Букурешкиот договор

0
196

Иако Букурешкиот договор, потпишан на 10. август 1913. за време на Букурешката конференција, е договор за мир, тој не претставува ништо друго освен поделба на териториите на поразениот по Втората балканска војна-Турццја. Станува збор за конечна поделба на териториите кои дотогаш биле под османлиска власт (Македонија, Косово и Метохија, Васојевиќи, Санџак, Тракија и Северен Епир).

Текстот на договорот не претставува никаква тајна.  Го има во книгата на Д-р Михајло Миновски „Документи: Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861- 1913“, а проф. Д-р Ванчо Стојчев, специјалист за воената историја на македонскиот народ, објави факсимили од него, меѓу кои и на грчки јазик.

Воопшто не е спорна оценката, не само на македонски историчари, дека Договорот е целосно антимакедонски, антитурски, антиавстроунгарски и антиромански, односно антидемократски.  Тој е пред се офанзивен спрема Турција како поразена страна, а што го потврдува и Спогодбата за воените планови, правците на дејствување и операциите против Империјата, составена врз негова основа.

Македонија била поделена на три дела: егејскиот, со површина од 34.356 км2, го добила Грција, вардарскиот, со површина од 25.342 км2 и припаднал на Србија, пиринскиот, со 6.798 км2, влегол во составот на Бугарија, а Албанија добила 1.115 км2.

Иако засега не е познато дека постои некаков анекс кој го утврдува тоа (престанок на важноста), има бројни аргументи дека Букурешкиот договор „автоматски“ одамна престанал да важи!

На пример, доколку се има предвид „светоста“ на докажано поседување на имоти од страна на егејски Македонци на териториите на кои се однесува (особено важно во нашево време), тој е невалиден уште пред да биде потпишан!

Меѓутоа, најсилен аргумент е секако „Република Македонија“ како независна држава; кој било договор од таков или сличен тип престанува да важи за територија која во меѓувреме стекнала државност.

Натаму, престанокот на важноста на Букурешкиот договор би можел да го прогласи или да го бара Турција, бидејќи се одземени-поделени, присвоени тогашни нејзини територии (и македонската во нејзин состав). Настрана фактот што дури и кога би постоел анекс за ограничено времетраење (што е само по себе нонсенс), па тој да може да се реализира, тоа не би можело да измени ништо. Имено, во грчкиот дел на Македонија е целосно изменета структурата на населението, па негрчките жители кои до 1913. година биле мнозинство сега се малцинство. Во тој контекст е реална претпоставката дека негово обновување или редефинирање би сакале Бугарија и Грција (Србија „веќе нема што да бара“).

Треба да се респектира и ставот на стручни луѓе од други области, на пример правници. Тие посочуваат на институтот ништовност во меѓународното право, а кој ги „содржи“ заблудата (во однос на фактите), измамата (злонамерно преставување на факти со цел да се создаде лажна претстава за нив),принудата, истекот на рокот, предвиден услов за раскинување, едностран отказ од страна на договорот (но Турција не е потписник на тој договор). Треба да се има на ум и институтот нова принудна норма (jus cogens superveniens) од општото меѓународно право- правото на самоопределување на народите што преставува основно право, рамковен принцип на постојното меѓународно право.

Што се однесува на перспективата на Македонците, реално и дури единствено можно (доколку во меѓувреме не се „превртат“ интгегративните процеси) е нивно „територијално“ обединување единствено во Европа без граници (Македонија како членка на ЕУ). Се разбира, пред се духовно…во меѓувреме, како што тоа доследно и мошне смислено, стратегиски долгорочно го прават друг(и) не само на балканскиве простори.

Ја објавуваме интегралната верзија на Букурешкиот договорот со кој е поделена територијата на Македонија:

„Нивните Величества: Кралот на Романија, Кралот на Грците, Кралот на Црна Гора и Кралот на Србија од една и Неговото Величество Кралот на Бугарите од друга страна, со желба да стават да стават крај на сегашната воена состојба во која што се најдуваат нивните земји и подготвени, во стремежот за ред, да воспостават мир меѓу своите народи, толку многу напатени, одлучиле да склучат дефинитивен мир.

Нивните Височества за таа цела наименувале свои помошници и тоа:

Неговата Екселенција кралот на Романија:
Господинот Тито Мајореску, својот претседател на Министерскиот совет и министер за надворешни работи, Неговата Екселенција господинот Александар Маргиломан, својот министер за финансии, Неговата Екселенција господинот Таке Јонеску, својот министер за внатрешни работи, Неговата Екселенција господинот Константин Дисеску, својот министер за просвета и црковни работи, дивизискиот генерал аѓутант К. Коанда – главен инспектор на артилеријата и полковникот К. Кристеску – заменик шеф на Генералштабот.

