15. Меѓу редови
Двајца политиканти приквечер седат на клупа на кеј на матна река. Едниот е средовечен, другот млад. Средовечниот има бела брада, пожолтени мустаци и црни очила на носот, а младиот е дибидус ќелав или со стрижена глава и лице како маска. Средовечниот е облечен во костум со бела кошула и црна кравата, а младиот во сиви тренерки и длабоки бели патики. Обајцата седат на клупата како вкочанети, а додека разговараат тивко, напати шепотливо, одвреме-навреме се вртат околу себе; како да се плашат дека некој може да ги слушне.
Средовечниот:
-И? Што стори? Ти успеа?
Младиот:
-Успеав! Им се пикнав меѓу редови!
Средовечниот:
-Браво бе! Да знаеш, верував дека ќе успееш иако прилично стравував дека нема. Знам јас дека во младите е иднината на сите, а особено нам и на сличните на нас политиканти.
Младиот:
-Богами се изнамачив. Ич не беше лесно прво да влезам во нивните редови, и тоа меѓу водечките, а потоа да им се пикнам меѓу редови.
Средовечниот:
-Да знаеш, мене ми скокна оптимизмот кога им влезе во редовите. Додуша, според мене предолго остана таму, требаше да побрзаш со истакнувањето како способен и доверлив, ама важно им се пикна. Отсега сè за нас и за нашиот бизнис ќе биде многу полесно.
Младиот:
-Татко, кај нив меѓу редови е жива мака. Бетер е од читање меѓу редови. Така пикнат морам да внимавам на секоја моја политикантска активност. Дури на секоја изјава и секој збор. Малку требаше да се откажам. Да знаеш, многу е полесно да си им во редовите.
Средовечниот:
-Знам бе, синко. Како може јас да не знам? Па бев со нив, и таму и таму. Туку…Што е најново од нивните редови во нивните меѓуредови? Разбра нешто што би можело да биде за нас арно или лошо?
Младиот:
-Разбрав и затоа те викнав да се најдеме. Како што се договоривме, ништо на работа и во друштво и ништо преку мобилни или Вибер. Дури ни дома. Само тет а тет.
Средовечниот:
-Што разбра?
Младиот:
-Не ја бидува нашава работа, татко мој. Ко да задоцнивме со со моево политикантско пикање меѓу редови. Редовите се сигурни дека им се изброени властодржачките денови, а меѓу редови се токмат да киднат со азното што го испокрадоа од народот.
Средовечниот:
-Леле леле, оф леле!…А опозицијата? Толку е силна што сигурно победува на изборите в недела?
Младиот:
-Да, татко мој, многу е силна. Знаеш што мислам јас? Мислам дека треба ние како бизисмени под итно да се прешалтуваме. Ти да излезеш од нивните редови, а јас што е можно побрзо да влезам во опозиционите меѓуредови.
Средовечниот:
-Арно велиш. Немам друго чаре. Стори го тоа час поскоро. Јас во меѓувреме ќе се погрижам како политикант да ја поддржам опзоицијата со подебела донација, но и директно да се замешам во нивната предизборна кампања.
Младиот :
-А ако не успееме? Ако успее само еден од нас?
Средовечниот го тапка младиот по рамо, па го прегрнува:
-Не може да не успееме. Како ни успеваше досега? Па не сме џабе успешни политиканти.
Стануваат, се поздравуваат и се разделуваат.