САМОБИТНАТА СЕНКА И ЉУБА, роман во продолженија

Потребно време за читање: < 1 минута

97. Зближување

Аврам сѐ почесто ја посетува мајка си Љуба, нејзината самобитна сенка и Самобитната сенка речиси секогаш заедно со нејзиниот Стефан Веселовски. Три-четири пати во неделата, и наутро и напладне и навечер. Најчесто сам, а во сабота или недела секогаш со жената му и ќерките цел ден. Поседува час, два, три, разговарат за сѐ и сешто, испиваат тој кафе, а тие чај. Аврам не заборава да им понуди парична или каква било друга помош. Особено за здравјето секогаш им стои на располагање. Тие одбиваат оти не им е потребна, а ако им треба што било секако најпрвин ќе побараат од него.

Очекувано, нормално, најчеста заедничка тема на долгите разговори им е портретирањето, творештвото воопшто, потоа минатото, секидневната живеачка и соживотот на генерациите, како и политиката во Прострел. Се случува многу ретко некој да се интересира за нешто во врска со бизнисот односно менаџерството на Аврам, а и самиот тој нив ги смета како несуштествена, но егзистенцијална нужност. Тоа дека е и угледен и почитуван политичар е мошне интересно за Љуба и Самобитна сенка, па и за доктор Веселовски. Сепак, не трошат многу време за нив, а тие разговори обично завршуваат со согласување дека животот е политика, а политиката треба да биде што помалку живот. Поради неразбирање на политиката како воздигање на личноста како самосвесна и дејствителна, таа најчесто се сведува на дневно политикантство. Сликањето портрети на политичари најчесто како насмеани или расплакани кловнови е можеби изразно прилично маргинализирачко, но е секако соодветно.

Некако незабележливо од сите, на средбите сѐ почесто и сѐ повеќе им се наметнуваат љубовта и очовечувањето како смисла на самодокажувањето.

Leave the first comment