72. Случајно
Пред полетување за Канада, за Монтреал. Бисера седнува на своето седиште во авионот, откако во багажникот над него го става малиот куфер со облека и лични дребнулии. Притоа не погледнувајќи кој седи отспротива. А кога седна…
Не можеше да ја прикрие радоста од случајноста. Гласно се насмеа, одвај успеа да го стиши воскликот.
-Какво изненадување! Случајност? Невозможно!,-со широка, топла, срдечна насмевка просто подвикна Јосиф Икароски. Да, оној Икароски со кого летаа заедно од Канада во Македонија. Човекот на нејзина возраст, без коса, со очила со дебели рамки. Програмерот кој живее и работи во Торонто, родум од Битола. И тој како Бисера, како што ѝ раскажа, дошол на одмор дома. Засега не помислува, камо ли да размислува за конечно враќање во татковината. Во Канада живее „на висока нога“. Не ни помислува најмногу затоа што не би можел да ја поднесе безогледната сивота што владее со луѓето и меѓу нив во Македонија. И не гледа никаква можност не само за личен кариерен напредок, туку ни за општествен статус кој би можел да го задоволи.
Бисера:
-Не, не! Ова не е можно!…Ова мора да сте го наместиле!…Голема режија!…Сте ме следеле, сте го темпирале времето на моето и Вашето враќање, сте го знаеле авионот со кој ќе летам, сте го чекирале авионсксиот билет откако сте го дознале бројот на моево седиште, сте инсистирале да го добиете седиштето отспротива…Не ми се верува!
Јосиф Икароски:
-Не, ништо од тоа. Ова е навистина голема, неверојатна случајност…Еве, сега се сетив дека ми кажавте оти доаѓате во Македонија на три недели…И мене ми беа доста толку…Тоа е почеток на намернава случајност.
Бисера:
-Намерна случајност?!
Јосиф:
-А како да ја наречеме нашава повторна средба, заедничкиов лет за Канада?…Ако тоа Ви пречи, ако не сакате, да побарам помош од стујардесата, да ми најде замена…со некој друг од патнициве…Не би требало да е проблем…
Бисера го прекинува:
-Зошто да ми пречи? Зошто да не сакам? Напротив…Баш ми е драго…Ќе ми биде пријатен и интересен летов…Се викате Јосиф Икароски, нели?
Тој:
-Лично и персонално! А Вие бевте Бисера? Презимето не ме интересира…Бисера Бисерна…Бисера Бисероска…
Бисера го погледнува подозриво:
-Ми се додворувате?
Тој со гласна смеа:
-Не, не…Засега… Само комплимент како признание дека сум восхитен од Вашата убавина.
Таа:
-А Вие воопшто не сте ми ни симпатичен…Можам да речам и дека сте грд. Поготово дека сте ќелав…гланц глава…Одбивен сте ми…Апсолутно не ми одговарате!
Јосиф се смее уште погласно:
-Значи, тоа го решивме. Нема никаква шанса да се зближат, а камо ли да се засакаат убава жена и грд маж…Го почнуваме летов во ист авион, еден спроти друг, и тоа е тоа…Може да поразговараме одвреме-навреме за што било, колку да ни мине побрзо долгиот лет, и ништо друго…Може?
Бисера го загледува, станува сериозна:
-Може доста со персирање?
Јосиф:
-Секако. И мене ми пречи…А каде запревме со разговорот минатиот пат?
Повторно заедничка одвај воздржана смеа.
Бисера:
-Ако добро се сеќавам…со твој заклучок дека, судејќи според мојата семејна ситуација, животната ситуираност и општествениот статус…мојата решителност и енергичност во животот, како и немирењето со постојната состојба сосе противењето на собитијата што ме засегаат…ќе одлучам да се вратам, да останам во Скопје…да го продолжам животот во татковината и да се борам.
Јосиф:
-Браво! Се сеќаваш што заклучив…од збор до збор…И? Така реши?
Бисера замислена:
-Да, тоа е заедничката, семејната одлука. Ама…
Јосиф се уфрлува:
-Ама ти не си сигурна дека е добра…Се двоумиш, се сомневаш…Да се обидам да ти помогнам?
Бисера:
-Што знам…Можеби…Не може никој да ми помогне. Тоа е одлуката и…
Јосиф:
-Сепак ќе се обидам. Пред нас е долг лет.
Авионот полета кон небото.