43. Презимето
Не оти досега немало ситуации и прилики да се спомне, дури да се нагласи семејното презиме на Бисера, Пламен, Ѕвездана и Апостол. Не станува збор ни за одбегнување поради некоја оправдана или неоправдана причина. Најмалку, пак, за некоја намера или цел која допрва ќе излезе на виделина, што е од суштествено значење. Едноставно, секојдневноста, досегашната динамика на нивниот живот, особено преокупираноста со личниот развој, личната кариера и семејниот животен стандард досега не им дадоа нималку време на каков било начин да се позанимаваат со него, особено со неговото минато. Не им е позната, ниту привлечна антропономастиката која можеби би ги поттикнала на тоа.
А би требало да биде сосема спротивно-дури посветено да го истражуваат потеклото на презимето на Пламен, а кое Бисера го прифати без размислување при склучувањето брак: Бригиски. Што секако не значи дека таа се откажа од своето моминско: Родеска.
Многумина пријатели во Македонија се прашале и се прашуваат како е можно презимето Бригиски да не ги предизвикува, да не ги поттикнува барем да научат нешто повеќе од основното за Бригите; дури и да не најдат никаква праисконска врска со најдлабокиот корен на семејното стебло на Пламен.
Неодамна нивниот заеднички пријател Нестор Самоиловски им го испрати како SMS порака следниов текст:
„Бригите, ги нарекуваат и Фриги, во предисторискиот односно протоисторискиот период и периодот на антиката живееле во Албанија, Епир и Македонија. Тие се една од најстарите и најбројни индоевропски популации на Балканот. Потврдено е дека биле населени околу планината Пангај, на исток од реката Вардар, Албанија, Епир, охридската област и Пелагонија. Културните и лингвистичките влијанија на оваа популација е несомнена, и покрај тоа што Бригите исчезнале од него на почетокот на првиот милениум пред нашата ера. Дел од нив се преселил во Мала Азија.
Според јазичните остатоци, докажана е блискоста меѓу бригискиот јазик и јазикот на Македонците и Пајонците; но подеднакво и ономастиката и значајни елементи на материјалната култура.
Нема точни податоци за потеклото на името Бриги. Според зачувани лични имиња, тие имаат сличности со античките Македонци, Пајонците, Мигдонците, Едонците и особено со малоазиските Фригијци. Една можна етимолошка поврзаност: Бригијас или Бригиум, градот Лихнидос.
Античките извори ги посведочиле Бригите во близина на Лихнидското Езеро и горното течение на реката Еригон (Црна Река). На поширокиот балкански простор се лоцираат источно од долното течение на реката Вардар, под планината Бермион, во северозападна Грција и југоисточна, јужна и централна Албанија, па сè до Дирахион на север“.
Со негова забелешка како порака:
„Се надевам дека ова не ви е сосем непознато. Можам да ви помогнам со упатување на неколку научни студии на светски видни учени, што се резултат на долготрајни и истрајни истражувања“.