(„Македонија на стари мапи”, изд. „Детска радост” и „Македонска ревија”, Скопје 1992)
Станува збор заедно од најексклузивните изданија на македонските издавачи. Делото е проследено со извонреден предговор на Анте Поповски под наслов „Историја без географија”. Тоа е показ и доказ за едно постоење, на еден народ на оваа почва. Исто така и непобитен аргумент за она што е судбински поврзано со неговото опстојување во минатото, сегашноста и иднината. Од небиднина до иднина.
Просторот на Македонија бил кроен и прекројуван многупати, цртан и прецртуван, парчен и распарчуван, сѐ уште нецел, онаков каков што бил некогаш, но не е и не може да биде избришан и збришан.
Во изданието се објавени вкупно 43 мапи, слајдови и микрофилмови од различни извори: Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски”-Скопје, Архивот на Македонија-Скопје, Фотографската служба на Британската библиотека-Лондон, Природноматематичкиот факултет, група географија- Скопје, како и од приватни извори.
Всушност, презентираниот материјал во оваа книга е само мал дел од материјалот собран со повеќегодишно истражување на Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски”, која располага со повеќе од 6.000 мапи, 20 стари оригинални, а се регистрирани 600 стари мапи изработени во периодот од 15. век до 1912. година, кои се наоѓаат во Британската библиотека во Лондон, во Француската национална библиотека во Париз, во Австриската национална библиотека во Виена, во „Државни ахрив Хрватске” во Загреб, во „Народна библиотека Србије” во Белград.
Приредувачот Илија Петрушевски ги наведува следниве позначајни автори, светски познати и афирмирани картографи на своето време: Птолемеј, Касториус, Гасталди, Меркатор, Кантели, Де л’Ил, Валк, Сенекс, Роберт, Вакх, Водонкур, Лапи, Вајс и Киперт. Во својот прилог тој посочува на податоците на мапите низ времето: разновидните имиња под кои се регистрирала ортографијата, хидрографијата, топонимијата и друго, од античките времиња до денес. Презентирани се физичко-географски, историски, политички и етнички мапи.
Цитат од воведниот текст на Анте Поповски за името на Македонија:
„Името на човекот и на земјата не е нешто секојдневно. Сета духовна и друга автономност на битието е содржана во името.
(…)
Што значи и од каде името Македонија? Митските извори говорат дека Прометеј на својот прв син му го ставил името Девкалион. Тој, заедно со жена си Пира, имал многу деца. Обработувајќи го овој мотив, античкиот хеленски поет Хесиод, во осми- седми век пред Христа, автор на првиот рурален еп во хеленската литература “Дела и денови”, ќе рече: „А таа, ќерката на Девкалион/од Зевс, молнољубец,/роди синови два:/Магнет и Македон-коњаник, воин…/Втората ќерка на Девкалион/родила исто така два сина:Грејк и Латин…” Доколку поетските метафори воопшто одразуваат некакви историски вистини, тогаш Грците и Римјаните би биле браќа, а Магнет и Македон би биле само нивни братучеди.
(…)
Константин Порфирогенит, византиски император (913-953) и значаен историчар и писател, напишал повеќе дела во кои има податоци за историјата на Јужните Словени. Во неговото дело „За темите” тој, меѓу другото, ќе забележи: „Земјата Македонија е наречена според Македон, синот на Зевс и Тија, ќерка на Девкалион. Други, пак, сметаат дека Македонија е именувана според Македон, синот на Еол”.
(…)
Наспроти митолошките извори, компетентни научни работници од областа на античката историја се занимавале и со ова прашање. Од каде и што значи името Македонија. Познатиот професор Џ.Р. Елис, автор на големата студија „Македонскиот империјализам” (делото е објавено и на македонски во издание на „Мисла”), тврди дека античките Македонци уште пред да се населат на нивната идна татковина си го имале своето име Македонци. Тоа значи дека своето етничко име и го дале и на земјата на која подоцна живееле. И познатиот грчки археолог Фотис Пецас има мислење кое е идентично со мислењето на Елис: „Македонија им го зеде името на Македонците”, вели тој. Така, името Македонија најпрво било етничко, а потоа станало и географско- историски поим: Македонија.
(…)
Така, античките Македонци, се до нивното претопување во друг етнос низ целиот трет век по Христа, не се одлепувале ниту од своето име, ниту од името на својата славна македонска татковина. Веднаш потоа почнала и словенската колонизација на Македонија”.