18. Крадци на време
Крадци навалиле на време на човек, без оглед дали им треба или не и без оглед дали може или не да биде нивно, поточно да го прилагодат на себеси. Човекот, пак, се чуди зошто крадци, големи и мали, ситни и крупни навалиле да крадат баш од неговото време. Не оти го има премногу, може да се рече дека никогаш не му е доволно. Бидејќи е човек би можел да им даде, со нив да сподели некој дел. Време од кое привремено би можел да се откаже.
Му иде да ги праша зошто навалиле како крадци, да крадат, а притоа не се ни обидуваат да ја прикријат, па и да ја сокријат крадбата, што подолго да не може да се открие. Му иде да ги праша, но знае дека во природата на крадачот не е само да не признава крадба, туку и да обвинува за таква клевета.
Реши да се соочи со нив човечки:
-Како крадци на туѓо време, вие не сте крадци како сите други големи и мали, ситни и крупни. Секој има свое време, доволно или не за нешто, најчесто секогаш недоволно за сешто. Вам несомнено ви недостасува вашето време, па посегате по туѓо…Зошто крадете од моето? Би можеле да се договориме да споделиме нешто од него. Во името на пријателството, разбирачката, соживотот, човечкото во човек. Не зашто го имам доволно или премногу…Секому му фали време, и јас ве разбирам совршено. Ама прво краденото од други не може да биде ваше засекогаш, а второ ниту вие на него, ниту тоа на вас може да се прилагоди. Поготово не да се сојузите, да се сплотите за заедно да му се прикажувате и докажувате на светот.
Некои чудни крадци. На време на човек. Ем молчат како да се нȇми, ем не гледаат ништо пред себе, крај себе и околу себе баш како да се слепи. Човекот што го крадат се прашува дали може украденото време да им помогне да станат полуѓе одошто се?
Човекот најмногу се чуди зошто од него украденото време на крадците им се оттргнува од раце, им бега. Дури жестоко се противи да стане нивно.