ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Огон, поетска студија, 37

Потребно време за читање: < 1 минута

37. Исто дење исто ноќе

Последен човек во човек
пали гасне дење ноќе
огнови мали огнови големи
на места кај што премален
од лунѕање низ пустошијава
починува без своја трага
во свое минато и свое денес
не знае од кога не знае до кога
ниту до каде ќе стаса така
со и без огнови
откога не успеа да се спогоди
со ветрот и тишината
пепелта нивна како негова
да не ја развеваат
до кај ќе стигнат
огновите палени и гаснети
исто дење исто ноќе
ниту му го ништат изоденото
од раѓање
ниту прават некаква чистина
без знаци без признаци
без паметење
низ која ќе продолжи да лунѕа
ниту му користат за што било
како дела негови
но се разбира дека има во нив
сокриено или прикриено
значење
кое само последен човек
во човек
може да го согледа на небо
со рој ѕвезди и сама месечина
како негово конечно смирение.