Можно ли е без нив, да се одбегнуваат, едноставно да се спречат на самиот „зачеток“? Што ги предизвикува во брачниот однос? Што не?
Најнапред динамиката на животот чија последица се напнатост, нервоза, дури нервно растројство (човек не се поднесува ниту себеси, а камо ли други), фрустрации. Најмногу од сѐ трката по пари, да се достигне што повисок стандард, да се биде над просечноста. Се разбира, одбегнувањето на кавгите во бракот е можно, всушност нужно(?) ако се сака стабилност на семејниот живот, владеење со заедничкото време во него.
Најмногу ги предизвикуваат неразбирањето и недоразбирањето. Стремежот за доминација е сѐ уште присутен, но најчесто е поврзан со индивидуалната агресивност (не латентна) и „традицијата“ (во наводници оти всушност има малку врска со неа).
Брачните кавги се почеток или траење на криза во бракот?
Еве што велат стручњаците:
Бракот најнапред подразбира заедница на две емотивно зрели, емоционално слободни личности кои решиле да живеат заедно. И токму таа-зрелоста е најголемиот проблем денес. Напротив, во бракот се стапува неподготвено, без меѓусебно познавање, без претходно запознавање (пред се психо-социјално).
Од друга страна, тоа неминовно доведува до воспоставување на површни односи уште на првиот чекор. Имено, се негуваат голем број на наводно пријателски врски, а мошне малку на интензивни, длабоко пријателски. Бракот го склопуваат партнери кои не се доволно зрели, па заедницата ја „темелат“ на страста или некои други принципи (денес неретко материјални). Доколку во меѓувреме љубовта не добие полна „длабочина“, неопходна за бракот да се зачува, следува соочување со непријатната реалност.
Некои сметаат дека токму „разните слободи“ ги направија меѓучовечките односи површни. Освен „бомбардирањето“ со информации, има многу предизвици, премногу еротизација. На тоа се надоврзува и фактот дека во современото-модерното општество постои недостиг на мажи-некаде дури 1:6 во однос на женскиот дел на популацијата. Тоа е една од многубројните причини идната врска во старт да биде хендикепирана, со оглед на површноста на односите какви што се негуваат. Една „популарна“ порака до жените: принцот не се наоѓа, туку се „прави“ од некој.
Најчесто се поставува прашањето како да се препознае соодветен парнер. Рецепт не постои, но постои еден принцип на кој би требало секој да се придржува-да го „практикува“: децата не се воспитуваат патем, туку со цел, организирано, „освестено“. Вистинскиот избор не е можен ако доволно не се откриете самите себеси, ако доволно не се познавате себеси. За жал, тоа-емоционалното созревање денес се продолжува дури и до веќе доцните 30-ти години, па има се помалку зрели луѓе кои како такви стапуваат во брак. Тоа ќе рече дека се однапред помалку подготвени на компромис, на трпение во смисла на различност.
Препорака:
Кризата покажува дека двајца брачни сопатници не разговарале доволно и „квалитетно“, не функционирале добро. Едниот од нив трпел, некој од нив живеел на сметка на другиот, правилно не ги распоредиле улогите. Позитивната страна на кризата (кавгата е најчесто само нејзин почеток): таа е шанса за промена, можност за редефинирање на улогите и целите на воспитувањето, односот, финансиите, односот спрема семејството, плановите.
Кога ќе дојде до криза кавгите на сопружниците почнуваат различно, а завршуваат слично или исто. Разликата помеѓу образованите и помалку образованите постои само на почетокот (малку шлиф, „шминка“…). Меѓутоа, кога ќе се чепнат страстите во човекот, ќе се подигнат емоциите, или некој доживува загрозеност, потреба да се брани- пука целата образовна надградба, а главно се вплеткуваат минатото и семејството. Тоа е модел кој функционира, стереотип во комуникацијата помеѓу двајца.
Предупредување: не умееме да разговараме „над наученото, над моделот“, та затоа кога некој ќе не опцуе се трудиме уште повеќе да му возвратиме; ако некој не навреди, настојуваме да го навредиме барем за нијанса посилно.
Совет: оној што ќе навреди друг, ако не одреагира според шаблонот, според стереотипот-има предност и му дава шанса на оној другиот да ја согледа грешката, да ја одложи својата реакција и смогне сили да се извини, а со самото тоа и да направи пресврт. Во спротивно, функционираме според принципот на акција- реакција: ако не повреди некој, враќаме за нијанса посилно.
