Кога ќе ти натежнат годините, не мора да ти натежне и здравјето. Не мора ни погледот на светот да ти остане заглавен во некое вчера. Напротив. Телото со време бара повеќе внимание, повеќе мерак, повеќе дисциплина. Напорот станува подлабок, понекогаш и потивок, ама не значи дека човекот мора веднаш да се предаде. Особено не духот. Токму таму, ако нешто треба да се чува, треба да се чува најмногу. Не како украс, туку како внатрешна сила што те држи исправен кога телото веќе почнува поинаку да преговара со денот.
И не е суштината во тоа дали староста ќе си ја признаеме или ќе глумиме дека не дошла. Не е ни во тоа дали некој до нас оди побрзо, полесно и полетно, додека ние веќе внимаваме како стануваме, како седнуваме, како ни минува утрото. Вистинското прашање е нешто друго: дали, и покрај сето тоа, остануваме заедно со животот. Дали сме заедно со луѓето што се околу нас. Дали не се оттурнуваме сами од светот додека тој уште нѐ повикува да бидеме дел од него.
Не стареат само коските, туку и навиките
Староста не доаѓа одеднаш. Таа прво влегува во навиките. Во одложувањето. Во речениците „не ми се оди“, „не ми се зборува“, „не ми се почнува“. Прво старее желбата, па дури потоа телото. И затоа не верувам многу во онаа автоматска и утешна формула дека мудроста доаѓа со годините. Не. Годините сами по себе не носат ништо освен траење. А што ќе има во тоа траење – горчина, смиреност, осаменост, ведрина, теснотија или широчина – зависи од тоа како сме живееле и со кого сме останале поврзани.
Мудроста, ако воопшто дојде, не доаѓа затоа што свеќичките на тортата станале повеќе. Доаѓа ако не сме се откажале од блиските. Ако не сме се преселиле, духовно, во некоја ладна оддалеченост од сѐ што ни било свое. Доаѓа ако не сме почнале да живуркаме наместо да живееме. Ако не сме дозволиле осамата да ни стане карактер, а не состојба.
Оттука, староста не ја гледам како капитулација, туку како проверка. Проверка на тоа што си сочувал во себе. И што од себе си сочувал за другите.
Да се биде постар не значи да се биде минато време
Во последниве години, многу повеќе се зборува за тоа дека стареењето не треба да се гледа само како бројка, туку како способност човекот да ја задржи функционалноста, односно да може да живее со достоинство, да се движи, да одлучува, да гради односи и да остане присутен во заедницата. Токму така Светската здравствена организација го дефинира здравото стареење, а оваа перспектива е вградена и во Декадата на здраво стареење 2021-2030, која и денес е актуелна глобална рамка за односот кон староста.
Тоа, преведено на човечки јазик, значи нешто многу едноставно: да не го оттурнеме човекот од животот само затоа што остарел. И уште повеќе – сами себе да не се оттурнеме пред време. Староста не смее да стане синоним за отпишаност. Ни лична, ни општествена.
Што рекле други за староста
За староста се кажани безброј мисли – мудри, горчливи, иронични, утешни, сурови. Некои звучат како насмевка, некои како пресуда, а некои како чиста вистина што човек не сака веднаш да ја признае. Еве дел од нив:
„Старецот е човек кој го довршил својот ручек и гледа други како уживаат во јадењето.“ – Оноре де Балзак
„Староста сите сакаат да ја дочекаат, а кога ја дочекале се лутат на неа.“ – Цицерон
„Здодевно е да се старее, ама тоа е единствениот начин долго да се живее.“ – Џорџ Бернард Шо
„Почитувај го старецот ако поради ништо друго, поради тоа што толку долго го носел товарот на животот.“ – Јохан Лудвиг Рунеберг
„Старецот губи едно од најголемите човекови права: него повеќе не го оценуваат нему еднаквите.“ – Јохан Волфганг Гете
„Бескорисно е во староста да се продолжува животот. Младоста треба да се продолжува.“ – Иво Андриќ
„Стареејќи, човекот станува и полуд и помудар.“ – Ла Рошфуко
„Ниеден мудар човек не посакал да биде помлад.“ – Џонатан Свифт
„Многу е подобро со шеесет години да се биде млад, отколку со четириесет години стар.“ – припишано на Волт Дизни
„Колку што станувам постар, сѐ помалку верувам дека мудроста доаѓа со годините.“ – Хенри Луис Менкен
Она што останува е начинот на кој живееме
И тамам тука е јазолот. Не во биологијата, туку во односот. Не во бројот на годините, туку во тоа што правиме со нив. Може човек да остари достоинствено, љубопитно, будно и присутно. А може и многу порано да се исели од сопствениот живот, иако формално уште е тука. Затоа староста не ја мериме само по брчките, туку и по тоа дали во човекот уште има одѕив. За разговор. За блискост. За интерес. За смисла.
Да, годините знаат да натежнат. Ама не мора да нѐ оттурнат од она што сме. Не мора да ни го земат здравјето веднаш. Не мора да ни го застарaт светогледот. Не мора ни да нѐ направат туѓи на сопствениот ден. Сѐ додека човекот се чува одвнатре, сѐ уште има што да брани. И сѐ уште има што да живее.










