40. Од каде и до кога
Сосем е неважно од каде
излезе тој со збор и мисла
на виделина,
по долго молчење сосе
затворено дело грамадно,
создавано цел живот
како постоење деноноќно
меѓу возбуди до премреже.
Сосем е неважно од каде
долета птица бескрилна,
нȇма
на врвот на неговиот глас
последен;
дека во миг сè мигум
се случува рамнотежно
и со залез последен.
Никој уште не знае
до кога ќе трае овој сон
излезен на виделина
пред свет кој не менува
ниту нечиј надворешен,
ниту нечиј внатрешен
свет; зашто живее дури трае,
зашто умира дури стои
над тишина која никогаш
нема да премали
меѓу минливост и трајност.