ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

43. Во тунел

Тунелов ја пробива старава планина во правец исток-запад; се влегува од исток, а се излегува на запад. Одговорните и оние што го пробивале точно знаат колку е долг, но никој од толпата луѓе штотуку влезена во него. Тесен е колку за чекорење на двајца еден до друг, но висок околу два метра, точно да можат високи луѓе да одат исправени. Над свиоци и влезови на странични простории широки три со два метра светат сијалици, а решетките со кои се обвиени светлината од нив ја прават како не сосем заробена од мрачнината.

До влезот на тунелот тече голема, брза и матна река. Почетокот на коритото се гледа на стотина метри северозападно. Според широчината е секако далеку, а во подножјето на старата планина, педесетина метри подолу од влезот продолжува југоисточно. Врвицата ја минува со камен лачен мост.

Секој од толпата знае дека тунелот е всушност засолниште од непријатели  во дамнешна војна. Испланиран и пробиен за да прибере илјадници неколку дни, додека не дојде до крајот; додека не излезе на виделина, во шума, крај шумен извор на реката, на слобода во нов ден, на почеток на нова сегашнина.

Толпата луѓе штотуку влезена во тунелот е несомнено вознемирена, па и исплашена. Страв и неизвесност во нивните меѓусебни шепотливи размени на мислења за состојбите; гласно изразување на незадоволство, дури очај, дури предаденост. Десетици од нив во страничните простории, испоседнати, исполегнати, како веќе помирени со безизлез.

Наеднаш снема струја, завладеа целосен мрак. Што се случи?! Краток спој? Има ли мајстор што ќе провери, ќе утврди што се случило, зошто и брзо ќе ја врати светлината во тунелот? Шепотот престана, меѓу луѓето завладеа исчекувачки молк.

Минаа неколку минути кога се слушна зарипнат дебел бас на невидлив старец:

-Не плашете се луѓе, бидете спокојни. Во тунелов не може да завладее целосен мрак засекогаш. Безбедноста на секој план е апсолутна…Има меѓу нас луѓе кои се разбираат од струја. Веќе проверуваат…Мора да е некој краток спој. Брзо ќе пронајдат каде е и ќе го отстранат дефектот.

Помлад тенорски глас:

-Ако има светлина на крајот од тунелов, нема проблем. Ќе се стрпиме. Ќе ја издржиме и оваа мрачнина. Ама ако нема…

Реагира зарипнатиот дебел бас:

-Судејќи според гласот, ти си или млад или средовечен…

Тенорскиот глас:

-Неважно! Кажи дали има светлина на крајот од тунелов.

Зарипнатиот дебел глас:

-Ме чуди како тоа да не знаеш дека на крајот на секој тунел се појавува светлина. Тој крај може да е близу, може да е далеку, може на патот до него да има пречки што мора да се надминат, но секогаш на крајот се појавува светлина.

Тенорскиот глас:

-Ти веќе си бил на крајот од овој тунел? Знаеш каде е излезот?

Зарипнатиот дебел глас по малку нестрплив:

-Неважно е дали сум бил на крајот, дали го знам излезот. Важно е да научиш, зашто очигледно не знаеш, дека мрачнината во секој тунел не е засекогаш. Секогаш е или мометна или се случува одвреме-навреме или трае сè додека оние што се во него не стојат во место; значи, не ги надвладеала неизвесност, не ги поразила рамнодушноста.

Сијалиците засветија, дефектот беше отстранет и толпата, по двајца еден до друг, исправени, продолжи да чекори молкома кон крајот на тунелот. Во тишина.

Leave the first comment