Потребно време за читање: 8 минути

Две главни нешта ќе го одбележат справувањето со глобалната криза, натамошниот развој и стабилноста на државите: сигурно снабдување со храна и унапредување на знаењето (науката, образованието, технолошките иновации, унапредување на традиционалното знаење).

Наведениот став, што го споделуваат многумина економски експерти, отвора низа дилеми и актуализира повеќе контроверзи.

Снабдувањето на храна ги подразбира пред сѐ нејзиното производство и локализација во сета нејзина комплексност (не само намалување на оддалеченоста помеѓу производството и потрошувачот во градовите, туку и изградба-отворање на помали погони за секундарна преработка на храна во селата, како и за, на пример, производство на биомаса што е мошне перспективно и секако најевтино гориво).

Се разбира, многу постојни отворени прашања и проблеми, но и нови што допрва ќе се постават, зависат од промените на климата на Земјата, кризата на енергијата, егзистенцијалната и социјалната несигурност итн. Едновремено сето тоа (ќе) значи и нов начин на живеење, на организација на севкупниот живот врз урнатините на потрошувачкото општество кое несомнено е, и допрва ќе биде разурнато од „земјотресот” што веќе го потресува целиот свет-економската рецесија.

За производството на храна:

Да се потсетиме, во подалечното, но не и така далечното минато тоа на мали поседи и семејни фарми беше речиси исклучива дејност на селото, а во нашево време ја сподели (во минатиот век) и ја споделува (на почетокот од овој- 21.) лошата судбина на малите земјоделци. Она што се случи и се случува пред нашите очи, а како да немаме сила ниту волја да го запреме: индустриското земјоделство на 20. и во првата деценија на 21. век, засновано на евтини фосилни горива и големи земјишни поседи, доведе до речиси целосно уништување на селото и на малите селани. Од друга страна, многу не помага (само)свеста дека фосилните горива, врз кои се заснова стопанството на нашата индустриска цивилизација, се необновлив природен ресурс што го има се помалку (тврдењето на еден научник дека се тие обновливи се уште не наоѓа на пошироко прифаќање).

Меѓутоа, тоа значи дека одржливото земјоделство на „блиската” сегашност (се мисли на денес, а не на денеска) и иднина ќе бара производство со што помалку нафта и гас, а повеќе човечки труд, што, пак, ќе доведе до големи социјални промени и обновување на значењето и улогата на селото. Важно е да се наспомне, исто така, дека освен производството на храна руралните подрачја би требало да станат и главен производител на енергија од обновливи извори.

Став на Ричард Хеинберг, еден од најпознатите светски истражувачи на „peak oil” ефектот, односно на влијанието на кризата на нафтата врз светската економија (во делото „Педесет милиони фармери”):

„На секој начин ре-рурализацијата ќе биде доминантен социјален тренд на 21. век. 30 до 40 години од денес ќе се врати историскиот баланс помеѓу руралната и урбаната популација, со мнозинство кое повторно ќе живее во мали селски заедници. Ќе се произведува повеќе храна во градовите отколку што е тоа денес случај, но тие ќе бидат помали. Многу повеќе луѓе отколку денес ќе живеат во внатрешноста занимавајќи се со производство на храна.

За производство на една калорија на храна во Америка се трошат околу 10 калории на фосилни горива…Модерното индустриско земјоделство стана метод на производство според кое ораницата се користи за нафтата и гасот да се претворат во храна…Просечната старост на американските фармери е 55 години…Проблемите со кои ќе се соочи американското земјоделство се недостиг на нафта, на вода, недостиг на фармери и климатските промени…“.

Прочитај и за ... >>  Најчести грешки во инвестирањето

Една студија, изработена за потребите на британското здружение на земјоделците „Soil Association”, покажува дека веќе кај цена од 200 долари за барел нафта органското производство на пченица, јачмен и маслодајна репка може да биде попрофитабилно од класичното производство. Таа укажува дека органското производство троши 26% помалку енергија одд класичното- главно поради помалата употреба на минерални ѓубрива.

Светската банка проценува дека производството на житарици до 2030. година треба да порасне за 50%, а производството на месо за 85%, за да се задоволат светските потреби.

Три четвртини од 2,6 милијарди луѓе во светот, кои преживуваат со помалку од два долара дневно, или речиси 2 милијарди сиромашни луѓе живеат во рурални подрачја. Ова јасно укажува дека најголем број на сиромашни луѓе во светот всушност живеат во села, а не во градови.

„Малите селани ги мразеа и комунистите и капиталистите-но кога се мери продуктивноста малата фарма е непобедлива”, вели Џорџ Монбио во „Гардијан”.

