11. Трага моја
Во камена и сува земја
трага моја по живот минат
како трепет на срце
огнено, а тивко.
Не знам во кое мое време
сум ја оставил;
дали во минливо,
што мигновено однело
дел од моето постоење,
или, пак, собрано
во зборови успокоени,
па разиграни и распеани
во некоја решавачка,
судбоносна игра.
Не знам ни колку ми е
длабока,
од кој воздив до кој издив
сум ја длабел,
ниту дали некој ќе успее
некогаш да ја одгатне.
Едно нешто е несомнено:
таа е трага моја
која ќе открива вистина
за надежи, сомнежи,
радости, грижи,
јадови, снеможења,
мрачнини, сончевини
и неизвесности.