Сите знаат како се игра, ама малкумина умеат да го играат. Затоа што е тешко, мачно, се извива од маката и болот на Македонецот-печалбар, на Македонецот-откорнатик:

Удари на тапан и пискот на зурли. Стамени, горди мажи бавно формираат круг. Ороводецот со црвено шамиче во десната рака дава знак играорците да се фатат за раце. Орото почнува. Со смирено подигнување на десната нога и свиткување на коленото, започнува македонската приказна на непроболот и маката, на пркосот и непокорот.

Кореографијата на „Тешкото” е мошне сложена. Од првите чекори на играорецот, кога започнува орото, па сѐ до крај, тоа е постојано во динамика, со изедначен ритам. Највозбудливо е кога ороводецот ќе се качи на тапанот, со што симболично се претставува победата над тешкотиите. Потоа играта се разгорува, добива забрзан ритам. Секој игрaорец за миг е ороводец, го прима шамичето, го води орото и го предава на следниот, сѐ така додека сите не се изредат.

Движењето на нозете, на рацете, на телото, самиот ритам што го создаваат зурлите и тапаните, создаваат еуфорична атмосфера.

За „Тешкото” е одамна познато се: потекнува од мијачкиот крај на Западна Македонија, а неговото (само)создавање етнолозите го поврзуваат со печалбарството како судбина на луѓето. Имено, печалбарите од Лазарополе, Галичник, Гари и другите мијачки села, на верскиот празник Петровден се враќале во родниот крај за да учествуваат на свадбите на своите роднини. За време на веселбите „Тешкото” се изведувало со силни емоции, восклици и тага поради скорешното заминување на печалбарите , а често и на младоженците кои во селото си ги оставаат невестите.

Семејството Мајовци од Гари е прво кое го затропало „Тешкото”, кое ја поставило мелодиската линија. Негови потомци денес живеат во Дебар. Мајовци се Еѓупци и никој не знае од каде дошле. Во 1937. се преселиле во Лазарополе, а кон крајот на 1940. во Дебар.

„Тешкото” било и останало, не само оро, туку и неисцрпна инспирација на поетите, композиторите, режисерите, сликарите, занаетчиите. Врз елементите на „Тешкото” се напишани многу песни, раскази, снимени се филмови, создадени се дела на класична музика, новосоздадени народни и забавни песни.

Од сите нив секако на самиот врв е антологиската песна на Блаже Конески „Тешкото”. Го инспирирал еден настан во 1942. година што се случил во Прилеп. Видел како орото го играат тивко, без музика, без зурли и тапани. Песната ја напишал во 1946., а е објавена во 1948., во стихозбирката „Земјата и љубовта”:

… О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот-
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навирува река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик-
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со задржана тага.
Но ‘рзнува тапан и писок се крева
и молња светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце-сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш-се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета-
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна-за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш-в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура-
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг-
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си-внук.
Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка-на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват-сè чекор по чекор.

О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!
Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?

О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред,
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
Се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад-
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е-солза да потече врела,
зар чудно е-жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!