14.
Синовите на братот на Сонцева Бриг, Гаврил и Марко и ќерката Мира се на гости, на вечерна седенка кај Македон и Ксантија. Покажувајќи им го Александровиот штит и парчето лорандит во розетата, Сонцевата крв, Македон им нагласува дека има многу неизбришливи траги, артефакти и записи од дамнешното и блиското минато на македонската цивилизација. Од библиотеката вади голема тетратка со тврди црвени корици, ја отвора на средината и им ја подава препорачувајќи им внимателно да го прочитаат текстот:
-Одвреме-навреме пишувам белешки со мои сознанија, промислувања, откритија, прочитано и запомнато што е во директна или индиректна врска со мојата Сонцева крв. Текстов е компилациски, всушност енциклопедиска одредница за славната битка кај Херонеја на Филип II Македонски и син му Александар Македонски.
Читаат:
Во летото, на втори август 338. година пред Христа во близина на Херонеја, во Беотија, Филип II Македонски ја извојувал својата најголема битка.
Откако застанал на чело на Македонското кралство, Филип II Македонски најголемо вннимание посветил на реформата на македонската армија. Додека престојувал во Теба, во времето кога Беотскиот сојуз се наоѓал на врвот на моќта, дошол на идеја со искористување на политичката и социјалната анархија во Грција да ги обедини нејзините полиси под своја управа, а потоа заедно да го нападнат вековниот непријател-Персија.
Најнапред ја создал фалангата, одред на пешаци распоредени во збиени редови, вооружени со копја долги околу пет метри (сариса). Фалангата настапувала како целина и нејзината ударна сила била голема. Посебен дел од пешадијата биле штитоношците (хипастити), полесно вооружени и поподвижни од фалангитите. Тие претставувале врска помеѓу бавната фаланга и коњицата. Коњицата, пак, била мошне силна и ја сочинувале благородници, другари на кралот вооеружени со копје и меч. Хетаирите биле распоредени во воени единици-или, а нивните борбени редови ја надминувале грчката коњица. Освен тие, во Филиповата војска се наоѓал и втор род коњица-копјаници (сарисофори). Во составот на македонската војска биле и фрлачи на стрели, копја и лесно вооружена пешадија (пелтасти), како и голем број грчки наемници. Флотата ја сочинувале тетрери и пентери.
Филип II забрзано го јакнел Македонското кралство, а тоа предизвикало заострување на односите со градовите-држави (полиси). За успешен поход на Азија најнапред требало да се создаде слободен проод низ нив. Склучил мировни договори со некои, подготвени да се придружат кон политичката стратегија на македонската држава, а оние што не сакале да ја прифатат македонската доминација биле заземани на војнички начин. Помеѓу најважните потези бил зацврстување на позициите во македонската провинција Тракија, со цел воспоставување контрола врз поморскиот пат од Црното Море низ Дарданелите, од витално значење за градовите-држави, посебно за Атина.
Повеќето Грци сметале дека на прво место треба да биде независноста на полисите и затоа не се согласувале да стекнат национално единство по цена на политичка слобода. Една група ја прифаќала зависноста од Македонија, зашто Македонија ја сметале за грчка сила, а опасноста од Персија била премногу голема. Со јакнењето на македонското влијание во Грција се формираат две партии: антимакедонска на чело со Демостен и промакедонска со Исократ и Есхин.
Во 352. година пред Христа Филип се вмешал во првата света војна во средна Грција, која траела десет години и се водела против Фокида. Фокиѓаните го ограбиле Делфиското светилиште, вооружени со десет илјади наемници и со таа војска ја тероризирале цела Грција. Кога војната се пренела на територијата на Тесалија таа побарала помош од Филип и тој придонел во 352. година пред Христа кај Крокос-поле за победата над Фокиѓаните. Потоа застанал на чело на тесалиската војска. Трачаните склопиле сојуз со него. На Халкидики освојува град по град.
Во 349. година пред Христа Демостен ја одржал својата прва Филипика. По падот на Олинт, најголемиот град на Халкидики, во 349. година пред Христа, и останатите градови на полуостровот биле присоединети кон Македонија. Во 346. година пред Христа на македонскиот двор е склопен Филократовиот мир со кој на Филип му се признати сите дотогашни освојувања. Бил господар на Тесалија и ги држел Термопилите.
Во 342. година пред Христа Тракија е прогласена за македонска провинција. Филип влегол во средна Грција и ги принудил Фокиѓаните да ги напуштат Делфи. Потоа бил примен во делфиската Амфиктионија. Така Македонија е примена во Грчката заедница.
Во пролетта 340. година пред Хроста моќната македонска поморска флота кај Дарданелите ги напаѓа и ги заробува атинските трговски бродови кои ја снабдувале Атина со жито. Атина ѝ објавува војна на Македонија.