Познато е, кавгата подразбира емоционално возбудување, при кое не сме во состојба да ги чуеме аргументите на другиот, туку ги наметнуваме сопствените. И, разбирливо, другиот се брани со ист репертоар, настојува со своите аргументи да ги затрива вашите, и тука нема можност да се дојде до компромис. Затоа е важно брачните партнери да научат да разговараат. Ако тоа не го можат сами, нека побараат помош од луѓе кои со тоа се занимаваат професионално.
Не е ништо ново ако кажеме дека умешноста на слушање е многу важна. За да можеме да разговараме, потребно е да умееме да го слушаме соговорникот. Дури откако ќе го чуеме, можеме да го избереме одговорот, неговата длабочина, широчина, квалитет и квантитет.
Оној што реагира според стереотипот, нема можност да се договори, па следуваат кризи. Ако тие не се решаваат, се натрупуваат. Натрупаните кризи ни даваат за право да размислуваме дека оној другиот е лош. Ако тој другиот не е подготвен за компромис, ако не подаде рака, не пријде, не се извини… полека почнуваме да негуваме осаменички живот на двајца. Денес постои огромен број на луѓе кои живеат во брак, а всушност се психолошки самци. Затоа златно правило (во се) е: однесување кое не дало резултат треба да се менува.
Стручњакот-психологот ќе му помогне на партнерот кој дошол за помош-да го промени однесувањето. Со тоа тој партнер индиректно му испраќа поорака на другиот, кој забележува: „Аха, повеќе го нема нејзиниот бес на мојот бес. Нешто се случува“. Во оној момент кога ќе му го свртите и другиот образ на оној што ви нанел навреда, му давате време, односно тој добива шанса да размисли зошто не сте реагирале на очекуван начин. Тоа е веќе подотворена врата за индиректна помош на терапевтот.
За жал, главно се реагира според принципот „Земи или остави“. Малкумина сакаат промена, а таа е нужна. Не можете да живеете заедно ако кај партнерот нешто не трпите. А тој, исто така, поради нешто трпи. Ако му помогнете тоа да го надмине, тогаш е тоа круна на љубовта.
Интересна согледба: постојат голем број на стабилни бракови од периодот кога други посредувале-не двајца да склопат брак, туку двајца луѓе да се запознаат. Подготвуван е теренот така што повеќе се водело сметка за семејството од кое доаѓа невестата или младоженецот. Нивните семејства морале да имаат слични обележја.
Времето покажа дека разликите помеѓу две семејства можат да бидат голема пречка за зачувување на бракот. Овој простор им изнедри многу неволји и на поединци и на семејства токму од тие релации: малку се мешани бракови кои опстанале. Се мисли и на националноста и на религиозноста. Тоа е факт и треба да се уважи. Се разбира, не значи дека треба да се бега од партнер од друга националност или вероисповед, но мора да постои свест за тоа, однапред да се знае што во тоа може да се очекува. На пример, во такви ситуации се јавува проблем како да се воспитуваат децата.
„Најопшт“ стручен совет:
Брачните партнери да не се караат, туку да разговараат. Разговорот подразбира вештина на слушање, а не вештина на говор.
Меѓутоа, треба да се има предвид, да се земе „на знаење“ како корисно тврдењето на научници во една американска студија објавена во списанието „Journal of Family Communication“: дека кавгата е добра за здравјето!
Имено, кај брачните парови кои не успеваат да ја изразат својата лутина стапката на смртноста е два пати поголема отколку кај оние кај кои барем едниот од сопружниците ги изразува својот гнев и незадоволството. Истражувањето, кое во тек на 17 години опфатило 192 американски пара, покажало дека паровите кај кои ниеден од сопружниците не ја изразувал својата лутина постоел речиси пет пати поголем ризик обајцата да починат отколку кај оние што се карале.
„Кога ќе стапат во брак, една од главните задачи на сопружниците е да научат да се измират по кавга. Ако прикривате бес и чувствувате омраза спрема оној другиот, а не се обидете да го решите конфликтот, тогаш имате проблем“, објаснува Ернест Харбург, професор на универзитетот во Мичиген, инаку главен автор на студијата.
Претходни истражувања покажале дека потиснувањето на бесот доведува до почеста појава на болести поврзани со стресот, како што се проблеми со срцето и крвниот притисок. Ова се однесувало на влијанието на прикриениот бес и омразата врз смртноста кај брачните парови. Од 192-та пара, 26 избегнувале секаков конфликт, додека кај останатите 166 барем едниот од сопружниците ја изразувал својата лутина.
Со истражувањето водено од 1971. до 1988. година биле опфатени припадници на средната класа во еден мал град во Мичиген, а повеќето жени биле домаќинки.