Како да се „опколите“ со жива ограда

0
22
ziva ograda жива ограда

Живата ограда (која било) е најдобро да се сади на пролет или во есен, а доколку се одлучите за контејнерски садници оваа работа можете да ја извршите во текот на целата година. Голем број на растителни видови погодни за формирање на жива ограда овозможуваат за секоја положба и секое земјиште да се пронајде соодветен вид, кој во целост ќе ги задоволи Вашите барања и ќе ги исполни своите функции: заштитна, еколошка, естетска…

Обликот и висината на живата ограда се одредуваат со окастрување.

Видови на жива ограда

Постојат 3 вида на жива ограда: слободнорастечка формирана од повеќе различни видови на растенија, слободнорастечка формирана од еден вид и режана-окаструвана жива ограда формирана од еден вид.

Што се однесува на типот на живата ограда, можете да се определите за листопаден, зимзелен или четинарски.

Реклама

Како се сади живата ограда

Таа се сади во дупки или ров, со длабочина од 40 до 60 см и широчина обично 2 пати поголема од пречникот на базот од набавени растенија. Дното на дупката или ровот се прекопува и се насипува со земја збогатена со тресет, компост или NPK минерално ѓубриво.

Растенијата пред садењето треба да се подготват- окастрат оштетените изданки и гранки, а доколку сте набавиле растенија со гол корен- оштетените делови од коренот. Ако таквите растенија подолго време поминале надвор од земја, треба неколку часа пред садењето да се стават во вода.

Растенијата се редат во дупките/ ровот, се покриваат со земја, која потоа треба добро да се нагази, а на крајот изобилно да се залее. Добро е да се остават ивиците на садната јама малку издигнати, за водата да се задржува околу коренот на рестението.

Едноредна или дворедна

Живата ограда може да биде едноредна или дворедна. Дворедната се сади во наизменичен-тријаголен распоред. По садењето растенијата треба да се окастрат на височина од 15-20 см и да се обликуваат.

Растенијата кои не се примиле следната сезона треба да се заменат со нови, за израснатата ограда на сите места да биде подеднакво густа. Одржувањето бара доста труд: редовно залевање, плевење, прихранување два пати годишно и режење- окастрување.

Правилното окастрување е мошне важно, за долниот дел од живата ограда да не се прореди поради недостиг на светлина. Првото окастрување- појако, се врши од октомври до февруари, кога се оставаат неколку нови изданки. Другото се врши во мај- јуни.