МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 3

Потребно време за читање: 2 минути

3. Во ôд на сенки

Монолог

Човекот уште откога човекот е човек не е, ниту може да биде без своја сенка. Исто како што човечката сенка не може да опстане без свој човек; умира пред него, заедно со него или скоро по него.

Од суштинско значење е одот на човекот и неговата сенка. Се разбира, од изгревот на сонцето сè до зајдисонце, па и со почетокот на самракот. Тој најпрвин е и мора да биде стамен, непоколеблив, секогаш кон догледлива, согледлива и достижна цел. Тоа значи дека е незапирлив? Секако, дури и кога и тој и таа стојат во место некое време. Стоењето во секое време и засекогаш значи смрт.

Одот на две и повеќе сенки, сосе своите луѓе, е пред сè друго заеднички, во чекор со нивното време, споделувачки и сплотувачки. Што, пак, говори за меѓусебно разбирање, спомагање, искреност, меѓусебна доверба. Неретко, всушност најчесто за љубов.

Првиот чекор на човекот, неговото проодување е и непосредно и посредно поврзан со придвижувањето на неговата сенка. Почнува да ја следи? И тоа, но многу повеќе да учи од неа за самосвесноста, независноста и личната слобода. Заедно со светлината, не со нејзиниот извор, едновремено заедно со промените на времињата, годишните доба, годините, децениите, опстанокот и вкоренувањето. Многу брзо по првиот следат вториот, третиот, чевртиот чекор, а нивниот заеднички од некако сам по себе станува исправен, доследен,  достоинствен, непореклив. Станува и сè подоблесен.

Двајца со свои сенки во љубов заживуваат пламено, неразделно, па почнуваат да се преплетуваат жизнено.    

Дијалог

Прва сенка:

-Што мислиш ти за сенките и луѓето? Знам дека сме согласни со писатели и филозофи кои повторуваат една иста мисла-дека секој има своја сенка, а човекот просто не е целосен човек без неа.

Втора сенка:

-Не треба и ние да ја повторуваме. Суштината е во придружувањето и меѓусебната доверба. Кој кого придружува во ôдот и несомненоста на меѓусебната доверба.

Прва сенка:

-Јас мислам дека придружувањето е обострано. Исто како на сè живо и мртво. Нивната големина и должина, пак, најмногу зависат од движењето на Сонцето. Но и од нивната живост и нивната делотворност. Најпрвин мислам на човекот и сенката во него.

Втора сенка:

-Јас, пак, обостраното придружување го сметам за суштествено кога е збор за индивидуалната идентитетска егзистенција. Го имам предвид препознавањето на индивидуалноста како постојаност, како оствареност. Сенката во човекот е сè додека е несомнена нивната меѓусебна доверба. Додека меѓу нив не се јавува недоверба макар краткотрајно, макар како искра.

Прва сенка:

-Според мене, од клучно значење се движењето на Сонцето, од изгрев до залез. Сенката е жива сè додека човекот го следи неговото движење, а е исто како мртва додека тој стои во место. Човек кој не го следи или е спроти него, всушност му се предал на сопственото бавно умирање. Сенката не е со него, а останува во него до претсмртен час.

Одејќи по нашиве блиски наспоредни врвици, ние досега успешно надминавме неколку вкрстувања. Одиме ли како сенки кон последното или и како сенки и како луѓе?

Втора сенка:

-Бидејќи зависи од нас, јас сум сигурна дека одиме. И тоа искрено многу ме радува.

Прва сенка:

-И мене многу.     

Продолжуваат по двете блиски наспоредни врвици, до нивното последно вкрстување.