Неговото Височество Кралот на Елините:
Неговата Екселенција господинот Елефтерос Венизелос, својот претседател на Министерскиот совет и воен министер, неговата Екселенција Димитри Панос, својот ополномоштен министер; господинот Николас Политос, професор по Меѓународно право на Парискиот универзитет; капетанот Ат. Егзадактилос и капетанот К. Пали.

Неговото Височество Кралот на Црна Гора:
Неговата Екселенција генералот сердар Јанко Вукотиќ, својот претседател на Министерскиот совет и воен министер и господинот Јован Матановиќ, поранешен вршител на работите на Црна Гора во Цариград.

Неговото Височество Кралот на Србија:
Неговата Екселенција господинот Никола Пашиќ, својот претседател на Министерсткиот совет и министер за надворешни работи; Неговата Екселенција господинот Михаило Г. Ристиќ, својот вонреден пратеник и оплномоштен министер во Букурешт; Неговата Екселенција господинот д-р Мирослав Спалајковиќ, својот вонреден пратеник и ополномоштен министер; полковникот К. Смиљаниќ и потполковникот Д. Калафатовиќ.

Неговото Височество Кралот на Бугарите:
Неговата Екселенција господинот Димитар Тончев, својот министер за финансиси; генерал-мајорот Иван Фичев – шеф на Генералштабот на својата војска; господинот Сава Иванчов, доктор по право и поранешен потпретседател на Собранието; господинот Симеон Радев и генералштабниот полковник Константин Станчов.
Тие на предлог на Кралската Романска Влада, се состанале на Конференцијата во Букурешт, снабдени со свои полномоштва сосема во ред. По среќно постигната спогодба, ги договориле следните одредби:

Чл. 1
Од денот на размена на ратификациите на Договорот, ќе настапи мир и пријателство меѓу Неговото Височество Кралот на Романија, Неговото Височество Кралот на Бугарите, Неговото Височество Кралот на Елините, неговото Височество Кралот на Црна Гора и Неговото Височество Кралот на Србија, како и меѓу нивните наследници и законити следбенции на нивните држави и поданиците.

Чл. 2
Старата граница помеѓу Кралството Бугарија и Кралството Романија меѓу Дунав и Црно Море, согласно записникот на воените делегати на двете страни и дополнителниот протокол број 5 од 22 јули 1913 година на Букурешката конференција, е корегирана како следува:

Новата граница ќе поаѓа од Дунав, низводно од Туртукаја и ќе излезе на Црно Море јужно од Екрене. Помеѓу овие две крајни точки граничната линија ќе минува по трасата обележана на картата 1:100 000 на романскиот Генералштаб, а според описот даден во овој член. Јасно е договорено Бугарија, најдоцна во рок од две години, да ги сруши постоечките фортифкации и да не гради други во Рушчук, Шумла во областите меѓу нив и во зоната од 20 км околу Балчик. Мешана комисија составена од претставници на двете високи договорни страни, во еднаков број на едните и другите, ќе и биде ставено во задача да ја повлече трасата на новата граница, согласно горните одредби, во рок од 15 дена од потпишувањето на овој договор. Оваа комисија ќе претседава при поделбата на подвижниот имот и капиталот што досега биле заеднички имот на окрузите, општините или на здруженијата на жителите, а се разделени со новата граница. Во случај да не се постигне договор за трасата и за мерките за извршување, двете високи договорни страни се обврзуваат да се обратат на трета пријателска влада со молба да се определи арбитер чија што одлука за спорните прашања ќе се смета за дефинитивна.

Чл. 3
Границата помеѓу Кралството Бугарија и Кралството Србија ќе оди по трасата, согласно записникот на воените делегати приложен кон протоколот бр. 9 од 25 јули 1913 година, како што следува:

Граничната линија ќе поаѓа од врвот Патарица на старата граница и ќе оди по старата турско-бугарска граница и вододелницата меѓу Вардар и Струма, изземајќи го горниот дел на струмичката долина што ќе остане на српската територија, ќе излезе на на планината Беласица каде што ќе се спои со бугарско – грчката граница. Детален опис на оваа граница и на нејзината траса на картата 1:200.000 на австро-унгарскиот Генералштаб е даден кон овој член.

На мешовитата комисија составена од претставниците на двете високи договорни страни во еднаков број на едните и другите, ќе и биде ставено во задача, во рок од 15 дена од потпишувањето на овој Договор, да ја повлече трасата на новата граница согласно горните одредби. Оваа комисија ќе претседава со поделбата на подвижните имоти и капитал што досега биле заеднички имот на окрузите, општините или на здруженијата на жителите, а се разделени со новата граница. Во случај да не се постигне договор за трасата и за мерките за извршување, двете високи договорни страни се обврзуваат да се обратат на трета пријателска влада со молба да се определи арбитар чија што одлука за спорните прашања ќе се смета за дефинитивна.

