Кан- бисерот на Азурниот брег

0
20

Пред да се решите да го посетите:
Кан (на француски Cannes) е град во Франција, сместен во регионот наречен Alpes Maritimes кој се наоѓа западно од устието на реката Вара и југозападно од Ница. Има околу 70.000 жители (според пописот од 2006-та 70.200).

Зошто е Кан бисер на Азурниот брег?

Икопините на тлото на прочуениот туристички град укажуваат дека на тој простор во античката ера живееле Лигурците. Тие се занимавале претежно со риболов. Подоцна, под римската доминација, населбата добива мало пристаниште и складишта за размена на домашните суровини за римските занаетчиски производи.

Во 10. век од н.е. за првпат се спомнува топонимот Кан (на француски трска, а се однесува на широк простор вдолж брегот кој тогаш бил обраснат со трска). Се до 1834. година Кан бил рибарско-занаетчиска работилница без некоја важност. Меѓутоа, во јануари таа година англискиот премиер Лордот Брофам се упатил, како што тоа го правел редовно, во Ница за на тамошното сонце да се одмори од лондонската магла. Неговите кочии морале да запрат во Кан. Колера ја зафатила Ница и власта забранила да се напушта или некој да влезе во тој град. Лордот Брофам веќе минал стотици и стотици милји, бил близу до своето омилено зимувалиште и не сакал да се врати во магливата Англија. Останал во Кан надевајќи се дека по неколку дена ќе може да го продолжи патот до Ница-од неа го делеле само уште 25 километри.

Меѓутоа, епидемијата не е совладана и англискиот премиер својот одмор го минал во Кан. Хотели немало, па тој живеел во една рибарска куќичка на самиот брег. Домаќините биле мошне љубезни, му приготвувале на високиот гостин вкусни јадења од риби и го честеле со добро вино. Благодарение на убаво поминатите денови во Кан, наредната година Лордот Брофам не заминал во Ница, туку запрел во Кан и тука го минал целиот одмор.

Тоа била своевидна сензација за која пишувале угледните лондонски весници. Едновремено, на тој начин била направена најдобрата реклама за Кан, зашто веќе следната зима по стапките на првиот министер тргнале во Кан неколку десетици припадници на лондонското високо друштво. Сите биле гости на љубезните рибари.

Се до својата смрт Лордот Брофам му останал верен на Кан. Во тој град минал 34 зимски одмори. Со него не била само официјалната придружба, туку и голем број на Англичани кои сакале да го имитираат својот премиер и лондонските весници да пишуваат за нив како зимуваат во рибарската населба на Азурниот брег.

Набрзо вештите домаќини изградиле удобни хотели, ресторани и се што им е потребно на размазените туристи.

Кан станува центар на европската елита, но и омилено место на исстакнати уметници: Проспер Мериме со години доаѓал во него, во Кан и умрел; Ги де Мопасан во овој град напишал повеќе раскази.

Од месец во месец Кан е во центарот на светскиот публицитет: празник на мимози во февруари, потоа пролетна изложба на цвеќе, натпревари во разни спортови и посебно филмскиот фестивал. Кан е веќе филмска престолнина на светот.

Лордот Брофам не е заборавен. Благодарниот Кан му подигнал убав споменик во природна големина во паркот близу до морето.

Денес Кан е место каде што се собираат светските богаташи. Во неговиот залив е уредено едно од најлуксузните пристаништа за јахти во Франција, заштитено не само од ветрови од копно, туку и од море, зашто пред него, на морската шир, се испречува островот Лерин.

Можеби најголема вредност на Кан е неговата плажа „Ла Кроазет“, долга 2 километра, а широка околу 20 метри, составена од фин порфиричен песок. Втората плажа, близу до неа, се вика „Ла Напул“ и е со многу поголеми димензии: долга е 12 километри и широка 30 метри. Со овие две плажи со црвенкаст песок ретко која медитеранска плажа може да се спореди.

Канскиот филмски фестивал за првпат е одржан во 1946. година.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion