Потребно време за читање: 2 минути

Постојат неколку етнографски карактеристики кои македонскиот вез го изделуваат од другите на балканските простори и пошироко.

Најнапред, тоа се густо извезените површини во соодветни бои, и тоа не само орнаментите, туку и самиот фон. Тој, пак, најчесто го претставуваат неизвезените делови со контури на орнаменти, но, иако ретко, и самото бело платно.

Сите везови се работени со броење вдолж жиците од платното и најчесто од опачната страна.

Најзастапена техника на везот е т.н. „полнеж“ (гобленска техника, кос бод). Прво се обележуваат контурите на орнаментите со тенок црн, поретко разнобоен конец (постојат неколку изрази за тоа: „се црни“, „се лози“, „се ора“, „се бразди“, „се снове“), а потоа тие се полнат со разнобојна волна, свила или срма. Помеѓу најзастапените техники е и онаа со прави бодови-„подлачно“ „сокаечко“, „клашнечко“ и сл.( со неа се везени речиси сите македонски сокаи).

Речиси во сите македонски везови се забележува примената на крвчиња, како основна техника, а тие се особено застапени во везовите од Леринско Поле, Кичевија и Порече (во поново време и во Радовишко Поле).

Прочитај и за ... >>  Зурла (сурла)

Постојат и техники што се применуваат само во некои области: мијачкиот ажурен вез „кинатица“, дебарскиот ажур „кесме“, релјефните техники од Скопска Црна Гора и Долни Полог, „скорците“ од Дебарски Дримкол и „нофтено“ од Струшко Поле, „писани“ и „грабени везови“ од Прилепско- битолско Поле и Мариово и др.

Македонскиот вез најчесто се везе со волнени конци. Причина се пред се развиеното сточарство во Македонија и домашниот, традиционален начин на приготвување на најквалитетната волна („каделка“). За празнични облеки се употребувале и свилени конци, а во некои краишта било познато и домашното одгледување на свилена буба. Најчесто со свила биле везени сокаите, убрусите, шамиите, кошулите. Повеќе или помалку во везот била застапена и срма, а од почетокот на 20- от век почнува употребата и на купечки волнени конци – „фанелки“ (Кичевија), „преѓиче“ или „од камила в’лна“ (Полог) и др.

Од текстилните материјали за деловите од носијата украсени со вез, освен памукот кој одамна се произведува во Македонија, во употреба биле и ленот и конопот. Некои везови посебно барале ленен материјал поради појаките нишки, како ажурниот вез „чикме“.

Прочитај и за ... >>  Рабуши и мери

Карактеристично за постарите македонски везови е употреба на конци бојосани со природни средства за боење, познати уште кај старите Словени. На пример, употребата на броќ за добивање на црвена боја, како најзастапена во македонските везови, а од примитивните начини е познато старото боење на волна за везење во буниште.

Што се однесува на техниките на везење, карактеристично е дека речиси во цела Македонија се употребувале т.н. „подавани“ или „пуштани“ конци, сукани и присукувани само со раце, без никакви помагала. Тоа редовно го правеле по две девојки што, пак, укажува на еден од најпрвобитните начини за добивање на конци одржан до ден-денешен.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here