Банту е збирен назив за голем дел на африкански народи и племиња со сродни јазици кои му припаѓаат на нигерско-конгоанското семејство.
Според некои проценки, има околу 513 јазици во банту групата, 681 јазик во бантоидската и 1.514 во нигериско- конгоанската група.
„Банту“ значи луѓе (во еднина „Нту“-човек), а со овој збор на крајот од 19. век лингвистите сакале со заедничко име да ја обележат сродноста на јазиците кои се зборуваат во централна и јушна Африка. Следствено, тоа е лингвистички, јазичен поим, кој не поаѓа од антрополошки обележја.
За лингвистите колевка на банту-јазиците, односно народите е подрачјето на средниот тек на реката Бенуе во Нигерија. Се смета дека во првиот милениум од н.е. првите Банту го напуштиле тоа пренаселено подрачје и тргнале на југ. Им припаѓаат на негроидната раса.
Банту во минатото имале свои кралства (Баганда, Бакуба и др.).
Според етнографските и лингвистичките карактеристики се делат на западни, источни и јужни Банту-црнци. Западните се занимаваат со полјоделство (одгледуваат маниоку, јам, банани); источните и јужните првенствено одгледуваат говеда, а од земјоделските култури просо. Западните прават колиби во квадратна форма со покрив на две водилки, а останатите кружни колиби со коничен или куполест покрив. Оружје кај западните се лакот и стрелата, кај останатите копјето. Облеката кај западните е од тапа, кај источните од кожа.
Постојат тајни друштва, танци со маски, иницијациски церемонии и некои елементи на тотемизам кај западните Банту-племиња (Баггара, Балоло, Балунда, Фанг, Конде, Зулу и многу други).
Дело од Банту-црнците се принудно населени во резервати(во јужна Африка).
Банту-јазиците се најголемо јазично семејство на подрачјето јужно од линијата на Гвинејскиот залив-Големите езера. Тие покажуваат значителна меѓусебна сродност и обично се делат на групи: теке (Заир и Камерун), ндонга (од Ангола до Тангањика), свахили (источноафриканскиот брег јужно од полуостровот Сомалија), конде (околина на езерото Нијаса), макуа (Мозамбик северно од реката Замбези), сотхо (јужно од реката Замбези до Капланд).
Овие јазици се аглутинативни. Именките главно немаат род во смисла на индоевропските јазици, туку се групирани во неколку „класи“ (лица, растенија, живи и неживи суштества, мали и големи предмети итн.), од кои секоја има посебни префикси за еднина и множина. Префиксот на именката се повторува пред секој збор кој се однесува на таа именка. Со помош на суфикси се изразуваат различни глаголски начини и аспекти: причинитост, пасивитет, рефлексија, реципрочност, траење, свршеност, желба, негација итн.; исти суфикси служат аналогно и за имиња; времињата се означуваат со префикси.
Првата книга на еден банту-јазик е објавена во Лисабон во 1624 година.
Помеѓу најпроширените банту-јазици се свахили (Тангањика, Кенија, Уганда, Њаса), лингала (средниот тек на Конго), килуба и чилуба (средниот и јужниот дел на Заир), луганда (Уганда), киња-руанда (Руанда-Урунди), сечуана (Бечуана), сесуто (Басуто, Трансваал), исизулу и исикоса (Натал во Јужноафриканската Република).