Nozh na voin na Aleksandar Нож на воин на Александар
Нож на воин на Александар
Потребно време за читање: 3 минути

Ножот (engl. „knife“, „dagler“; franc. „dague“, „poignard“, „couteau“; ital.„pugnale“, „coltello“; germ.„Messer“, „Dolch“, рус.„нож“) е едно од настарите алатки за домашна употреба но и средство за борба и лов.

Како блиско ладно оружје, најчесто е помошно и служи за борба гради в гради. Ножот е изработуван од камен, коски, дрво и метал. Се состои од сечиво и дршка. Сечивото има острица, врв, обично жлеб (за истекување на крвта) и телучок, а се завршува со корен на кој е дршка од дрво, метал или слонова коска, често украсувани. Некои ножеви имаат накрсница и прстени за заштита на рацете. Ножевите со две или повеќе острици се нарекуваат бодеж. Облиците на сечивото и накрсницата се менуваат со тек на времето и според нив се оценува потеклото на ножот. Ножот се држи во корица, се носи на појас, за бедрото или се вденува во чизма.

Кога ножот се појавува на тлото од Македонија?

Историски, појавата на ножот кај нас е слична како и кај другите подрачја на светот, т.е уште во палеолитот, кога бил обична плочка од кремен или пак од коска, а за што пак има обилие од вакви наоди од археолошките локалитети кај нас. Во време на неолитот ножот добива издолжен облик и поостро сечиво. Во периодот на неолитот се јавува бакарниот нож, а нешто подоцна бронзениот и железниот, што исто така верно го следат и докажуваат наодите од ваквите типови ножеви по соодветно перодичните локалитети во Македонија.

Прочитај и за ... >>  Мистеријата Стоунхенџ (Stonehenge)

За подоцнежниот развој на ножевите и нивната изработка на тлото од Македонија се поголемо е влијанието на трговската размена, како и воените експедиции на Александар III Македонски и неговите наследници, кои носат најразлични примероци од речиси целиот дотогашен познат свет. Исто така, и оние по нив кои ќе ја завладуваат Македонија, ќе го имаат своето влијание во изработките на ножот. Така, од Египет најпознат е ножот во облик на јазик, долг 15 см., во постари времиња изработуван и од камен, а во време македонската доминација над оваа земја е од различен материјал, како и бодежот со две острици. Од Вавилон, пак, Македонците го носат ножот со прав облик и остар врв, а од Индија познатиот нож „guptikardom“.

Од другите стари народи, од басенот околу Македонија кои се од исто така соодветните периоди на нивна позначајна улога на балканските простори, познати се уште и богато украсуваните бодежи од микенската култура, како и кривите ножеви со една острица кои ги користат Ахајците. Римските легионери, пак, како дополнително оружје со својот краток меч „gladius“, носат и потенок нож наречен „pugio“.

Прочитај и за ... >>  Летник - Античко-македонски празник на светлината

Од подалечните народи, во следните периоди од средновековието како и новиот век, свое влијание и примероци на видови ножеви во Македонија, ќе има од персиските, медиските и скитските кои главно имаат право, широко сечиво во облик на лист; потоа арапскиот и турскиот нож кои се со криво сечиво, но и ерменскиот нож кој е во облик на пламен. Забележано е и присуство на криви ножеви со острица кон внатрешната страна кои потекнуваат од азијскиот нож „falx“. Но особено Турците ќе го користат кривиот долг нож „kindzal“, кој го носеле вденат на појас (како и другите источни народи чии колонии ги населуваат Турците на места од Македонија и Балканот).

Од западна Европа, од среден век познат е уште и германскиот широк нож „sax“, кој заради големината е сметан и за краток меч. Како и да е, развојот на ножот како ладно оружје е се до XVII век, кога ножот постепено го губи значењето, особено во Европа, пред се заради развојот на огненото оружје- пушките, артилеријата и сл. средства за борба, кои пак сега го зголемуваат борбеното отстојание помеѓу противниците.

Прочитај и за ... >>  Македонските ора

Едноставно, ножот како и мечот ја потрошил својата функција кога битката била гради в гради. Сепак, во Македонија заради развојот на разбојништвото и анархијата, но и традицијата на носење ножеви кај исламизираните народи, тој уште долго ќе биде присутен. Особено ќе биде присутна познатата кама, нож користен масовно и од македонските ајдуци и комити. За последниве, познато е дека и заклетвата кон ВМРО ја давале пред Библија со вкрстен револвер- наган и кама.

Европјаните, пак, ќе се навратат на кратко во производството на ножот дури во првите децении од XX век, но сега како издолжен продолжеток на пушките- бајонет, при рововските судири во Балканските војни, во I и II светска војна. Заради постојаното главно поприште на Македонија и во овие војни, има обилие од наоди на бајонети од сите војски учеснички во судирите. По овие војни, употребата на ножот како некакво помасовно борбено оружје ќе опадне, па денес тој се користи уште во одредени специјални (анти)диверзантско- терористички единици (нож во варијации со функции и облик сличен на познатиот „Рамбо“ нож).

(Извори – “W.Boeheim, “Hadbuch der Waffenkunde”, Leipzig, 1890; A.Demmin, “Die Kriegswaffen”, Leipzig, 1893)

(Извор: http://www.macedonium.org/)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here