24. Шут и рогати
Изградиле рогати модерен средновековен дворец, си избрале странски крал, го седнале во длабока кожена фотелја во форма на кралски престол и вработиле шут. Според модерните средновековни партиски норми и стандарди, го облекле во шарена облека, на главата му ставиле капа со ѕвончиња, а на нозете чевли со ѕвончиња и му дале задача секој ден да го забавува кралот со секакви лажги, вицеви и подбишеги. За да не му здодее владеењето со нив-рогатите.
Во прво време кралот бил многу задоволен од својот шут. На рогатите им станало многу мило ем драго кога со свои очи го виделе и со свои уши го слушнале тоа.
Кралот:
-Слушај, шуту мој, денеска имав многу тежок кралски ден. Моите слуги одвај разбраа и научија што треба да прават со народот и што да му прават за да не молчи, ами јавно и демократски да каже сè што му тежи, го мачи, сè што му го црнее животецот. Ај расположи ме со некој виц или подбишега.
Шутот:
-Кралу мој, а ги научи ли твоите слуги да го убедуваат народецот дека тие се негови слуги избрани од него?
Кралот по кратко смеење:
-А бе, ај не ме смеј! Слугите јас ги избирам, а народот ме избира мене. Си заборавил.
Шутот ја заклимал главата и потскокнал за да му поѕвонат ѕвончињата, па му дорекол:
-Кралу мој, тој виц веќе не пали кај него. Престана да се смее откога рогатите почнаа до бесвест да му го повторуваат. Прво тоа им стана сомнително, а потоа им ги видоа роговите и открија дека ти си им ги ставил. Сега се на ред твоите слуги да се истопорат пред народот и да почнат да го тераат да не молчи, ами да се чувствува како тотално слободен и дека никогаш пред тебе немало толку демократија за нив.
Кралот:
-Ама како тоа, шуту мој мил?
Шутот:
-Слушни што те советувам јас, твојот шут кралу мој: излези пред народот гол!
Кралот запрепастен:
-Ти луд ли си, шуту мој? Јас, крал на народот да излезам гол пред него?! Ти си побудалел!
Шутот смирувачки:
-Де бре, кралу мој, ти ко да си станал буквалист. Не ти реков да излезеш пред него апла гол, туку да му се видиш гол. Божем и оддалеку. А пак ќе се облечеш како крал кога ќе почне да вика „Кралот е гол!“.
Кралот:
-Чекај малку, шуту мој! Таа приказна ја знам за цар, а не за крал!
Шутот низ смеа:
-Браво, кралу мој! Браво! Многу си ми паметен! Па во тоа е вицот. Тогаш пред народот ќе се истопорат твоите слуги и ќе почнат да го учат дека едно е крал, а друго цар, па е поарно да си им крал одошто цар.
Кралот:
А која е разликата, шуту мој?
Шутот:
-Ај да те научам: кралот владее со држава на народ и малцинства и сите зборуваат на еден јазик, а цар со збирштина на поранешни држави на територии со различни народи на јазична, верска и етничка основа.
Кралот по кусо премислување фатил поза дека го разбрал вицот:
-Добар ти е вицот, шуту мој. Ќе те послушам!
Излегол партискиот крал божем гол пред народот и тој почнал да вика „Кралот е гол!“. Потоа слугите го научиле дека е едно крал, а друго цар, а кралството продолжило да опстојува до некое ниедно време.
Меѓутоа, со време на шутот му здодеало да се грижи за доброто расположение на партискиот крал, а преку него и за доброто расположение на народот. Максимално си ги пораснал амбициите и успеал да ги набеди рогатите дека кралот веќе не го бидува за кралување, а тој е најподобен да го изберат него како нов. Затоа што ќе им биде ем крал ем шут. Не ни насетил некој од нив, камо ли некој да помисли дека со таков нема играчка, ами само од играчка плачка. Веќе било предоцна кога сите рогати се виделе меѓу себе дека станале негови шутови. И било предоцна што било да сторат откога се запрепастиле сфаќајќи и видувајќи дека тој кралството го престорил во царштина, а нив ги ставил пред свршен чин-морале да го изберат за цар.