На патот кон Атина Филип II ги поразил градовите-држави Перинт и Визант, при крајот на 340. и 339. година пред Христа, и склучил мировни договори со островските градови Родос, Хиос и Кос, во близина на малоазиското крајбрежје. Потоа го придобил теснецот Гравија, кој водел за Амфиса, а пред прагот на битката кај Херонеја се обидел да ја демонстрира својата војничка супериорност со освојување на Делфи, стратешкиот град Напакт, Теба и Беотија. Предложил мировен договор, но бил одбиен, па на втори август 338. година пред Христа се случува историската и решавачка битка помеѓу Македонија и Атина со нејзините сојузници.
Забележано е дека битката се водела според класични принципи на војување: на левото крило Атињаните, на десното Тебанците со Светата чета, а кај Македонците десното крило го раководел Филип II, а левото неговиот син Александар (кој поради младоста и неискуството бил надгледуван од најдобрите команданти на кралот). Зад македонската борбена линија биле славните коњички придружници.
Двете противнички армии располагале со сила од околу 30.000 војска и околу 2.000 коњаници. Филип го оставил 18-годишниот Александар да го води левото крило, каде биле поставени неговите најдобри чети.
Битката траела само неколку часа. Александар се судрил со непријателот, но набрзо лукаво се повлекол за да го сврти вниманието на противникот. Ноќта се преместил од Ситинија во Западна Беотија кај Амфиса. Наместо да мине на исток, тој својата армија ја префрлил назад во Елатеја, движејќи се непречено преку преминот Парапотами и минувајќи во напад на главната војска на непријателот. Ги разбил тебанските линии, заедно со тн. Храбар баталјон составен од роднини и пријатели. Притоа ја покажал својата храброст, војничката генијалност и брзото мислење. Кралот жестоко ги нападнал Атињаните, па со нивното повлекување Тебанците останале да се борат сами и набрзо биле поразени. Според Плутарх, од 300 борци на нивниот Светата чета загинале 254-ца, а 46-мина биле ранети и заробени.
По битката кај Херонеја сите градови на Беотија се прогласени за независни освен Оропа, на границата на Атика и Беотија, кој ѝ е вратен на Атина. Во Теба е сместен македонски гарнизон.
Детали за битката се знајни малку зашто Диодор дал само формален опис. Полијан собрал многу пократки информации за војувањето во своите „Стратагеми“. Според нив, Филип се судрил со грчкото лево крило и потоа ја повлекол својата војска. Атињаните од сојузничкото лево крило тргнале по него. Филип се повлекувал додека не дошол до едно возвишение, па тогаш ги нападнал Атињаните и жестоко ги поразил. Тој спомнува и дека намерно долго ја одлагал битката за да ја искористи предноста на македонските ветерани кои биле понавикнати на умор. Го одлагал главниот напад сѐ додека Атињаните не биле исцрпени.
Споменикот „Лав од Херонеја“, кој се наоѓа на местото на битката, а под кој се најдени остатоци од 254-ца војници под него, се смета дека го претставува местото каде што е закопана Светата чета на Теба.
Што се случило по поразот? Филип II Македонски ги собрал претставниците на сите градови-држави во Коринт и ги принудил на примирје и формирање на тн. „Коринстка лига“ под негово раководство. Грчките полиси потпаднале под македонска власт, а на Општиот Мир склучен во зимата помеѓу 338. и 337. година пред Христа на Грците им биле дозволени органичени слобода и автономија. Филип II Македонски им забранил: насилно да го менуваат уредувањето, нова прераспределба на земјата, отпишување на долгови, ослободување на робови, преотерување на политички противници, конфискација на имоти, враќање на политички бегалци, стапување во служба на други држави, здружување во сојузи, меѓусебни борби и мачење на робови.
Историските извори нагласуваат дека, иако воено не ги окупирал, освен поставените четири воени бази околу островот Евбеја, Филип обезбедил мешање во внатрешните работи на полисите и приватната сопственост на граѓаните, односно нивна подредена положба во однос на Македонците.
На барање на Филип II Коринтскиот сојуз ѝ објавил војна на Персија и изгласал дека е тој стратег. Македонска претходница е упатена во Персија на почетокот на 336. година пред Христа, а било предвидено тој да тргне подоцна истата година.
Не дочекал да учествува во походот на Персија. На свадба на неговата ќерка во Еге, во летото 336. година пред Христа, го убил Паусаниј, припадник на неговата телесна стража. Загинал во 47. година од животот.
Александар Македонски станал крал на Македонија и во своите походи од 334. до 332. пред Христа го освоил Персиското царство.
Гаврил и Марко коментираат дека многу од прочитаното им е знајно, научено, а Мира го прашува Македон дали е тоа еден од почетните записи во Сонцева крв.
Македон:
-Да, кога е збор за неа, за Сонцева и за системот на нашите четири темели-енергијата, земјата, човекот и волјата.