Потребно време за читање: 5 минути

29.

Од разговорите во зрелото доба на Сонцева и нејзините браќа и сестри Бриг, Сон, Сокол, Божана, Лена и Тодора, некои со сите живи, а со некои мртви пред да се насели во приземна куќа во населбата Коренов живот и да биде сосем сама и покрај нивното гледање, внимание и грижа, а кои не биле чести и многубројни, најчести биле за нивните љубови. Особено за откривањето и промислувањето на нивните постојаности од едни до други, па потоа од едни во други. На нив сѐ уште живо се сеќава најмладиот брат Сокол, кој по нејзината смрт продолжи да живее во приземната куќа на левиот брег на Длабоката река, веќе без малиот цветен двор и овоштарникот на источната страна.

На малубројните пријатели и намерниците што наминуваа кај него им раскажуваше за нив сѐ до замолчувањето, престанувањето да разговара со кого било ближен, дури и со ѕидовите во куќата. Кога беше сам со денови и ноќи, за нив им раскажуваше на Бриг и Сон, умрени на почетокот од деветтата деценија од нивните животи, а неретко и на сестрите Лена и Тодора, првата четири, а втората шест години помлада од Сонцева.

Што се однесува на најстарата сестра Божана и постарата Лена, со оглед дека не го доживеале зрелото доба на Сонцева, рано го напуштиле домашното огниште мажејќи се на шеснаесет и седумнаесет години, Божана умрела на четириесет и шест, а Лена на педесет и три, со нив во самост Сокол разговараше единствено за црнилата, мачнините на живеачката и жртвувањето за потомствата.

Најчест, најдетален и највпечатлив им беше разговорот за збогувањето меѓу Сонцева крв и Александар III Македонски, нејзиното присуство на неговиот погреб и неговото на нејзиниот. При кои уште еднаш, за последен пат на древниот и современиот свет, единствени за миг, им ја докажаа нивната нераскинлива врска, безвремената и возвишена љубов.

Сокол на неколцина пријатели и намерници за Сонцева крв и Александар III Македонски:

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

-Тие секогаш беа заедно, а нивната љубов беше немерлива и безвремена. Пред секој поход тој доаѓаше пред неа, во длабините на Алшар, ја допираше, ја примаше нејзината врелина и сила; ги впиваше блесокот, одблесокот и ведрината на сончевите зраци од неа. Таа, пак, го гледаше заносно, му го милуваше лицето, му го распламтуваше телото, ја одмеруваше решителноста во неговите сини очи и светлината во нејзините зеници. Во еден миг, пред заветувањето негово и на македонската војска дека ќе се борат до последна капка крв, Сонцева ќе го прегрнеше и ќе му се подадеше страсно. Потоа Александар со жарко црвеното парче лорандит ќе се извишеше над сите и ќе извикнеше „Светот ќе биде наш за љубов неугаслива!“. Најсетне застануваше на чело качен на својот Букефал и со крената рака даваше знак дека походот почнува.

Некој од неколцината пријатели или некој од намерниците:

-А Сонцева остануваше?! Не го придружуваше?! Можно е тоа, Соколе?

Сокол:

-Остануваше во Мајден и секогаш беше со него! За неповторлива, единствена љубов до доблест. Колку таинствена, недосеглива, недогледива, исто толку загадочна.

Пак прашање:

-Нели Роксана била негова најголема љубов?

Сокол:

-Да, зашто Сонцева секогаш беше во неа. Тој секогаш ја гледаше неа во неа. До доблест.

Потоа им го прекажуваше дијалогот на Александар и Роксана качени на врв на висока стена, обземени од сончевина, опкружени со луѓе во спокој, жизнерадосни и со раце кренати кон нив; за препуштањето на неговите чисти пориви, болки, радости, таги, походи и подвизи, докажувањето и продолжувањето на својата опстојба со неа; и нејзиното следење докрај, до неговата последна цел, до последната битка.

Разговор на Сокол, Бриг, Сон, Лена и Тодора за погребенијата на Сонцева и Александар:

-Сестра ни почина во длабока старост. Ја погребавме каде и како што сакаше, а освен замислената врска, фиксацијата на наводната немерлива и безвремена љубов со Александар III Македонски, на која инсистираш ти, брате Соколе, не знам за никаква врска и на нивните погребенија,-вели Лена.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

-А згора на тоа, таа пред никого од нас не ги криеше своите љубови, -се надоврзува Сон.-Напротив, живо се сеќаваше на сите нив, секоја ја сметаше единствена и дел од себеси. Незаборавни се нејзините занесни, напати лирски кажувања за првата и најпрвата-со Михаил и Светол. Се сеќавате, кога Темелин и Огнена решија да заминат во Канада таа ни откри дека не се рожба зачната со Светол, туку со нејзиниот колега, геологот Павле, и тоа при само две меѓусебно временски оддалечени препуштања на страстите со него; при две ненадејни авантури со секс, „страсна предаденост и професионална близост“. Не узнавме за него, не нѐ запозна, дури свесно си противречеше на себеси убедувајќи нѐ дека тоа меѓу нив не била љубов.

Бриг:

-Јас знам дека Сонцева и Александар ги врзува жарко црвениот лорандит, Сонцевата крв. Исто се именува самата. Ама тој да има таква моќ…

Сокол:

-Ете има…Се докажа…Тој ги врзува, нераскинливо, просто ги сплотува, и уште повеќе-им ги изедначува, им ги обединува времињата; неговата древност и нејзиното сосе нашето минато…Тоа е таа вонвременска љубов. На која ни смртта не ѝ може ништо. Исто како што поезијата умее да ја избрише границата помеѓу стварниот и заумниот свет…Мислам дека треба да ги бараме сличностите и блискостите на нивните погребенија.

Тодора:

-Какви сличности и блискости, добога?!

Сокол:

-Како што секоја вонвременска љубов е постојано придружувана од смртта, но не ѝ се плаши и во ниеден момент не ѝ дозволува да ја совлада.

Погребението на Алексаднар III Македонски, како што го опишал Диодор Сицилиски, му прилегало не само на најголем војсководец, освојувач на светот на сите времиња и македонски крал, туку најнапред на човек кој најмногу им се доближил на боговите. Можеби се изедначил и со богот на Сонцето Ѕе, Врховниот Креатор. Благодарение на Сонцевата крв!

Тодора:

-Сакаш да кажеш дека геоглифот на големиот рид во близина на Свети Николе, над селото Црнилиште е…кралска гробница…на Александар III Македонски?….Соѕвездието Касиопеја…

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Сокол:

-Според мене, несомнено е дека неговиот гроб е во Македонија…За двете погребенија…

Александровото:

Златна сводеста „одаја“ од скапоцени камења, квадратен златен трон под врвот на сводот од „одајата“, плочи со колесница на која седи Александар со убав жезол во раката, Гарда и мелифори околу него, војници што го носат оружјето, колона слонови, коњички чети во битка и кораби подредени за битка; па златни лавови на влезот од „одајата“, над средината на сводот порфилен килим на кој била положена голема златна круна со маслинови гранчиња…Злато, злато, злато…

Многу важно за промислување на врската со погребението на Сонцева: сончевите зраци одвреме-навреме ја допирале круната и создавале молскава и треперлива светлина, како да предизвикува молњи.

Сонцева му беше на Александар љубов над сите негови љубови. Најубавата, најдлабоката , највозвишената, најветлата. Таа не го криеше тоа, а сигурно ни тој. Сите ќе ја паметиме убавината на нашата сестра што не изгуби ништо ни во претсмртна постела, кога зајдуваше и гаснеше. Нејзиното лице, сјајните очи, сончевите зраци во нејзините зеници кои се зголемуваа и се засилуваа …Да, сите нѐ обземаа, нѐ сплотуваа, ни ги одземаа зборовите додека со спокоен глас нѐ потсетуваше дека во сите нас тече животворна и вековита крв како зрак сончевина и извор на вдахновение. До смрт ќе ги паметиме нејзините проштални зборови за самодокажувањето, извишувањето, затврдувањето на самобитноста на единствен начин-создавајќи, градејќи, надградувајќи, оставајќи им на потомците непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење. Дека ние, нејзините ближни сме Сонцева крв, животворна и вековита. И Александрова…Да се потсетиме дека ја погребавме на гробиштата во Мајден кога сакаше: на изгрејсонце.

До ден-денес сѐ уште никој, ниту од ближните и пријателите, ниту од намерниците кои одвреме-навреме наминуваа кај него по умор не се прашал, не се прашува зоошто Сокол замолчел, престанал да разговара со кого било ближен, дури и со ѕидовите во куќата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here