Што е играта?
Таа се дефинира како секоја дејност што се извршува поради самата себе, поради пријатноста која е поврзана со неа. Биолошки, пак, значи подготовка за сериозна животна дејност, израз на изобилство на животна сила или е врзана за мистичност.
Како дејност- фантазија, играта има духовен карактер, па уметноста и со неа поврзаната естетска пријатност може да се сфати како „играчка“ активност.
Во историјата на филозофското мислење за играта говори Хераклит. Нејзиното антрополошко-филозофско значење го увидел и го елаборирал Кант во делото „Критика на моќта на судењето“. Поетот-филозоф Шилер во неа нашол најцелосна дефиниција на човекот, во делото „За убавото“. Според него, „човекот игра само таму каде што е во полно значење зборот човек, а тој е целосно човек само таму каде што се игра“.
Во денешната филозофија мотивот игра има необично големо значење.
Јохан Хуизинга во делото „Homo ludens“ тврди дека цивилизацијата произлегува и се развива во играта и како игра. Таа е една од човечките карактеристики, човечки обред, а служи за рекреација, забава, но и учење.
Егуен Финк потенцира дека играта нема цели на кои им служи, туку таа своите цели и својата смисла ги има во самата себе. Играта не е поради некое идно блаженство, таа е веќе во себе „среќа“.
Роже Кајоа во својата знаменита книга „Игри и луѓе“ направи класификација на игрите во четири категории: натпреварување, коцка-коцкање, глума и вертига-збор кој значи вртоглавица, и опојност и занес и екстаза. Тој овие категории ги означил со грчки и латински термини: агон-натпреварување; алеа-коцка, игри на среќа; мимикрија-глума; и илинкс-екстаза, опојност, вртоглавица од играње.
Еве што рекле големи луѓе-творци за играта:
Можете да откритете повеќе за личноста за еден час игра отколку за една година разговор.
Платон
Играта е единствен начин да се развијат најголемите интелигенции на човештвото
Јозеф Шилтон Пирс
Играта е човекова најкорисна преокупација.
Френк Каплан
Парадоксално е што многумина наставници и родители се уште прават разлика помеѓу времето за учење и времето за играње, не согледувајќи ја виталната врска помеѓу тие две.
Лео Бускаглија Ф.
Кога се играат животните, тоа е затоа што е играта корисна во борбата за опстанок, зашто низ играта стекнуваат искуство и ги усовршуваат вештините кои им се потребни во возрасниот живот.
Сузана Милер
Играта не одржува витални и живи. Ни дава волја и ентузијазам за живот. Без неа, животот едноставно не би имал толку добар вкус.
Луција Капочионе
Работата се состои од она што е телото должно да направи. Играта се состои од она што телото не е должно да направи.
Марк Твен
Не престануваме да се играме зашто сме остареле, туку старееме зашто сме престанале да се играме.
Џорџ Бернард Шо
Играта има значење за воспитанието оти во многу го компензира и дополнува еднообразното функционирање на организмот и буди социјално чувтсво. Таа е исклучително важна за развој на личноста, за навиките и социјалните вештини. За децата, пак, таа претставува начин на изразување, особено кога се уште не зборуваат. Преку неа тие учат за себе и за другите, најинтензивно во првите шест години од животот, но и подоцна.
Од друга страна, вклучувањето на родителите во играта има многубројни предности, и за детето и за нив, што ќе рече дека секојдневните семејни активности треба да се претворат во што е можно поголема мера во семејна забава. На пример, читањето приказни и песнички за деца се смета за вечен фаворит, но и играта криенка; па заедничката прошетка- при што играњето е слушање на различни звуци, пој на птици, броење на чекори во трева, песок или лисје; во градина децата треба задолжително да се вклучат (сакаат копање и залевање); дома детето сака да помага во подготовката на оброците, сака заедно со родителите да пее и танцува, да се маскира, да игра карти или некоја друга друштвена игра, да игра со топка (на отворено)…
Еве некои совети за родителите во врска со играњето на детето:
-Детето нека ја води играта, а вие следете го. Насочете ја играта само ако безбедносните услови не се соодветни;
-Играјте се со него, но не инсистирајте на промена на играта ако ви е здодевно. Детето нека одлучи кога треба да се промени курсот на играта;
-Слушајте, не издавајте упатства;
-Разговарајте за текот на играта и поттикнете го детето на размислување;
-Дајте ѝ на играта доволно време, не ја прекинувајте прерано;
-Допуштете експериментирање и грешки;
-Немојте да се натпреварувате со мали деца, тоа може да ги обесхрабри;
-Поттикнете ги децата да создаваат, низ сликање, моделирање…И пофалете секој труд.