Инвестиции

0
21

Во најширока смисла, под нив се подразбира секоја употреба на средства (фондови) како капитал или нивно претворање во барања за доход.

Инвестициите можат да се вршат директно, со непосредно прибавување на некое инвестиционо добро (недвижнина, машини) или индиректно, со прибавување не некој правни наслови (акции, хипотеки и сл.).

Во потесна смисла, тоа се вложувања во фиксни фондови на стопанството и општествениот стандард.

Инвестициите можат да бидат јавни или приватни, во зависност од тоа дали ги врши јавната власт и нејзините органи или приватник, односно приватна стопанска организација.

Според начинот на утврдување на вредноста на инвестиционите средства се разликуваат: бруто инвестиции, кои претставуваат вкупна вредност на вложените инвестициони средства и содржат, кога е збор за инвестиции во стопанството, елементи и на едноставна и на проширена репродукција; и нето инвестиции, кои се добиваат кога од вкупната вредност на инвестициите ќе се одбијат амортизационите отписи.

Опфатот на инвестициите зависи од големината на народниот доход, од неговата распределба, од производствените односи и од стопанската политика на одредена земја.

Интензитетот на инвестициите обично се мери со уделот на нето инвестиции во националниот доход. Се смета дека нето инвестициите од над 15% се мошне високи, од 10% до 15% високи, од 5% до 10% послаби, а под 5% слаби.

Инвестициите се делат на економски и демографски. Демографски се оние што се вложуваат за, со оглед на прирастот на населението, големината на народниот дохот и општествените фондови по глава на жител, да се одржи постојното ниво. Нивната општа стапка според К. Кларк е 4% од народниот доход.

Натаму, инвестициите се делат на стопански и нестопански. Нормалниот удел на нестопански инвестиции во општиот бруто инвестиционен глобал претставува 1/3.

Инвестициите се вршат од инвестициони средства. Тоа се средства на општествено- политичките заедници- општините односно локалните заедници, одделните единици во федерацијата или конфедерацијата, одделни земји во сојузната држава, унијата итн., потоа на самата држава, банките, стопанските организации и граѓаните, па и приватниците.

Дезинвестициите настануваат кога амортизацијата е поголема од инвестициите.

Инвестициони клучни објекти се оние чија важност е капитална за некое стопанство. Капиталната изградба опфаќа само стопански објекти.

Автономни инвестиции се оние што не зависат од односот на понудата и побарувачката, висината на каматната и профитната стапка, нивото на доходот и другите внатрешни фактори на економскиот систем, туку се детерминирани од егзогени социјални, политички, технички и други фактори, како што се порастот на населението, големите пронајдоци, уредувањето на нов процес на производство, политички причини на инвестирање во одделни краишта, објава на војна, подигање на воена индустрија, природни катастрофи итн.

Инвестиционен договор е посебен меѓународен договор што го склопуваат држави или стопански претпријатија на различни држави, а се однесува на давање на кредит, кооперација во изградба на објекти и др. Не е мал бројот на земји кои склопуваат инвестициони договори и со Меѓународната банка за обнова и развој.

Инвестициона политика е политика што ја водат стопанските фактори поради инвестиции-стопанските претпријатија, општествено- политичките заедници и др.

Инвестиционен акредитив се отвора по налог на инвеститорот од неговиот инвестиционен кредит во негова корист или во корист на трето лице (акредитив).

Инвестициона амбалажа е крупна амбалажа (железни и дрвени буриња, цистерни и сл.) која претставува составен дел на основните средства на претпријатието и чие трошење се внесува во цената на производот под ставката „амортизација“.

Инвеститор е физичко или правно лице за чија сметка се вршат инвестиции, без оглед на тоа дали тие се вршат од сопствени или туѓи средства (буџетски средства, средства на различни фондови, инвестициони заеми и сл.).

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion