ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

13. Гроб

Крсто Воденски ме замоли заедно да го посетиме гробот на умрените од неговото семејство. Ме смета за добар пријател, па сака да ми го покаже оти тој ќе биде последен што ќе биде погребан во него. Уште не му е дојдено времето за умирачка, ама со смртта не се знае-кога ќе дојде, каква ќе биде и колку ќе трае. Не, не мисли на неа, не дозволува ни да го предизвика со што било да помислува одвреме-навреме. Сепак, ми признава, сè почесто го посетува. Самиот не разбира зошто, но има потреба некогаш некое време и спомени да сподели со погребаните во него. Неговата замолба ја образложи и со куса, по малку поетична промисла за гробовите и умрените:

-Се вели дека се тие нивно вечно почивалиште. Јас додавам дека се и за краткотрајни средби со нив во спомените. Можеби и за разговори поврзани со заедничка живеачка, заеднички надминати премрежија, ненадминати недоразбирања.

Со Крсто Воденски го посетив гробот на умрените од неговото семејство, на Градските гробишта. Се наоѓа меѓу старите и најстарите, со први умрени од пред шеесет-седумдесет години. Со шестмина погребани во него. Нивните имиња, презимиња и годините на раѓање и умирање на обете страни на вертикалната надгробна плоча во форма на отворен свиток, со голем крст на средината: Марија Воденска, 1894-1967, Јован Воденски, 1897-1973, Јавор Воденски, 1921-1968, Илина Воденска, 1926-1975, Извор Воденски, 1940-2001, Јордан Воденски, 1947-2013. Под неа лимена куќичка за свеќи. Гробот покриен со црна мермерна плоча, а крај него дрвена клупа.

Запаливме по една свеќа за сите и седнавме на клупата. Крсто Воденски воздивна длабоко и почна:

-Јас сум последниот Воденски кој ќе биде погребан во овој гроб…Не оставив ниеден потомок…Значи, со мене ќе заврши, по мене ќе умре семејното дрво. А кога ги гледам гробовиве околу него, безимени, запустени, покриени со диви треви, со испокршени плочи…Гледаш и сам, има и многу чисти, измиени, уредени, очигледно одржувани…Што по години со ваквите како нашиов, како мојов? Се бришат? Им се продаваат на други?…Стварно не знам.

Му предложив на Погребалното претпријатие нешто што би било многу убаво и со јасна цел-да се чуваат семејните лози, да не се дозволи да пресушуваат семејните корени во нив: сите стари гробови со повеќе погребани во нив, за кои нема потомок да се грижи, да ги направат, уредат и одржуваат како семејни гробници. Одбија. Тоа ќе ги чинело многу пари. Дури ми рекоа дека предлогот нема врска оти гробовите се приватни, купени, а ако по толку и толку години не се јави никој да плаќа за нивното одржување ги огласуваат како напуштени и им ги продаваат на други.

Го прашав:

-А кој тебе ќе те погреба во твојов?

Ми одговори по долг молк:

-Нема кој. Те имам само тебе…Ако прифаќаш…Нема да чекаш долго.

Ме изненади:

-Што зборуваш?! Како тоа нема да чекам?!…Криеш од мене дека си неизлечиво болен?

Ми одговори рамнодушно:

-Го натерав матичниот лекар да ми каже…Имам уште не повеќе од три месеци живот…Прифаќаш?

Му одговорив подналутено:

-Затоа ме замоли заедно да го посетиме гробов? Како твој добар пријател?

Нагласи:

-Единствен.

Седевме на клупата молчешкум, сè додека не изгореа шесте свеќи за починатите.

Leave the first comment