зурла zurla surla сурла
Потребно време за читање: 2 минути

Тоа е дрвен аерофон музички инструмент со две јазичиња, тип на обоа. Се прави, главно, од ореово, но и од јаболково и црносливо, како и од јаворово дрво.

Зурлите се изработуваат во два дела: дрвена цевка, проширена на долниот крај со конусна форма, изработена од едно парче дрво, и славец, вовлечен во горниот дел на цевката.

Со најголема должина се тн. каба зурли- 600 мм до 630 мм, јарам каба е долга од 480 мм до 540 мм, а џура зурлите од 250 мм до 280 мм. Големите зурли се наречени „машки“, поради длабокиот тн. „покаба“ звук, а помалите „женски“, поради јасниот „поџира“ звук.

На предната страна зурлата има седум мелодиски отвори, а осмиот за палец, одзади, помеѓу шестиот и седмиот мелодиски отвор. На вертикалата, на предната страна, на која се наоѓаат мелодиските отвори, се провираат три гласници или душници, а на левата и десната уште по еден. Вториот дел од зурлата, наречен славец (што доаѓа од славеј) се изработува од едно парче дрво во форма на буквата Т, во кој е пробиен канал (канел). Од предната и задната страна на канелот се засечени два крака, формирајќи надолжна елипса.

Прочитај и за ... >>  Рог

Во канелот е вовлечен медник. Тој се состои од покусо лимено цевче, всадено во центарот на лимена кружна плочка. На горниот крај на цевчето се навлекува двојазична писка од трска, прицврстена на долниот крај, со притиснати краеви во форма на трапез. Под лимената плочка, на медниковата цевка е намотан конец кој има задача да го зајакне медникот и едновремено да ја затвори шуплината.

Славецот се состои од глава (башл’к) и цевка-канел.

Оформувањето на зурлата се врши со дребанк. За да се спречи сушењето на внатрешните ѕидови на цевката, тие се мачкаат со зејтин или со вода, што зависи од видот на дрвото.

Каба зурлата најчесто се среќава во Тетово и околината, јарам каба зурла во Скопје и околината, а џура зурлите во Гостивар и Гостиварско.

Како најкомплетен состав се смета составот од две зурли и два тапана.

Едниот од зурлаџиите ја води мелодијата (водач), а другиот ја придружува (полагач).

Ликовна претстава на зурла се среќава уште во 12-от век, на резбарената врата на црквата „Св. Никола“ во Охрид, што значи дека таа била позната на Балканот пред турската инвазија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here