„Ова е кратката историја на цивилизацијата”, пишува В. Дитрих во „Враќање на вистинска храна”: „Првите 5 илјади години речиси секој беше фармер; во последните 50 години речиси никој повеќе не беше фармер (само 2% Американци ги претвора агрохемикалиите во производи замотани во пластика во самопослуга); во последните неколку години секој сака да биде фармер. Или да прегрне фармер. Или барем да купи и јаде локална храна која не е прскана со пестициди, модифицирана, фаслификувана и променета до ниво да не може да се јаде”.

Се поставува прашањето: зошто повеќето млади луѓе во Америка сакаат да имаат фарма за органска храна, да студираат агроекологија или да експериментираат со унапредени традиционални методи на земјоделско производство?

Стручњаците на Обединетите нации сметаат дека селото, сепак, има перспектива и оти најголем број на нови работни места во овој век ќе се отворат токму во руралните подрачја- особено во областа на органското производство на храна и производството на енергија од обновливи извори.

УНЕП-Програма на ОН за производна средина- во својот извештај од октомври 2008. за потребата од формирање на „зелена” односно еколошки чиста економија за 21. век (Global Green New Deal), ги наведува следните главни области за создавање на нови работни места:

-чиста енергија и чиста технологија, вклучувајќи ја и рециклажата;
-рурална енергија која вклучува енергијата од обновливи извори (ветер, сончева енергија) и одржливо производство на биомаса;
-oдржливо земјоделство кое го вклучува органското земјоделство;
-инфраструктура на екосистемот; намалување на штетни емисии од дефорестации и деградација на шумите;
-oдржливи градови, вклучувајќи ги тука планирањето, транспортот и „зелените згради” (кои користат минимум енергија и не испуштаат гасови со ефект на стаклена градина).

Да потсетам, порано УНЕП, заедно со Меѓународната организација на трудот (ИЛО) објави извештај-студија за новите работни места во еколошки чистата економија на 21. век(Green Jobs: Towards Decent Work in a Sustainable Low-Carbon World). Во неа се истакнува дека со создавање на нови работни места во еколошки чисто индустриско производство ќе се зголемува значењето на земјоделството во областа на органското производство на храна и во производството на енергија од обновливи извори.

Индустриското производство, како и начинот на живот на потрошувачкото општество доведоа до големи еколошки загадувања и енормно разорување на екосистемот на нашата планета, како и до климатски промени кои му се закануваат на самиот опстанок на луѓето и живиот свет на Земјата.Во историјата не постои поштетен начин на создавање на општествено богатство од она што го донесе индустриската револуција. Затоа познатиот британски стручњак и поранешен главен економист на Светската банка Николас Стерн, автор на студијата за влијанието на климатските промени врз светската економија, вели дека промената на климата на Земјата е најголемо промашување на денешниот облик на пазарот.

Прочитај и за ... >>  Најчести грешки во инвестирањето

Еколошката економија веќе подолго време предупредува дека растот на светското стопанство ќе биде ограничен од природните ресурси. Светот денес троши 30% повеќе ресурси отколку што природата е во состојба да ги создаде или обнови.

Денешната ситуација, во која вкупната маса на хартиени пари (банкноти) во светот постојано расте, додека количеството на природни ресурси останува исто или опаѓа, укажува на пазарната нелогичност дека наместо да дојде до пораст, доаѓа до пад на цените на примарните стоки.

Многумина стручњаци и аналитичари воочуваат повеќе аномалии на светскиот пазар: економската рецесија не влијае врз намалувањето на потребите за храна, па порабувачката за неа во светот се повеќе расте (раст на светската популација), додека производството на храна тешко успева да ја достигне; додека речиси милијарда луѓе на светот денес гладуваат, пазарните цени на храната се толку ниски што фармерите поради растот на цените на инпутите не можат да го обноват производството без државни субвенции; светските резерви на храна се исклучително ниски, но нема големи државни откупи со кои тие би се пополниле (што е неопходно во времиња на „климатски хаос“ кој секогаш може да ги загрози жетвените приноси).

Покрај сите денешни неизвесноти на глобалниот пазар, сосема се јасни параметрите и ограничувањата на идниот развој на светската економија во текот на овој век:

-светската популација се зголемува што ќе бара поголеми количества на храна: светското население ќе се зголеми за 50% до 2050. година; половината од светското население веќе денес живее во градови, а ако продолжи сегашниот тренд на урбанизација три четвртини од светската популација дотогаш ќе живеат во градови;

-промената на климата на Земјата е реалност и е потребно прилагодување на условите на климатските неизвесности (тоа особено се однесува на производството на храна); производствените процеси, моделот на животот, кои произведуваат штетни емисии на гасови, како и останатите еколошки загадувања, мораат да се намалат на минимум;

-сѐ помали се необновливите природни ресурси (руди, вода за пиење, плодна земја, фосилни горива) и затоа е потребна подготовка за претстоен натамошен пораст на нивната цена на пазарот.

