ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази

Потребно време за читање: 3 минути

4. Tуѓин

Никој не знае од кога е меѓу нас и од каде е, ама за сите е она што беше на нашиот заеднички почеток-туѓин. Никој не знае дали ќе остане таков додека е, можеби до крајот на животот, ама јас досега не сум забележал да направил или да прави каков било обид во таа смисла. На пример? Не знам на пример што, макар за да ни стане поблизок, близок, во смисла на заедничко работење или дејствување, на споделување, на заедништво, Многумина се убедени дека тоа не му значи којзнае што. Напротив, се однесува како да му одговара да биде туѓин меѓу нас!

Според мене, најпроблематично, со сѐ уште несогледливи последици е дека како да почнавме да се привикнуваме на него, па и да го прифаќаме како таков-туѓин. Конкретно, некако лесно и брзо се адаптираме на неговите знајни и очигледни туѓински постапки кои можат најблаго да се назначат како самоотуѓувачки.

Најпрвин идеше од никаде, се замешуваше во нас, молчешкум и ненаметливо, и тоа сѐ повеќе време. Потоа го видувавме, го среќававме на крајот од нашата улица, на крајот од нашиот град, на чистинката околу стариот извишен брест, во негова сенка. Едно утро никој од нас што минувавме крај него не се изненади од колибата што ја направил преку ноќ со голи раце; од греди, прачки, камења, ќерпич, ламаринки и трска. Па не може човек по цел ден, со време и по цела ноќ да биде под ведро небо. А и беше мошне вешто, мајсторски направена, привлечна и некако природна, како срасната со сенката на брестот. Значи, се насели меѓу нас.

Јас знам за тројца различни туѓини денес: едниот е како јас-тоа е одвреме-навреме поради некоја работа или туристичко патување, значи некое време, ден, недела, месец; другиот е што е тоа непредвидено или непланираноподолго време-на пример поради школување, усовршување, лична надградба, напредување во кариерата; се убедува себеси убедувајќи други дека скоро ќе се врати дома и се враќа; а третиот е туѓин со единствена цел како таков да се вкорени и лека-полека да освои парче земја кое потоа, дури е жив ќе го зголемува, ќе го шири, а на кое такво ќе биде и неговото потомство.

Несомнено, туѓинот меѓу нас е од третиот. Запре на крајот од нашата улица, на крајот од нашиот град, на чистинката околу стариот извишен брест, под неговата сенка. Не само оти преку ноќ со голи раце си изгради колиба, туку почна да го омеѓува просторот околу него одземајќи, освојувајќи по метар-два од на соседите. Тие, пак, се правеа дека не забележуваат. Напротив, се однесуваа како да не им значи ништо, а како израз на добра волја и желба за добрососедство. Меѓутоа, и за нив и за нас другите беше изненадувачки и сосем неразбирливо дека почна да се обѕидува. Затоа што никој од нас никогаш дотогаш ниту помислил, ниту почувствувал потреба од такво нешто!

Некои му побараа објаснение, но тој не одговараше. Молчеше и сѐ повеќе се самоотуѓуваше.

Се обѕида туѓинот со камен ѕид висок три-четири метри, дебел речиси метар, а сите ние со време го прифативме тоа како неминовно. Почнавме да го одбегнуваме, ни стана дури непријатно да сме во негова близина. Непријатноста и одбегнувањето ни се зголемија откога видовме и разбравме дека на местото на колибата издигна двокатна куќа од мермерен камен, железо, украсна тула и покрив од црвена ќерамида.

Од пред недела-две сме многу загрижени. Разбравме дека кај него дошол уште еден туѓин, некој негов близок. Едни тврдат дека му е брат, а други братучед. Загрижени сме оти разбравме и видовме дека на источната страна на обѕиданата сенка на брестот ископале голема дупка, направиле темел и веќе креваат столбови на нова куќа. За брат му или братучед му?

Најмногу сме загрижени оти знаеме дека парчето земја е претесно за две куќи, па кога-тогаш ќе мораат да го зголемат. На каков било начин.

 

Leave the first comment