Диоген од Синопа

0
71

Диоген живеел од околу 400-тата година пр. н.е. до 323-тата година пр.н.е.

Тој е еден од најзначајните претставници на тн. киничка школа.

Барал враќање кон природната состојба. Порекнувал секаква култура и какви било потреби. Живеел како бескуќник, спиел во буре и ги отфрлувал сите културни и општествени норми како баласт кој на човекот му оневозможува да биде рамнодушен спрема богатството, славата, честа, семејството, политиката, религијата и спрема се друго што е неприродно.

Диоген Лаертиј, во своето дело „Животот и мислењата на истакнати филозофи“, опишува како изгледале и со што се служеле киниците, како Диоген од Синопа:

„Еден дебел стап од диво маслиново дрво, една парталеста поставена наметка која ноќе служела како постела, една просјачка торба за храна и еден сад за вадење на вода“.

Во својот поголем запис за Диоген, Лаертиј, меѓу другото, пишува:

„Дење палел свеќа и зборувал: ‘Барам човек’“.

Сметал дека Платоновите предавања се губење на времето. Кога овој го дефинирал човекот како „Двоножец без пердуви“, Диоген искубал петел, го донел во академијата и рекол:

„Еве го Платоновиот човек!“

На прашањето зошто луѓето им даваат пари на просјаците односно сакатите, а не им даваат на филозофите, одговорил дека многумина се плашат дека би можеле да го изгубат видот или рацете и нозете, но никој не ни помислува дека би можел да стане филозоф.

Инаку, Диоген било мошне популарно име во стара Грција, а значи отприлика „зачнат од Бога“. Затоа во историјата на филозофијата постојат повеќе Диогени. Диоген од Синопа уште се нарекува Куче (kynos) зашто наводно живеел со кучиња, а оттаму и називот Киници за припадниците на школата која го застапува „враќањето кон природата“, односно наједноставниот начин на живот.

За неговиот живот, за ставовите и постапките говорат многу, често непроверени анегдоти.

Најпопуларна е секако онаа за средбата со Александар Македонски, најмоќниот тогашен владетел). Кога му рекол дека сака да му исполни една желба, Диоген побарал да му се тргне од сонцето оти му пречи при сончањето. Некои тоа го толкуваат како владетелско спречување на светлината. Одговорот на Александар:

„Кога не би бил Алкександар, би сакал да бидам Диоген“.

Интересен е податокот дека двајцата умреле на ист ден- кога Александар имал 33, а Диоген 90 години.

Наводно Диоген одбил да го бара својот единствен избеган роб со зборовите:

„Би било апсурдно тој (робот) да може да живее без Диоген, а Диоген да не може да живее без роб“.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion