СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Потребно време за читање: 2 минути

37. Воздржан

Знае дека неговата воздржаност не иде од нова состојба, сомнение или однесување, но во Пламен како да почна по искажаната безгрижност, весела расположба и стекнатите нови пријателства на Бисера во Монтреал. Како зародок во нивната неприкосновена, непореклива и длабока љубов.

Не, нема да ѝ ја искаже, да ѝ ја опише. Ќе внимава таа да не ја ни насети во збор, интерпункциски знак или израз на лицето при меѓусебна комуникација.

Последните неколку SMS и видео контакти на Пламен со Апостол и Ѕвездана беа како вкалапени во излитеност.

Тој:

„Како сте?“

Тие:

„Добро“.

Тој:

„Има нешто ново?“

Тие:

„Нема. Сè редовно, познато, непроменливо“.

Тој:

„Како со учењето?“

Тие:

„Добро. Без проблеми…Ти како си?“

Тој:

„Добро. Многу сум зафатен. Ме натрупаа со работа. Не можам глава да дигнам“.

Тие:

„Зошто си дозволил? Олабави“.

Тој:

„Нема проблем. Времено е…Значи, со вас и кај вас е сè в ред“.

Тие:

„Да…Знаеш колку ни фалиш ти и мама“.

Тој:

„Знам…Нема уште долго да бидеме разделени. Пак ќе бидеме заедно…Каде било“.

Пламен е наполно свесен за својата воздржаност, особено дека е таа мошне „блиска“ со сомнението и неизвесноста, но не си ја признава на себеси. Едноставно, во нивната долгогодишна љубов, во нивната меѓусебна доверба и во семејната хармонија таа нема и не може да најде свое место. Ни како зародок?

По два дена без никаков контакт, без повод и причина, Пламен ѝ испрати SMS порака на Бисера (намерно го одбегна видео контактот-вклучувањето на камерата на неговиот мобилен?!):

„Љубена,

Прости што не бев во можност да ти се јавам во изминативе два дена. Бев и сум многу зафатен. Сигурно си и ти штом не ме побара. Премалев од работа, од секакви ангажмани и решавање на големи проблеми. Претпоставуваш, поврзани се со моите проекти. Поточно, еден нерешлив во врска со мојата „паметна зграда“ и многу со вториот проект-карпестата населба.

„Паметната зграда“ е веќе во завршна фаза на подготовки за почеток на градба, но ќе се одложи некое време зашто „порасна“ амбицијата: градење на комплекс згради, односно цела населба! Велам дека тоа за мене е нерешлив проблем зашто лично немам толку голем „капацитет“. Поважно од сè (се разбира дека не би останал сам во проектирањето) е дека тоа би значело мое долгорочно „врзување“ за Бирмингем. Што е за мене апсолутно неприфатливо! Од друга страна, овде, за разлика од кај нас, се почитува авторството, тоа е свето, па таа амбицијата на компанијата не е можно да се реализира без моја согласност, па и учество.

Што се однесува на проектот за карпеста населба, тој најверојатно пропаѓа! Работата запна на првиот чекор. Се утврди дека карпите на планинарскиот центар Рафнер, во близина на Бирмингем, не одговараат на нужните предуслови за градење, вусшност делкање на простории за становање во нив; почнувајќи од струењето на воздухот, директно поврзано со ладењето и затоплувањето, па сè до пристапните патишта и скалила до нив. Се разгледува можноста од довезување на „материјалот“ од некој каменолом-големи карпести блокови, но тоа е речиси неприфатливо бидејќи енормно ја зголемува цената за градба. Тоа е тоа.

Ти како си? Се надевам дека немаш никакви проблеми на работа. Сигурно ќе успееш да се вклучиш во некој тимски проект на Невролошкиот институт. А се радувам и дека убаво се забавуваш во Монтреал, во друштво со твоите двајца нови пријатели-виолинистот и сликарот.

Побарај ме. Поздрав“.

Leave the first comment