа Гласномисленикот ја напиша колумнава за загрозувањето на изворот Рашче:
Бизнисот го загрозува изворот Рашче
За проблемот со вода, пред сè за пиење, во светски, регионални и локални рамки одамна се алармира; уште со првите знаци-последици од климатските промени, загадувањето на природната околина и глобалното затоплување на Земјата. Тој најчесто се „расчленува“ на два: расположливи капацитети-нивна експлоатација и рационално користење.
Скопје, главниот град на Македонија, со децении со вода за пиење се снабдува главно од изворот Рашче. А тој, пак, во последно време сè повеќе го загрозува бизнисот, конкретно со нелегални односно незаконски ископи на минерали од неговата прва заштитена зона (варовник)!
Просечното годишно ниво на Рашче во летен период е околу 7 кубни метри во секунда. Поради сушниот период, кој трае неколку години, а метеоролозите предвидуваат дека ќе потрае и ќе се продолжи „зафаќајќи“ ја и есента на неопределено време, се намалува и количеството на водата за пиење од бунарите во Нерези и во Лепенец (низок водостој на реките Вардар и Лепенец).
Од каде „комодитетот“ при оценувањето и проценувањето дека немаме и ќе немаме проблем со вода за пиење не само во блиска, туку и во подалечна иднина?
Македонија располага со 6,32 милијарди кубни метри протечна вода или просечно 3.000 кубни метри годишно по жител. Тоа се реките од Егејскиот и од Јадранскиот слив, а нивната вода се користи за сите намени. Најголемите резервоари за вода во Македонија се Охридското и Преспанското Езеро и неколкуте големи акумулации. Значи, ако добро се менаџираат, како што порачуваат експертите, во наредните децении навистина не би требало да се јави проблем со водата.
Меѓутоа, како и добар дел од светот, ќе има други проблеми. Имено, поради глобалното затоплување и климатските промени ќе дојде до промена на земјоделските култури, ќе се зголеми потрошувачката на вода за производство на храна и тогаш можат да се појават сериозни проблеми од недостиг на вода.
Она што во моментов претставува мошне сериозен проблем за граѓаните на Скопје е опасното загрозување на изворот Рашче со ископи на минерали, иако според просторниот план за негова заштита тој е стратешко место со зона забранета за каква било експлоатација.
Што велат експертите? Тие се децидни: експлоатацијата на минерали од теренот во непосредна близина на Рашче може да предизвика катастрофални последици, пред сè загадување на водата од која се снабдуваат повеќе од половина милион луѓе. Никакви ископи не смеат да се дозволат во близина на изворот. Не само во првата, туку и во втората и третата зона.