Прецизно одредена границата помеѓу Земјата и вселената

0
17

Конечно научниците прецизно го одредија тн. раб на вселената, односно границата помеѓу Земјината атмосфера и надворешната вселена, објави интернетскиот портал SPACE.com.

Имено, со податоците од новите инструменти што ги развија научниците од универзитетот во Калгари, Канада, е утврдено дека вселената почнува на 118 километри над површината на Земјата.

Какво значење има тоа за вселенското летање, на пример конкретно за вселенскиот туризам чии први чекори се веќе направени? Едни тврдат дека не е и не може да биде големо, други дека би предизвикало не мали проблеми, пред се во однос на правото на прелетување, а оние маркетиншки настроените велат дека би било баш „атрактивно” работ да се означи со „рекламно пано” на кое би пишувало: „Сега влегувате во вселената”.

Во новата студија инструментот наречен „Supra- Thermal Ion Imager” ја утврди границата следејќи ги релативно благите ветришта во Земјината атмосфера и значително посилното струење на набиени честички во вселената, кои можат да достигнат брзини поголеми од 1.000 км/ч. Способноста на прибирање на податоци во тоа подрачје е значајна поради големите тешкотии на мерење во таа зона, превисока за балони, а прениска за сателити.

„Ова е втор пат да се изврши директно мерење на струењето на набиените честички во тој регион, а и првпат да се вклучени сите елементи, како што се висинските атмосферски ветришта”, изјави водителот на проектот Дејвид Кнудсен.

Инструментот го носеше ракетата JOULE-II 19 во февруари 2007., кога леташе до висина од околу 200 километри над морското ниво и прибираше податоци во време од 5 минути, додека се движеше низ „работ на вселената”.

Наодите од студијата објавена во списанието „Journal of Geophysical Research” можат да помогнат во проучувањето на вселенското време и неговото влијание врз Земјата.

Меѓутоа, од границата помеѓу Земјата и вселената, како и околу оние поприземни, копнени и морски граници во некои држави, постојат многу погрешни претстави и збунувачки, противречни дефиниции. На пример, астронаутите можат да кажат дека се во вселената кога ќе ја минат висината од 80 километри.

Многумина во вселенската индустрија ја признаваат арбитрарната граница од 100 километри, што ја прифаќа Меѓународната аеронаутичка федерација (FAI), организација која ги одредува аеронаутичките мерила.

САД никогаш службено не го прифати мерилото за одредување на границата, зашто со тоа би се искомплицирало прашањето на правото на прелетување на сателити и други тела во орбитата, објаснува NASА. Контролата на мисијата на NASA ја користи границата од 122 километра како висина на која се влегува во атмосферата, зашто на неа веленскиот брод префрлува од управување со ракетни потисници на управување со површините на леталото. Некои, пак, тврдат дека ознаката „Сега влегувате во вселената” би требало да се постави на оддалеченост од дури 21 милиони километри. Имено, тоа е границата на која Земјината гравитација повеќе не е доминантна.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion