38. Светот и животот
Мал есеј на Апостол на тема „Сличности и разлики меѓу светот и животот“, како домашна задача по македонски јазик и литература:
„Светот и животот во исто време и ист простор постојат едновремено, напоредно, но најчесто се испреплетени. Тоа значи дека еден без друг не можат, особено како живеење а не живуркање. Што, пак, подразбира континуитет со соодветна динамика на постоењето, сосе комлпексното работно односно творечко докажување. Кога станува збор за човекот, тој и во светот и во животот се препознава себеси според сопствената позиционираност како слободна личност, со идентитет и интегритет. Од суштествено значење е неговата изградена самосвест како битие кое светот и животот ги восприма во нивната елементарност. Со други зборови, од една страна тој ги прифаќа какви што се, а од друга постојано ги менува, поточно ги прилагодува на сопствените потреби, желби и можности.
Што е со искуството во светот и животот? Ова прашање го сметам за круцијално во егзистенцијална смисла, без оглед на годините, собитијата, премрежјата и неизвесностите. За жал, во нашево совремие на тоа му се посветува малку внимание, па дури се обезвреднува и маргинализира. Можам да посведочам дека во семејниот круг искуството на личните слични и различни светови и животи секогаш во рамките на заедничките е не само драгоцено, туку неопходно кога треба да се биде решителен, да се донесат клучни, можеби судбоносни одлуки. Ги имам предвид еднакво искуството на возрасните, младите, на пријателите; па и познајниците, пред сè на ближните во години. Знам за спротивни гледишта и ставови на мои врсници по ова прашање, но јас можам да аргументирам дека токму тоа-искуството е драгоцено во просторно-временското насочување кон постоечки, а малку познат или воопшто непознат свет, и поинаков живот од оној што се живее.
Конкретно за еден друг свет и друг живот, сеедно дали веќе доживеани, кои штотуку се доживуваат или допрва ќе се доживеат:
Постојан свет и стабилен, најнапред спокоен и хармоничен семеен живот во затврдена просторно-временска димензија, почнува да се бранува поради лични кариерни амбиции на возрасните, брачните сопатници. Во него отсекогаш се негувале и се негуваат личната слобода и самостојност, се пренесувала на двете деца уште од детските години, а беспоговорна поддршка имале и старите, нивните родители сè уште на нозе. Брачната љубов била длабока и непореклива, па воопшто не се ни помислувало, ниту можело да се замисли нејзино разнишување од времена разделба и оддалечување. Тие заминуваат во различни светови, почнуваат да живеат во нив, поточно да се прилагодуваат. За кусо време на почетокот незабележливо, а подоцна сè посогледливо се менуваат многу нешта во нив, и лично и меѓусебно. Се оддалечуваат еден од друг? Никако! Не умеат да се справат со различните светови од оној што го напуштиле, го оставиле зад себе? Ни тоа! Обајцата осознале совреме, пред новите светови и новите животи да станат нивни, пред засекогаш да ги остават далеку зад себе постојаниот свет и спокојниот и хармоничниот семеен живот. Пред тие сосем да ги поразат, ги напуштаат, се враќаат дома. Многу откриени и научени нешта во новите светови сосе новите животи несетно и намерно ги пренесуваат, ги вградуваат, дури и ги надградуваат.
Да, поентата на раскажаново е дека не е проблем соочувањето со нови светови и животи, заживувањето и временото живеење во нив, туку вкоренувањето. Го актуализирав проблемот на откорнувањето од своја земја и новото вкоренување во туѓа.
Многу важно гледиште, непосредно поврзано со светот и животот воопшто, е дека светот е еден, а во него има безброј лични и различни животи. Јас сметам дека не може да се живее личен и различен живот без личен, единствен, неповторлив свет. Кој во еден, просторно-временски детерминиран за постоењето на човечката цивилизација, или се вкоренува или не“.