МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 32

Потребно време за читање: 3 минути

32. Во сон

Монолог

За беспримерна непорочна љубов се сосем неважни разбирањето на секој сон одделно, истражувњата и откритијата на сонот како психички феномен, ниту неговите одамна познати и сè уште неодгатнати симболи, ликовите, настаните и дејствијата во нив.

Во некои лични и заеднички состојби, настани и контексти може, дури треба да се има предвид разликувањето на секојдневните од големите соништа. Кои, одамна е познато, се раѓаат и развиваат во различни делови на човековата несвесна психа: личното несвесно, кое се раѓа и трае цел живот, заборавено или потиснато, поврзано со секојдневните предизвици, и симболите кои помагаат при секојдневните решавања и донесувањето решенија. Делот на несвесната психа, пак, се назначува како колективно несвесно со кое сме родени, во форма на архетипови-големите соништа кои, исполнети со историското искуство односно колективното знаење, се клучни за животот во кој не е доволно личното искуство.

Соништата се различни, лични, кои не се за споделување, дури не се за откривање, а се за таење. Еден заеднички сон на беспримерна непорочна љубов вообичаено има различно значење. Надежно е и несподелувачките и заедничкиот сон во еден момент да се откријат или во неизмерно време да се откриваат наспоредно со остварувањето на целите и создавањето заеднички дела. Се разбира, доколку вљубените се еднакво во стварност и во сон или повеќе во сон одошто во стварност.

Последично на претходното: научното истражување и откривање, па и толкувањето на сонот, независно од неговата содржина односно слободното, искуственото или интуитивното толкување, на никаков начин не е поврзано со престојот во сон. Не во многу, слични или ралични, а во еден, пред сè заеднички. Престојот во сон може да биде дури одлучувачки, дури судбоносен за опстојувањето на сегашни и идни, блиски и далечни потомци.

Во сон се случува очекувано и ненадејно, спокојно и вознемирувачко, рамнодушно и возбудливо. Особено кога е по секојдневје исполнето со дребнавости кои со својот затврден ритам ниту ги загрозува врдностите што ги придружува, ниту навалува на нив. Притоа, водејќи строго сметка тие да не се прифаќаат како вредности, бидејќи ја продлабочуваат баналноста, а од друга страна вредностите да не се престорат во незабележливи дребнавости унижувајќи го животот на човекот.

Во сон најблаготворни се радувањето и играта. Го осмислуваат опстанокот на светот, со сè во него во рамновесие. Радувањето проследено со играта, играта проследена со радување. Најблаготворни затоа што жизнената и творечката енергија се изедначуваат во силата од почетокот до крајот на создавањето, до конечноста на делото. За потоа тоа да заземе свое заслужено место во стварноста, на показ и доказ пред светот со сета своја различност. За он да го приопшти кон својата полнота.                      

Дијалог

Сончева во сон:

-Јас и ти во јато птици на ведро небо. Раскрилени, разиграни, распеани. Под нас гола и каменита земја. 

Сончев во сон:

-Јас и ти меѓу две бистри реки на врв на планина. Над нас на дофат бели облаци кои пловат кон далечна, но видлива планина со повисок врв. Оттаму идат некои нам неразбирливи милозвучни зборови, како повик  да биде наша следна искачувачка цел.    

Сончева во сон:

-Зарем не сме во еден сон?!

Сончев во сон:

-Незамисливо е да не сме.

Сончева во сон:

-Значи, ние прво во јато птици на ведро небо, а потоа меѓу две бистри реки на врв на планина. Или едновремено?

Сончев во сон:

-Може и едноподруго и едновремено. Извесно време. А во ниедно доба на ноќва ние во ѕвезден круг поврзан со далечен мал, со тенка непрекината огнена линија. Во неа, пак, множество млади и стари луѓе два-три чекори оддалечени едни од други. Како отуѓени и несвесни.

Сончева во сон:

-Мене ми изгледа дека огнената линија се шири, се распламтува, но не им е приближува на круговите…А што наше по ниедното доба на ноќва, доближувајќи се кон првите мугри?

Сончев во сон:

-Мислам дека ќе следиме трага на древен народ, откриена од тебе, која знаеме дека ќе нè одведе кон почеток на создавање на моја нова мраморна скулптура на митски јунак.

Сончева во сон:

-Како Ма и Ѕе. Нужно е одвреме-навреме будни да се поистоветуваме со нив.