Надошло некое студно време меѓу топли времиња, та почнало да владее со луѓето, од младо до старо. Не било катаден и катаноќ исто студно. Имало во него денови и ноќи повеќе студни од едни и помалку студни од други, но олку и долго студно не се памети. Токму така, олку и долго студно. Луѓето тоа најмногу го припишуваат на надојденоста.
Ме праша средовечен што стана со старите, дали ќе испоумрат од студот или ќе го преживеат, ќе дочекаат ново топло, може и жешко. Му одговорив дека не сум сигурен, но чинам негде прочитав оти по него ќе има многу постари и стари, одошто помлади и млади. Не сум сигурен, но мислам дека ме разбра.
Човек отсекогаш тешко се справувал со студни времиња.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 131