Идните промени во европското земјоделие

0
28

Европската агенција за природна средина (EEA) упатува на клучните теми на одржливост на земјоделското производство и неговите идни промени. Тоа се нафтата, климата, водата и екологијата.

Што се однесува на нафтата, состојбата е загрижувачка: светот би можел да остане без неа за 20 години! Ова го предвидува Мишел Мале, главен менаџер на францускиот енергетски гигант „Total“ за Германија. Тој потврдува дека досега се извадени половина од светските резерви на нафта и оти вадењето на остатокот ќе биде се потешко и поскапо.

Сегашната цена на нафтата не е доволна за компаниите да вложуваат во нови извори. Недостигот од нафта би можел да ја предизвика следната глобална рецесија.

Намалувањето на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина кои доаѓаат од земјоделието би можело да го ублажи влијанието врз промените на климата, велат стручњаци и бараат ОН да го стават овој сектор во центарот на разговорите за климата.

Меѓународниот институт за истражување на политиката на храната (IFPRI) наведува податок дека од земјоделието доаѓаат околу 14% од вкупната емисија на гасови со ефект на стаклена градина, а според проценките кои го земаат предвид и транспортот на храната од оддалечените региони тој процент е околу 20%. Според проценките на институтот, земјоделието би можело да ја намали емисијата на овие гасови со промени во технологијата на производство и комбиирање на посевите со повеќегодишни растенија или растенија кои имаат подлабок коренов систем (тие подобро го таложат јаглеродот во земјиштето и имаат пристап до влагата во подлабоките слоеви). IFPRI предлага намалување на класичното орање, промени во селекцијата на растенијата, во начинот на иригација и користењето на вештачките ѓубрива, како и во изборот на видовите стока и начинот на нивната исхрана.

Климатските промени ќе влијаат врз ресурсите на вода, земјиштето, растителните штетници и болестите. Ова ќе доведе до значајни промени во условите за земјоделие и одгледувањето на стока, со негативни и позитивни последици за различни европски региони.

Европската агенција за природна средина (EEA – European Environment Agency) заклучува дека живееме над нашите можности кога е во прашање водата. За да се запре прекумерната потрошувачка, агенцијата ги препорачува следниве мерки:

-цената на водата треба да зависи од употребените количества-тука вклучувајќи го и земјоделието;
-владите треба да применат планови за суша;
-посевите за производство на биоенергија, кои бараат интензивно користење на вода, треба да се избегнуваат во региони кои ја немаат доволно;
-со комбинирање на подобра селекција на растителни посеви и методи на иригација може да се зголеми ефикасноста во користењето на водата;
-треба да се подигне свеста на населението за потребата од рационално користење на водата;
-да се намали неконтролираното истекување на водата од јавните водоводи;
-да се спречи илегалното вадење на подземни води;
-да се зголеми користењето на отпадни води (со пречистување).

Како што потенцира EEA, со фармерите кои обработуваат речиси половина од копнената површина на Европа, земјоделскиот сектор стана главен извор на притисок на европската природна средина. Повеќе од пет децении европската Заедничка земјоделска политика (Common Agricultural Policy-CAP), која зема околу половина од буџетот на ЕЗ, го охрабруваше овој сектор да стане се повеќе интензивен, како што растеше глобализацијата на светската економија. Како резултат на ова, земјоделскиот сектор стана одговорен за огромниот удел во загадувањето на површинските води и мориња со хранливи материи (од вештачките ѓубрива), за загубата на биодиверзитетот и за присуството на резидуи на пестициди во подземните води:

„Економските, техничките и социјалните трендови имаат главно влијание врз земојделието, независно од земјоделската политика. Човечката работна сила е заменета со се поголема машинерија, а користењето на пестициди и други хемиски инпути е зголемено. Земјоделието се специјализира на сточарството и градинарското производство во многу региони, а просечната големина на фармите беше во постојан пораст. Ова доведе до поефикасно производство и пониски цени на храната, но исто така доведе до поуниформни производи во храната и значаен притисок врз природната средина од страна на земјоделието… Заедничката земјоделска политика на Европа (CAP) повеќе не може да биде прифатена како главен придвижувач на интензификација на земјоделското производство…Помошта од CAP треба да биде подобро насочена на системите на земјоделие кои се почувствителни спрема природната средина“.

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion