Потребно време за читање: 2 минути

Малку познат за просечниот филолог, веќе откриен и детално проучен уште од втемелувачот на филолошката наука Боп.

Санскритот е јазик на класичната индиска книжевност и традиционалната култура, строго стандардизиран свет јазик на Индија, наречен така наспроти тн. „природни“, говорни јазици пракрти. Во 5. или 6. век е кодифициран во делото Аштадхјаји (Осум поглавја) на граматичарот Пањини, и во таа норма останал задолжителен за целиот подоцнежен период до наши дни.

Тоа е јазик на традиционалната индиска ученост, на кој настанале главните класични дела (кавиа) и целокупната научна книжевност. Санскритот и денес во Индија има улога слична на онаа на латинскиот јазик во средновековна Европа. И денес се користи во спогодувањето и во научните расправи помеѓу учени со традиционално образование.

Во лингвистичка смисла за санскритот се карактеристични: архаичен гласовен состав близок на индоевропската состојба, богата и архаична именска и глаголска флексија, правилна и „проѕирна“ структура на облици создавани според шемата корен-суфикс или суфикси-наставки, строга употреба на дуалот кај именките и глаголите, церебрални согласници непознати во другите индоевропски јазици, строги и артифициелни правила за гласовните промени што настануваат помеѓу зборовите во реченицата (сандхи), честа употреба на сложенки од различни типови, минимум на реченичка синтакса што е можен поради богатата флексија. Јазикот на ведите и брахманите (тн. Ведски) е архаична варијанта на санскритот со многу дублети во и онака богатата флексија. Епскиот е санскрит послободна, народна варијанта (на пр. Махабхарата).

Прочитај и за ... >>  10 работи кои обичниот човек мора да ги знае за демократијата

Санскритот се бележи со писмото деванагари. Први од Европјаните санскрит научиле мисионерите. Автор на првата граматика е Филип Иван Вездин, Хрват од Градишќе во Долна Австрија (објавена во Рим во 1790 година). Со тоа почнал бујниот развој на индологијата во 19. век и бил овозможен пристап во ризницата на индиската книжевна оставнина, што имало силно влијание врз културна Европа во времето на романтизмот.

Санскритот на почетокот од 19. век го поттикнал развојот на споредбената индоевропска граматика, зашто во него е откриена во најчист облик јазична структура позната од други јазици (словенски, германски, латински, грчки и др.). Почетокот на таа наука, веќе е познато, го означува делото на Франц Боп од 1816. година, за совпаѓањата во глаголската флексија на индоевропските јазици.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here