59. Голи мртви
На бојно поле голи мртви воини под облачно небо, по последна битка. Морничава слика: голи мртви на сите страни, во разни положби; некои со чудни, непознати оружја в раце, некои со прободени гради со копје, некои обезглавени, некои скрвавени.
Морничаво: сите со згрчени лица во спокој!
Гледајќи голи мртви воини на бојно поле под облачно небо, човек најпрвин се прашува за што се бореле меѓусебно, каква била таа последна битка и како е можно да нема меѓу мртви голи макар еден уште жив, може со длабоки рани. А потоа секако ќе се праша дали биле голи пред смртта или по неа. Може да си одговори? Можеби да, во немост.
На бојното поле, на една височина, издвоен од другите, со исправена снага, како жив, самотен гол мртов воин. Он нема лице! Предводник?! На човек и одблизу и оддалеку му личи на мраморен.
Во далечина два големи разурнати града што ги дели бездна. Над нив угреало сонце.