СВЕТОВИ, поезија/припеви, 41-45

Потребно време за читање: < 1 минута

41. Љубов и страст

Те голтам со поглед
од глава до петици
дека ми излезе гола
пред очи.
Но, пазам притоа
да не те голтнам
мигум
како солза горешта.

42. Да можам

Да можам
да слушнам каде
река понорница
ќе се појави
на виделина
по долго течење
под земја,
па со неа крај неа
да дотечам.

43. Со лесно

Нека е со лесно
зајдувањево
на белава месечина
пред зори
и нашиов прелет
на ведрава ноќ
до ново време
на спокој
во непрестан пој.

44. Крај река

Седиме крај река
во нејзина и наша
тишина
без збор, без молк;
со мисла дека
нејзиниот извор,
исто како нашиот,
е негде далеку,
скришен.

45. Разделен свет

Еден голем
и долговечен свет,
разделен во време
на голо раѓање
до гола смрт,
продолжува сам
да се престорува
во некаква
светлива мрачнина.