ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Потребно време за читање: 3 минути

Доживување VI

Име реши пред сите насобрани на плошадот во Костец да излезе не како молчаливец или голем и непријатен полемичар, туку со своето вистинско лице-мислечка личност. Процени дека двете како маски веќе не му се самоодбрана, веќе нема кој ни да се обиде да го направи безличен или маргинален. На предизборен сенароден собир, без водствата на позиционите и опозиционите партии со нивната иконографија. Значи, уште еднаш, по којзнае кој пат да не молчи, да не полемизира, туку да каже што мисли. Овојпат за слободоумноста и довербата односно недовербата наспроти партиската понизност.

Кажа:

„Слободоумноста е нужност без која животот не се живее, а одвај и се живурка. Таа секој мора да ја брани катадневно, дури крваво од секој што ѝ се спротивставува и се обидува да ја вкалапи во свои или туѓи деструктивни калапи. Секој слободоумник мора својата слободоумност да ја искажува секогаш, во секоја околност. Не е слободоумен ако избира момент за тоа и ако се става себеси со кого било во каков било причинско-последичен однос. Може ли да се биде едновремено слободоумен и партиски член или приврзаник? Секако дека се може. Дури, мислам дека секој таков како таков мора да продолжи. Не дозволувајќи никому да ја користи партијноста за остварување на лични лукративни цели“.

Костечани слушаа молчешкум и се погледнуваа меѓусебно притаено. Некои напоречки. Молкот како сѐ повеќе да натежнуваше над нив.

Име продолжи:

„Сите ние знаеме дека довербата не се добива и не се дава туку-така, туку се стекнува. Многумина од нас знаат дека таа лесно се губи, буквално се урива со непостојаност, недоследност, манипулации и лаги. Но малкумина од нас домислуваат дека со недоверба се владее најдолго и најлесно. Прашајте се како владееја со нас сите досегашни и сегашни властодршци. Лесно или тешко? Јас ќе одговорам место вас: најлесно што може! Како? Имено, со можна најголема недоверба кон сите нас. Зборувам за владеење, не за работа, дејствие, создавање за општо добро, за заедничка живеачка. Како овчар со овци. Овчарот ги води овците владеејќи со нив, со помош на кучиња-чувари на стада. Тие му се препуштиле, му се послушни иако не му веруваат дека ги води кон добра паша. Затоа пасат попатно. Една или неколку црни му се добредојдени. Лесно ги придобива и уште полесно владее со стадото. Тоа се нарекува страховладеење? Може да се нарече, ама треба да се има предвид дека недовербата не е страв, туку изневерена политичка свест и нејзина пасивизација. Стекнатата доверба не е за владеење со луѓе, туку со ресурси, состојби, ситуации и можности за што повисок квалитет на животот“.

Спонтанииот аплауз и грлените извици на Костечани како да се збираа во жарче што скоро ќе предизвика пожар.

Име докажа:

„Наспроти слободоумноста и довербата односно недовербата секогаш стои партиската понизност. Таа произлегува од политичка несозреаност или недоветност. Жално е кога понизните се многубројни во партија или партии на власт, но и трагично за сечија лична и колективна слобода, за творештвото и создавањето. Особено за индивидуалниот кариерен напредок. Понизноста им е неопходна на политикантите во секоја партија, а најнапред на таквите во врвовите на власта. И понизните се политиканти? Да, ама се секогаш краткорочно употребливи, поточно злоупотребливи. Партиската не е како секоја друга понизност. Според многу нешта е специфична и над сите други. Се прашувате зошто? Едноставно, затоа што е неограничена и постојано се зголемува. Сѐ до конечно обезличување и целосна зависност“.

Некои од Костечаните почнаа да ги изразуваат возбудата и поттикот од чуеното со палење факли, веење на националното знаме и пеење на националната химна.

Име молчешкум ја гледаше насобраната и разбранета толпа некое време, па ја крена високо раката со стегната тупаница и извика: „Да живее татковината!“.

Толпата почна да се разотидува.

Leave the first comment