Овие барања и ограничувања во голема мера се однесуваат на селото и земјоделието: ќе биде потребно значително повеќе храна за да се прехрани светското население, но производството на храна ќе биде се потешко.Селото очигледно ќе ги прошири своите активности и на други области на производство: освен храната, руралните подрачја се повеќе ја преземаат и функцијата на производство на енергија.

Руралната енергија, како што ја нарекуваат денес, се однесува на производство на енергија од обновливи извори: енергија добиена од растителна маса (заедно со судирот помеѓу производството на храна и производството на биогорива), но и се поголемо користење на ветерот и сончевата енергија.

Локализацијата на храната, за да се намалат оддалеченостите помеѓу производството и потрошувачите во градовите, ќе доведе и до градење на помали погони за секундарна преработка на храна во селата, како и на други помали производствени погони- растителната маса наскоро ќе стане далеку поевтино гориво.

Тешко е навикнувањето на фактот дека животот во 21. век ќе биде поинаков од нашите очекувања. Развиениот свет денес се движи кон „ниско-карбонска” економија која означува иднина со помала употреба на фосилни горива (посебно нафта) и со помала емисија на гасови кои доведуваат до климатски промени. Во многу аспекти светот се движи кон иднината која во добар дел е се уште непозната.

Прочитај и за ... >>  Најчести грешки во инвестирањето

Во секој случај тоа означува:

-крај на потрошувачкото општество засновано на претерана потрошувачка- затоа што има се помалку природни суровини за производство на стоки, па тие ќе бидат се поскапи;

-крај на предноста на големиот град, како и негово натамошно прекумерно ширење- градовите се големи потрошувачи на енергија и големи еколошки загадувачи, а низа дејности во градот со време ќе угаснат или ќе изгубат на атрактивноста; селата и помалите градови (кои се во мерка на пешачки дистанци) се енергетски поефикасни и со време ќе добијат нови дејности и функции;

-крај на предноста на друмскиот превоз- превоз на стока со железница по единица тежина и раздалеченост троши 3 пати помалку енергија, а превозот на стока со бродови дури 30 пати помалку енергија од друмскиот превоз;

-крај на глобализацијата заснована на евтин транспорт на стока од оддалечени региони и оживување на принципот на локализација- особено локализација на храна;

-крај на индустриското земјоделство засновано на евтини фосилни горива (механизација, хемикалии за заштита на растенија, минерални ѓубрива и хибридни видови на посеви кои од нив зависат) и засновање на нови облици на органско земјоделство кои користат помали фосилни горива, ја подигнува плодноста на земјиштето и е помалку штетна за својата околина; оваа транзиција ќе бара повеќе човечки раце, односно поголем процент на население и производство на храна.

Прилагодувањето на овие услови очигледно нема да оди лесно, па заедно со денешната финансиска криза и започнатата рецесија на стопанството се очекува и глобална криза на храна. Со други зборови, претстојната глобална криза на храна нема да исчезне со престанувањето на светската финансиска криза, ниту оваа криза на храна ќе ги погоди само сиромашните земји.

Научниците најавуваат дека би можело да дојде до забавување на глобалното загревање на планетата во следните неколку години, поради топењето на ледот на половите, но веднаш потоа ќе настапат уште поголеми суши, како и се поостри последици на „климатскиот хаос” (поплави, исклучително силни налети на ветер, нагли промени на температурите). Климатските промени во најголема мера ќе го погодат производството на храна, па се неопходни поголеми вложувања на државата таа да се подготви за тој период.

Освен тоа, земјоделието, како и останатите делови на стопанството, мора да се прилагоди на услови на ниско- енергетско производство (нафта има се помалку), како и ниско-карбонско производство (со помало испуштање на штетни гасови).

Помошта на државата исто така ќе биде неопходна за примарното земјоделско производство да се заштити од пазарните шпекулации. Тоа особено се однесува на големите термински купувања на храна со кои и храната и нејзиното производство се ставаат во рацете на пазарните шпекуланти- што доведува до скоковит пораст и пад на цените на храната на светскиот пазар, со што и потрошувачите, како и производителите, се доведуваат во исклучително тешка положба.

Од се она што е пренесено, извлечено, подвлечено, допишано и коментирано во овој текст, може да се извлече следниов заклучок:

Земјоделското производство повеќе не може да опстане како исклучива грижа на селаните. Затоа во услови на економска криза односно рецесија, на криза на енергијата и драстични климатски промени, производството на храна и на енергија од обновливи извори на село треба да станат првенствена грижа на градот. Не само на градот во поширока смисла, туку и буквално-како основна грижа на блискиот град. Веќе е дојдено времето помеѓу селото и градот да се воспостави нов, многу порамноправен сојуз.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here