Чл. 4
Прашањата што се однесуваат на старата српско-бугарска граница ќе бидат уредени согласно постигнатиот договор меѓу двете високи договорни страни и утврдени во протоколот придодаден кон овој член.

Чл. 5
Границата меѓу Кралстово Грција и Кралството Бугарија ќе оди по трасата согласно записникот од воените делегати со дополнителниот протокол бр. 9 од 25 јули 1913 година на Букурешката конференција, како следува:

Граничната линија ќе поаѓа од новата бугарско-српска граница на сртот на планината Беласица и ќе излезе на устието на реката Места во Егејското Море. Помеѓу овие две точки, граничната линија ќе оди по трасата одбележена на картата 1:200.000 на австро-унгарскиот Генералштаб, а според описот придодаден кон овој член.

На мешовитата комисија составена од претставниците на двете високи договорни страни во еднаков број на едните и другите, ќе и биде ставено во задача да ја повлече трасата на новата граница согласно горните одредби, во рок од 15 дена од потпишувањето на овој Договор,.

Оваа комисија ќе претседава со поделбата на подвижните имоти и капитал што досега биле заеднички имот на окрузите, општините или на здруженијата на жителите, а се разделени со новата граница. Во случај да не се постигне договор за трасата и за мерките за извршување, двете високи договорни страни се обврзуваат да се обратат на трета пријателска влада со молба да се определи арбитар чија што одлука за спорните прашања ќе се смета за дефинитивна.

Категорично е договорено дека Бугарија уште отсега се откажува од било какви претензии на островот Крит.

Чл. 6
За потпишувањето на овој договор веднаш ќе бидат известени врховните команданти на респективните армии. По добивањето на извештајот, наредниот ден, Владата на Бугарија ќе биде должна својата армија да ја преведе во мирновременска положба. Единиците ќе ги упати во нивните гарнизони каде што ќе се пристапи кон распуштање, во најкус рок, на резервниот состав за нивно заминување во своите домови.

Единиците чии што гарнизони се во окупационата зона на една од високите договорни страни, ќе бидат упатени во некое друго место на старата бугарска територија, а ќе можат да се вратат во своите постојани гарнизони дури по евакуцијата на окупационите зони за кои стана збор погоре.

Чл. 7
Евакуацијата на окупираните територии, старите и новите, ќе започне веднаш по демобилизацијата на бугарскјата армија и ќе биде завршена најдоцна за 15 дена.
За сето ова време за романската демаркациона војска демаркационата зона ќе биде одбележана со линијата: Шиштов – Ловча – Турски – Извор – Глозен – Златица – Мирково – Араба – Конак – Орханија – Мездра – Враца – Берковица – Лом – Дунав.

Чл. 8
За време на окупацијата окупационите војски ќе имаат право да спроведуваат реквизизија со плаќање во готови пари. На тие територии ќе можат слободно да ја користат железницата за пренос на единици за снабдување од секаков вид, без право на месните власти да им се даде надоместок.

Болните и ранетите на тие територии ќе бидат под заштита на тие војски.

Чл. 9
По размена на ратификациите на овој договор, колку е можно побргу ќе се изврши размена на заробениците. Владите на високите договорни страни ќе поднесат едната на другата што побргу, по предавањето на заробениците, сметка за директните трошоци што ги имале за згрижување и издршка на заробениците од денот на заробувањето или предавањето до денот на смртта или враќањето. Од износот што Бугарија би го должела на некоја од владите на високите договорни страни, ќе се одбие износот што таа би го должела на Бугарија, а разликата ќе биде платена на владата доверителка што побргу по размената на споменатите сметки за издатоците.

Чл. 10
Овој договор ќе биде ратификуван и ратификациите ќе бидат разменети во Букурешт, во рок од 15 дена или порано ако тоа биде можно.
Во потврда на тоа полномошинците го потпишаа и на истиот ги ставија своите печати.

Во Букурешт, на 28-от ден од месец јули (10-тиот ден од месец август) 1913 година.

Потписници:

За Романија:
Т. Мајореску,
Ал. Маргиломан,
Таке Јонеску,
К.Г Дисеску,
генерал аѓутант Коанда,
полковник К. Кристеску

За Бугарија:
Д. Тончев,
Генерал Фичев,
др. С. Иванчов,
С. Радев,
потполковник Станчов

За Грција:
Е. К. Венизелос,
Д. Панас,
Н. Политис,
капатан Е. Егзодактилос,
капетан Пали

За Црна Гора
Генерал сердар Ј. Вукотиќ,
Јован Матановиќ

За Србија:
Ник. П. Пашиќ
М. Г. Ристиќ,
М. Спалајковиќ,
полковник Смиљаниќ,
потполковник Д. Калафатовиќ

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion