МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 24

Потребно време за читање: 3 минути

24. Страсти

Монолог

Безбројни страсти човечки, во човек, од човек, за човек и со човек: создателни, животворни, освојувачки, одбранбени, говорни, игриви, певливи, љубовни. Страст за живот. Огнена страст.

Сите страсти почнуваат од една, како првородена и заживеана: страст за живот. За живот, не за животот. Значи, почнува од откриен, пронајден и осознаен живот, каков што е, каков што му е даден на човекот од Господ. Живот природен?Не, туку живот на природата; каква што е, во рамновесие со времето на своето постоење и со времињата на своите промени. Само таква се живее и се доживува страсно…Човекот во неа или со неа колку што е блиску или далеку.Во хармонија…Страстен…Но, зошто не страст за живот природен? Едноставно, затоа што животот што човекот го живее, како негово секојдневје, не е оној што му прилега, што соодветствува на неговата природа, туку е препуштен на вителот на спонтаноста, минливоста, самодоволноста и безвредноста. Речиси бестрасен, речиси безживотен…Речиси? Затоа што сè уште успева да им одолева на безначајноста и безнадежноста.

Страст за живот наспоредна најпрвин со страст огнена, почнувајќи од најогнената-љубовната, на телото и силата на семето, па продолжувајќи со животворноста и вкоренувањето на постоењето. Најнакрај да се втопи во страста за докажување на личното достолинство, идентитетот и интегритетот на сопствената личност, суштественоста на коегзистенцијата и опстанокот на индивидуалноста во свет менлив од миг во миг.

Страста за живот не може без создателната-страста за создавање вредности. Без неа таа е сиромашна, може дури бемислена. Без неа таа не остава трага ни во минатото ни денес за утре. Создателната страст е вистинска полнота на животот. А врвна: живееш опкружен со вредности и создаваш вредности за кои живееш. Со нив го докажуваш, одржуваш и браниш сопственото траење, до самоти смрт. Несомнено ги препознаваш? Да. И тоа не само според сопствен изграден вредносен критериум, всушност систем , туку и како лично и како општочовечко извишување со нив. Невозможно без нив.

Најблиска на страста е посветеноста. Неретко изедначена, неретко идентична со неа. Неточно? Можеби не во нивното суштинско значење, но секако слична на определеност, упатеност,  целосна предаденост или верност. Сепак, различностите се поголеми и поочигледни. На пример дека страста почнува и завршува, а посветеноста продолжува. Тогаш не само што првата трае подолго од втората, туку и првата е ем позаборавна од втората ем може да се чувствува отфрлена или осамена. А страсната посветеност, која најчесто ја поистоветуваме со љубовта? Да, но само беспримерна и непорочна.

Дијалог

Прва страст:

-Признавам дека јас како човечка љубовна страст, како страсна посветеност,во човек, од човек, за човек и со човек сум истовремено и најсилна и сосем исцрпена на почетокот и крајот. Играта помеѓу ми е како занесна игра на дете кое штотуку не одлетало од својот свет меѓу земјата и небото во свет на спокојна животворност.

Втора страст:

-А јас како создателна, зборувачка, игрива, певлива и страст за живот. Сите заедно во творечка енергија целосно концетрирана на делото што го обликувам. За да заживува пред секој што внимателно и во тишина го восприма како дел од себеси. Најпрвин се споредувам со бурно море кое дури на брегот се смирува создавајќи свои знаци и гласови.    

Прва страст:

-Јас сум и освојувачка и во одбрана, во зависност од моментната расположба и атмосферата. Обично освојувачка на почетокот, а одбранбена на крајот. Уште не си ме научила таква?

Втора страст:

-Те учам, но не сакам да те научам. Затоа што си за мене огнена…Твоето голо, нежно, неуморно тело крај мене, над мене, под мене, едно во друго…До свршување…Нашите тела испреплетени, во занес…Во наш простор и наше време…

Прва страст:

-Знаеш што си ти за мене? Ти си придвижувач на полнотата на нашиот живот. Кој секако ќе го продолжиме со наша рожба…

Втора страст:

-Точно ја назначи страста за живот. Како живеење на неговата полнота. Јас ја додавам неговата создателна страст.

Прва страст:

-Во четири света како еден. Мој, твој, наш и од нас постојано досоздаван. Ти со своите скулптури за оживување или заживување, јас со од мене откриени траги во минатото.

Втора страст:

-Страст на градење и надградување.