За стравот од 13-от петок

Потребно време за читање: 3 минути

Стравот од петок 13-ти е толку раширен што има и свој назив-параскевидекатриафобија (што е форма на трискаидекафобија-страв од бројот 13)-а од него само во САД патат помеѓу 17 и 21 милион луѓе, покажа едно американско истражување. Симптомите опфаќаат широк спектар на состојби, од блага напнатост до вистински напади на паника, кои луѓето можат да ги натераат да го променат дневниот распоред или воопшто да не одат на работа.

Кога се спомнува лошата среќа или несреќа од кој било вид Ричард Вајзерман, психолог на англискиот Универзитет, со истражување дошол до заклучок дека оние луѓе кои себе си се сметаат за несреќни се понаклонети кон верувањето во празноверија поврзани со несреќа.

„Нивните верувања и однесување често се дел од нивното севкупно гледање на животот-тие веруваат дека среќата е некаква магична сила која ќе им го уништи животот“.

Стравот од него е вкоренет длабоко во минатото. Постојат многу случаи на поврзаност со дамнешни несреќни настани со бројот 13 и петок. А кога ќе се спојат, добиваме некаков супер- несреќен број. Освен ако сте родени токму на тој ден; кружат приказни дека во тој случај тоа е ваш среќен ден, велат истражувачите.

Стравот од бројот 13 познатиот истражувач Доналд Досеј го поврзува со дамнешниот норвешки мит за 12-те богови кои приредиле вечера во Валхала (еквивалент на христијанскиот рај во нордиската митологија), на која неповикан упаднал 13-ти гостин, палавиот Локи. Локи некако успеал да го наведе слепиот бог на темнината, Ходер, да го погоди Болдер, богот на веселбата и задоволството, со стрелка од бела имела. Болдер умрел и целата земја била завиена во црно; тоа бил лош, несреќен ден. Од тој момент бројот 13 се смета за кобен и злокобен.

Исто така, според верувањата од времето на стариот Рим, вештерките секогаш се состанувале во групи од 12. 13-ти учесник на собирањето редовно бил самиот Враг.

И во Библијата постои референца на несреќниот број 13: Јуда, апостолот кој го предал Исус, бил 13-ти гостин на Последната вечера.

Според истражувањата, повеќе од 80% од облакодерите во светот воопшто немаат 13-ти кат. Многу аеродроми немаат 13-та патека за слетување. Во болниците и хотелите често не постои соба број 13. Во Фиренца- Италија куќите кои се наоѓаат помеѓу куќните броеви 12 и 14 се означени со бројот 12 ипол. Многумина трискаидекафоби, како што се нарекуваат луѓето кои се плашат од бројот 13, го вперуваат прстот во неуспешната мисија на Месечината, „Аполо 13“.

Кога е збор за петок, познат е фактот дека Исус е распнат токму на тој ден.

Некои толкувачи на Библијата тврдат дека Ева токму во петок го навела Адама да го проба забранетото овошје, а можеби е најзнаковно верувањето дека Каин го убил својот брат Абел токму во 13-ти петок.

Досеј вели дека „лекот“ за оваа фобија е мошне едноставен: потребно е сопствените мисли од негативното подрачје да се „преселат“ во позитивно.

„Ако долго размислувате за нешто, вашите размислувања ќе се претворат во чувства. Вашите чувства ќе влијаат врз се што правите. А тоа што го правите ве формира како личност“.

Со други зборови, луѓето кои со петок 13-ти поврзуваат негативни чувства мораат да научат како да се фокусираат на пријатни размислувања кои ќе генерираат пријатни чувства и ќе го намалат стравот од петок 13-ти.

„Тие луѓе не полуделе, само изгубиле контрола над своите чувства“, вели Досеј. „Тие своите мисли ги насочуваат во погрешен правец, и во своите умови носат огромна слика на нешто страшно што би можело да им се случи“.

Народното предание исто така нуди решенија од проклетството на петок 13-ти. Едно од нив наложува погоденото лице да мора да се искачи на врв на планина или на висока зграда и таму да ги запали сите свои искинати чорапи. Друго вели дека е потребно да се стои на глава и да се грицка-‘рскавица.

Истражувањето покажа дека среќните луѓе имаат обичај да практикуваат некакви празноверни ритуали, кои би требало да им донесат среќа, како чукање во дрво, носење на амајлија или држење на палците. Од друга страна, несреќните луѓе веруваат во празноверие кое носи несреќа, како кршење на огледало, одење под скалила или-бројот 13.

Истражувањето исто така ги открило најчестите празноверија и процентот на луѓето кои во нив учествуваат:

Чукање во дрво-86%
Држење на палците-64%
Минување под скалила-49%
Кршење на огледало-34%
Страв од бројот 13-25%
Носење на амајлија или амулет-24%

Leave the first comment