44. Обична безгранична врева
Не сакате да догледате
оти ви е непријатен
спомен од војна
со многу смрт:
дека моите четири прсти
во преднава рака
имаат ред правен
со секира.
Во овој миг на безбол
и рамнодушност
една љубов се обидува
да ги собере
макар во својот спомен
и да верува дека уште
ѝ го милуваат голото тело
разиграно, разлетано
во поле со росно цвеќе.
А моите четири прсти
во предната рака
милуваат изгубен воин
сиот во живи рани;
со последни здивови
таа да го заклучи
во својата нежност
со тежок катинар,
без клуч
или да го стега в гради
како пред нов збор
в уста.
Вие, дами и господа,
така убаво се смеевте
додека ги читавте
моите четири прсти
во предната рака
како книга никогаш
напишана од сликар
на човечки судбини.
Никако и никогаш
да не ги заборавите.
Вие, дами и господа,
сега бегате во празно око
од страв да не ве запрам;
а јас само сакам
да ве чувам од војната
со многу смрт.
Моите четири прсти
во предната рака,
што имаат ред правен
со секира,
ноќе ги удирате
во вашите ѕидови
до небо
обидувајќи се со нив
да ги урнете,
во вашите соништа
кошмарни
надевајќи се со нив
да се разбудите
кога со голи тела
од нив излезени
ќе се упатите
кон поле со росно цвеќе.
Со моите четири прсти
во предната рака
една љубов милува
изгубен воин
обидувајќи се
да го заклучи
во својата нежност
со тежок катинар
без клуч,
па да го стега в гради
како нов збор в уста
до нов ден
на изгрејсонце.