Термометар Termometar
Потребно време за читање: 4 минути

Термометар е инструмент за мерење на температура. Се нарекува уште и топломер.

Се заснова на фактот дека две тела со допир се доведуваат на иста рамнотежна температура. Температурата што ја покажува е наедно температура на телото со кое тој е во допир.

Термометрија

Термометријата користи низа феномени кои зависат од температурата, на пример зголемувањето на далечината (метални термометри), волуменот (гасни термометри, термометри со течности), електричниот отпор (отпорни термометри) и термоелектричниот напон. Термометрите кои мерат температура врз основа на интензитетот и видот на зрачење што некое тело го емитува се нарекуваат оптички пирометри.

Стаклен термометар

Стаклениот термометар со течност служи за мерење на температура во распон од опколу -200 до +600 степени Целзиусови. Се состои од сад поврзан со градуирана капиларна цевка. Садот се затвора откако делумно ќе се исполни со течност и со греење ќе се постигне целосно истиснување на воздухот, така што над течноста, кога таа поради изладувањето ќе се стисне, се наоѓа воздушен празен простор. Поради различните коефициенти на топлинското растегнување на стаклото и течноста, напоредно со растот на температурата се подига нивото на течноста во градуираниот капилар. Најчесто употребувана течност е живата, а за пониски температури алкохол и други органски споеви.

Притисочни термоментри

Притисочните термометри дејствуваат врз основа на зависноста на притисокот на течноста, гасот или пареата од температурата. Служат главно за мерење на температура во индустријата во подрачја од -200 до +600 степени Целзисуови.

Прочитај и за ... >>  Етер

Биметален термометар

Биметалниот термометар има две тесни ленти од различни метали, цврсто прилепени една до друга и свиткани во спирала. Кога температурата расте, различното растегнување на двата метала предизвикува извивање на биметалната лента кое се пренесува на сказалката .

Отпорен термометар

Отпорниот термомтар се користи со промена на електричниот отпор со температура кај металот и полуводичот. Обично дејствуваат така што мерниот инструмент на термометарот е во рамнотежна положба (нула на инструментот) кај дадена температура. Ако се промени температурата, потребно е со потенциометар да се додаде определен отпор за повторно да се воспостави рамнотежа. Задвижувањето на потенциометарот обично е баждарено во температурна скала. Со овој метод на мерење (компензационен метод) се избегнуваат низа на грешки до кои може да дојде при директно исчитување на градуираната скала на инструментот.

Максимални и минимални термоментри

Максимални и минимални термометри ја мерат максималната односно минималната температура во одреден временски интервал. Во принцип, тие можат да бидат кои било од наброените типови, но најчесто се употребуваат термометри со течност. Ако, на пример, се сака да се мери максималната температура во некој временски период, тогаш во капиларот ќе се вметне една брана така што течноста, на пример жива, може да се подига според неа, но не може да се спушта сама од себе (лекарски термометри). Таквите термометри често се користат и за одржување на константна температура (температурна регулација). Наједноставен температурен регулатор има во цевка со натопени две електроди во жива, од кои едната лежи во живата. Кога темепратурата ќе порасне над одредена вредност, живата се шири и ја опфаќа и другата електрода. Струјата потекува низ кругот и го прекинува кругот за греење.

Прочитај и за ... >>  10-те најголеми математички загатки

Баждарење

За баждарење на термометарот служат температурни стандарди. Додека некогаш се користеле гасни стандардни термометри, од 1927-ма година се употребува стандарден платински термометар на електричен отпор за пониски температури, а за повисоки стандардната точка на топење на златото (1063 степени Целзиусови), една од тн. секундарни фиксни точки. На термометрите се употребуваат неколку скали.

Употреба

Во метеорологијата се употребуваат термометри за мерење на температурата во приземниот слој на атмосферата, во слободната атмосфера, која е надвор од директното влијание на зрачење на површината на Земјата, на површината и во различни длабочини на почвата, во површинските слоеви на реките, езерата и морињата.

За мерење на температурата на воздухот во приземниот слој на атмосферата најчесто се употребуваат термометри со капиларни цевки кои се наполнети со жива или алкохол; таквите термометри се сместени во термометарско засолниште.

Значителна примена во метеорологијата имаат деформационите термометри со Боурдонова цевка и биметалниот термометар.

Боурдонова цевка

Боурдоновата цевка е кружно свитката, еластична метална цевка, со тенки брани чиј пресек е издолжена елипса; наполнета е со погодна течност, мошне често тоулен. Со промената на температурата се менува обемот на течноста, па поради тоа цевката се деформира; деформацијата на цевката служи за мерење на температура. Боурдоновите цевки и биметалните ленти се употребуваат особено кај уредите за регистрирање на температура (термографи), а биметалните ленти во радио-сондите.

Прочитај и за ... >>  Помалку познати науки

За мерење на температурата на воздухот во многу високите слоеви на атмосферата со помош на ракети се употребуваат електронските елементи термистори.

За мерење на температурата на почвата служат повеќе типови на термометри. Во помалите длабочини температурата се мери со коленести термометри,кај кои делот со резервоарот спрема делот со скалата е свиткан под агол од 135 степени, така што резервоарот е во почвата, а скалата над неа; температурата може да се исчита, а термометарот да не се вади од почвата. За поголеми длабочии се употребуваат термометри со големи резервоари кои се спуштаат на одредена длабочина во метална цевка.

Термометриско засолниште

Термометарското засолниште или термометарска куќичка, во метеорологијата, е бело бојосана кутија со брани од косо поставени штички (ребренки, жалузии), поставена на четири носачи (нозе), така што внатрешниот простор на засолништето е на висина од околу 2 метра над земјата. Браните се така конструирани што помеѓу штичките и внатрешноста на засолништето воздухот може слободно да циркулира. Во термометарското засолниште се наоѓаат инструменти (термометри за мерење на температура и влага на воздух, односно сув и влажен термометар или психрометар, екстремни термометри или максимум и минимум термометри), кои на тој начин се заштитени од директно дејствување на Сончевите зраци и зрачењата на околните тела. Резервоарите на термометрите мораат да бидат точно 2 метра над почвата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here