Во неврат
Каде се Корен Стаменоски со прекар Име и неговата Илина Каранфилова?! Веќе подолго време никој од оние што ги знаат, ги познаваат, од ним блиските ниту бил со нив, ниту ги видел, ниту чул за нив што било! Како наеднаш да изчезнале! Го напуштиле Костец како тие, како сите Костечани? Како и тие како нив да отишле во неврат? Но како?! Костечани го напуштиле Костец?! Сите до еден?! Ама како наеднаш? Ама зошто?
Име неколку месеци годинава се ангажира политички. Најнапред како политички деец и општественик жестоко ги бранеше делата и мислите на секој виден што живеел, создал, оставил трага во минатото, како и на секој што живее и создава во Костец. Наспроти деструткивното владеење на партите на власт и некомпетентноста на опозиционерските проследена со политикантски конформизам.
Се обиде како независен политичар, без своја партија или преземање предводништво на некоја од постојните, да ја хармонизира и продлабочи меѓузависноста помеѓу надземниот и подземниот живот во Костец; во надземните неколкукатници и многукатници и подземните пространи куќи од камен, греди и глина. Со оглед на различните услови и содржини во едните и другите како целини, како и на различните вредности што се сушествени делови од квалитетот на полнотата на животот; поради долгите сушни лета и мразните зими, со силни ветришта, луњи и секакви невремиња.
Се охрабри откако од ден на ден почна да добива сѐ поголема поддршка на настојчивоста делата и мислите одвреме-навреме да се пренесат во надворешните, а надворешните во подземните живеалишта. Костечани да ги доживуваат и живеат надземно оние што се составен дел од личниот, па и интимниот свет, кои раскажуваат или докажуваат внатрешни доживувања во човекот, а се користат најмногу при самост; кои најмногу се однесуваат на единственоста, автохтоноста на човекот и природата, со нагласка дека од нив и од неа најмногу зависи иднината на потомствата. Подземно, пак, да ги доживуваат и живеат делата и мислите кои го богатат и надградуваат заедничкиот, колективниот живот, со нагласка на семејниот; во кои се испреплетени традиционалното и модерното, докажаното и докажливото, структурираното, постојаното, антиципативното и навестеното.
Разбирливо, како што најавуваше пред да реши да се ангажира политички, Корен Стаменоски најнапред се посвети на одбрана на спомен-обележјата и архитектонските зданија кои според него во системот на квалитетот на полнотата на животот имаат синергичко дејство: комплексните проекти во кои се обединети музиката, танцот, бојата, говорот на играта и молкот и просторните интервенции.
Не успеа! Не ги запре, не ги спречи деструктивното владеење на партите на власт и некомпетентноста на опозиционерските проследена со политикантски конформизам. Му нанесоа тежок пораз. Костечани едноставно останаа што беа во последно време, за него мошне поразително: прилагодени на постојната состојба, препуштени на стварноста, дури премногу рамнодушни. Како да им беше доволно она од што стравуваа, а не се случи: ништо од најавеното уривање. Властодршците не урнаа ниеден од камените, мраморните, железните и бронзените спомен-обележја и скулптури на плоштадот. Можеби свесни дека на тој начин само ќе ги потврдат провинцијалноста и простаклакот, фрустрациите всадени од раѓање и инфериорноста пред минато со длабоки корени и трајни вредности. На Костечани како да им стана доволно тоа дека преовлада, победи сознанието оти минатото е само минато и не треба да има потесни, дури ни нераскинливи врски со сегашноста и иднината. Се покажа дека Смил Зорески нема право. Состојбата стануваше сѐ понеподнослива, но народот ја прифати: урнисан систем со безграничен криминал и корупција. Меѓутоа, поразот на Име беше жесток најмногу поради започнатиот, според него свесниот велепредавнички процес на власта кој има крајна цел разнебитување на народот, на неговиот национален идентитет, на неговата исконска самобитност, и едновремено уништување на неговата држава.
Име не формира сопствена партија и не презеде предводништво на некоја од постојните. Успеа да организира неколку општонародни собири, а кусо време директно и преку масовните комуникациски средства му се обраќаше на народот. Се обиде да го мобилизира и активира, секогаш во придружба на неговата Илина, па…
Исчезнаа заедно! Отидоа во неврат!
Во меѓувреме и Костечани почнаа забрзано и мошне интензивно да го напуштаат Костец. И тие како нив одеа во неврат. Деновиве го напуштија последните.
Веќе нема жива душа во градот. Бездната помеѓу Костец и Сивота е сѐ поширока и подлабока. Единствениот мост што ги поврзува нема никаква функција.
Меѓу Сивоќани се шири легенда за заедничко одење во неврат на живите и мтрвите души на Костечани.