Потребно време за читање: 3 минути

Постојат многу популарни дефиниции за христијанската молитва. Според Јован Дамаскин, таа е „воведување на умот во Бога“. За Рахнер е „отворање на срцето за Бога“. Хајлер ја дефинира како „изразување на религиозно доживување“. А за Батрик, пак, таа е начин да се запознае Бог „лице в лице“. Бројни се и дефинициите што ги вклучуваат идеите за разговор и заедништво со Бога.

Гледано теолошки, упразнувањето на молитвата претпоставува Божјо присуство во човековото искуство и лично обраќање на поединецот. Мотивите за молитва се разни: од желбата за материјална корист, до надеж за мистично соединување со божеството.

Раното христијанство ја наследило еврејската традиција на молитвата, особено на псалмите и формите кои во синагогата се воведени по вавилонското ропство.

Евангелијата на апостолите Матеј и Лука го прикажуваат Исус како ја учи молитвата Господова како основен пример. Тој ветува дека молитвата на оние што молат во негово име ќе се чуе и оти на неа ќе биде одговорено. Предупредува на лицемерието и празните зборови, ја охрабрува молитвата во тајност и ги упатува своите следбеници да се молат, иако Бог веќе ги знае нивните потреби.

Време на молитва:

Раните христијани ги презеле еврејските часови за молитва. Молитвата Господова се изговара три пати дневно. Во монаштвото канонските часови на молитва се одредени во правилни растојанија за да се освети денот. Читањето на молитви во одредено време станува главен елемент на христијанското верување.

Прочитај и за ... >>  Благослов при пиење вино и ракија на свадба

Начини:

Молитвата може да биде гласовна, во неа се изговараат утврдени или спонтани молитви, или ментална, во неа преовладуваат чувствата. Контемплативната молитва е едноставно свест за Божјото присуство без зборови и поими.

Форми:

Се разликуваат: молитви на слава, молитви на благодарност, исповедни молитви, молитви на повикување и на посредување. Ивли ја нарекува паганска онаа молитва што се обидува да влијае на Бога или да го привлече неговото влијание на нешто на што човекот, според сопственото чувство, не е доволно свесен. Вели дека со таа молитва побрзо се менува поединецот кој моли отколку Бог. Меѓутоа, Батрик тврди дека вековите на христијанското искуство сведочат, пркосејќи му дури и на скептицизмот, дека молитвата навистина ја менува ситуацијата.

Познати молитви:

Молитвата Господова е несомнено најмногу во употреба, и поединечно и во заедница. Во православието мистичната традиција ја развила тн. Исусова молитва (“Господе Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешен”). Се верува дека нејзиното непрестано повторување воведува во состојба на мистична свест за Бога. Кај римокатолиците Аве Марија долго била популарен облик на побожност.

Прочитај и за ... >>  Народно верување: Таласами

Литургија:

Црковната молитва при богослужење ја вклучува и монашката служба Божја, молитви поврзани со светите тајни и молитви што се употребуваат во заедничкото богослужење. До 5-от век од н.е. литургиските молитви се стандардизирани и се изгубила спонтаноста. Римската миса на крајот станала задолжителна на Запад, додека на Исток преовладеала литургијата на св. Јован Златоуст. Протестантската реформација создала мноштво на нови литургии насочени на обновување на жртвениот елемент во мисата. Традицијата на слободната црква ја вратила спонтаната молитва и ги отфрлила утврдените облици.

Молитвеници:

Не е сочувана ниедна збирка на молитви за лична употреба од времето на древното христијанство, иако останал извесен литургиски материјал. Судејќи според бројот на пишаните коментари, се чини дека псалтирот бил многу користен во личната молитва. Во доцниот Среден век се појавил “Часословот” во кој имало псалми, химни, молитви и текстови за лична употреба во канонски одредени часови. Ваквите книги се често чувани поради своите уметнички квалитети.

Во поново време се појавиле многу збирки на традиционални и современи молитви и имало многу експерименти со употреба на нетрадиционален јазик на молитвите.

Пример:

Молитва од Книгата на пророкот Јона, од Стариот Завет:

Молитвата на Јона и неговото избавување

Прочитај и за ... >>  Ежова трева

И му заповеда Господ на еден голем кит да го проголта Јона; и Јона остана во утробата на тој кит три дена и три ноќи.

Му се помоли Јона на својот Господ Бог од утробата на китот, па рече: „Кон Господа повикав во мојата неволја, Он ме чу: извикав од утробата на пеколот-и Ти го чу гласот мој“.

Ти ме фрли во длабините, во срцето на морето, и вода ме опколуваше, и сите води Твои и бранови Твои минеа преку мене.

Тогаш реков: Отфрлен сум од очите Твои, но сепак, пак ќе ја видам светињата Твоја;

Ме притиснаа водите до душата моја, бездната ме затвори; со трева морска главата моја е обвиена.

Слегнав до основите на планините, земјата со резињата свои за навек ме затвори, но Ти, Господи, Боже мој, ќе ја изведеш душата моја од пеколот.

Кога изнемогна душата моја, се сетив на Господа, и молитвата моја стигна до Тебе, до светиот храм Твој.

Оние, кои почитуваат лажни богови, Го оставија својот Милосрден, но јас со похвален глас ќе Ти принесам жртва; она што сум го ветил, ќе го исполнам. Во Господа е спасението!“

Тогаш му заповеда Господ на китот, и тој го исфрли Јона на суво.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here