Одгледување на зелка

0
109
зелка zelka

Зелката е еден од најстарите одгледувани зеленчуци. Археолошките ископувања докажале дека човекот почнал да го одгледува во помладото камено доба- од пред повеќе од 5 илјади години.

Потекло на зелката

Многу пред новата ера почнал да расте во античка Иберија, од каде што се проширил во Египет, Грција и Рим. Постојат докази дека се одгледувал на Кавказ, во Мала Азија и на други места.

Центарот на потеклото на зелката (Brassica oleraceae) се медитеранските брегови и Атлантскиот океан.

Состав на зелката

Kако и повеќето други видови на зеленчук, зелката има мала калорична, енергетска вредност (24-28 калории на 100 грама), но содржи доста витамини и минерали. 100 грама свежа зелка има 70-100 мг витамин Ц, така што 200 грама ги подмирува дневните потреби на човекот од него. Други витамини има помалку- A,B1, B2, PP, потоаB6, B12, P, K и нов, првпат најден во зелката, витаминЈУ. Тој спречува појава на чир на желудникот. Се нарекува брасицин.

Реклама

Што се однесува на минералите, во зелката има доста калиум, фосфор, калциум, железо, магнезиум, јод, бакар и, што е мошне важно, сулфур- 90 мг на 100 грама.

Зелката содржи околу 90% вода. Освен минерали и витамини, во остатокот има доста шеќер и други јаглени хидрати, белтоци, малку масти и етерични масла.

Белтоците на зелката се лесно сварливи и мошне квалитетни. Богати се со есенцијални аминокиселини, како што се аргинин, хистидин, метионин, триптофан, лизин итн.

Протеините имаат голема хранлива вредност- слична на онаа од продуктите од животинско потекло- месо, млеко, јајца, риба.

Јаглените хидрати се мошне пристапна храна. Сочинуваат низа од шеќер, скроб, пентозани, целулоза, хемицелулоза, пектини. Оттука зелката игра голема улога и во исхраната зашто создава чувство на ситост и помага во варењето.

Видови на зелка

Кај нас најмногу се одгледува зелката главичар, и тоа насекаде- во рамнините, речните долини, ридско- планинското подрачје. Може да успее и на поголеми надморски височини, се до 2.000 метри.

Во зависност од климата се одгледува како главен или пострнишен посев. Во услови на студена, континентална клима зелката е основен или единствен посев. Во услови на умерено континентална зелката е најчесто пострнишен посев- по грашок, ран компир, јачмен, пченица и други посеви кои ја ослободуваат нивата до јули. Ова се однесува на производството на зелка за есенска и зимска потрошувачка.

zelka зелка

Во нашава земја е мошне распростането раното производство на зелка. Сеидбата почнува од половината па до крајот на февруари (во топли леи), расадувањето се врши на почетокот од април, а бербата, во зависност од сортата и надворешните услови, од јуни до јули. На поле или во пластеник.

Зелката поднесува нешто пониски температури, па за подигање на топли леи треба потенок слој на арско ѓубре отколку за домат и пиперка, 20- 30 см. Сепак, тие треба да одржуваат температура од околу 16 степени Целзиусови. Расадот на зелката не се пикира, па семето треба да се посее во редови од околу  7-10 x 2 см. За 1 хектар зелка треба околу 500 гр семе. Во еден грам има 300-500 семенки, а за 1 м квадратен леи требаат 2-25 грама семе. Во одредени услови семето задржува `ртење 5-7 години.

Зелката брзо никнува и расте. Се расадува кога малите растенија ќе добијат 5-6 лисја. По метар квадратен на леа може да се одгледуваат до 500 мали растенија, така што за хектар требаат околу 80 метри леи.

Полесните земјишта им погодуваат на раните сорти, додека потешките, позбиените, кои подолго ја држат влагата, одговараат на доцните сорти на зелка. Слабо киселите земјишта, pH 5,5-6,5, се најдобри за повеќето сорти и хибриди на зелка.

Има скромни температурни барања, поднесува краткотрајни мразеви и до -10 степени Целзиусови (сортна карактеристика), раните сорти се нешто почувствителни и измрзнуваат на околу -3 степени Целзиусови, семето `рти на 4 степени Целзиусови. Температури над 25 степени Целзиусови негативно влијаат врз растот и развојот.

Расадување на зелка

Расадувањето на раната зелка се врши во плодно, добро подготвено, влажно земјиште. Бидејќи се одгледува на помали парцели, обично се расадува рачно. Раната зелка има помала лисна розета и се сади на растојание 50 x 50, 60 x 40 или 60 x 50 cm, во зависност од сортата, плодноста на земјиштето и наводнувањето, така што по хектар се одгледуваат од 30.000 до 40.000 растенија.

По корнењето, расадот се пробира. Се отфрлаат растенијата со оштетена пупка (боквица), слабите, болните и оштетените. На избраните им се скратува лисјето за една третина. Земјата околу жилите треба добро да се подбие со садилка за жилите да бидат во допир со неа. Се сади подлабоко одошто кога растението било во леа, се до котиледонот. Веднаш по расадувањето зелката треба да се залее. Ова важи за сите растенија кои се расадуваат.

Коренот на зелката продира до 120 см во длабочина и 180 см во широчина. Без изобилни наводнувања и прихранувања нема добар принос.

За рано производство сетвата се врши во средината на февруари. Количеството на семето е 3-5g/m леја. На 1 м леја може да се одгледаат околу 500 растенија. За загревање на лејата најчесто се користи арско ѓубре.

За есенска и зимска потрошувачка сетвата се врши во мај и јуни. Се формираат леи со широчина од 120 см на незаплевелно, лесно и со хумус богато земјиште на кое порано не се одгледувала зелка. Потребни се 3-5g семе/m2, 8-10g/m22 (пикиран расад).

Ден пред расадувањето расадот на зелката треба добро да се залее. Доколку тој прераснал и ако садењето се врши по топло време, би било пожелно да се исече дел од лисната маса за да се намали испарувањето на водата преку листот и така да се подобри примањето на растението.

Доцната зелка се расадува во текот на јули кога температурите се мошне високи, па е неопходно земјиштето добро да се накваси со вода или да се сади по изобилен дожд. Бидејќи се работи за расадување на релативно крупни растенија, површинскиот слој мора да биде така уситнет како за сетва на семе, а често е тоа мошне тешко или невозможно да се постигне. Кај народот постои верување: колку покрупни грутки при расадување, толклу покрупни главици при берба. Меѓутоа, тоа зависи од други услови- сортата, квалитетот на расадот, плодноста на земјиштето, топлината и осветлувањето, наводнувањето.

Во наши услови е неопходно наводнување. Тоа треба да се врши така што зелката секогаш да има на располагање доволно вода. Поради честите наводнувања доаѓа и до испарување на азотот од површинскиот во подлабоките слоеви, па со оглед на плиткиот коренов систем на зелката, неопходно е да се изврши и едно до две прихранувања со азотни минерални ѓубрива, со 200 kg/ha KAN или ili 100 kg уреја. Исто така се јавува и кора, па и скопувањето се наметнува како неопходна мерка. Редоследот на работите изгледа вака: прихранување, наводнување и скопување.

Освен овие, често е неопходно да се применат и мерки на заштита на зелката од шететници, лисни вошки и болести од пламеница, пепелница, алтернарија и слични. Заштитата се врши штом ќе се појават пеперутки. Се користи некој од инсектицидите кои нашле широка примена во градинарството против сите штетници кои го гризат лисјето. Истовремено, ако се појави болест на лисјето, се врши заштита и против нив со средства на база на бакар и цинк и, ако е во прашање пепелница, на база на сулфур.