19. Мисли
Монолог
Човек гледа, слуша, збори, согледува и мисли. Друго? И многу друго помеѓу, пред нешто и по нешто. Но, најпрво од сè мисли. А ако не мисли? А кога не мисли? Што прави ако не мисли додека или откако гледа, слуша, збори и согледува?
Човекот е мислечко суштество. Тоа е суштествено за неговото постоење и за неговиот опстанок. Сиот негов активитет, особена сета негова креативност се темели токму на таа суштественост. Најдиректно поврзана со свесноста? Се разбира, и причински и последично. А што е тој кога не мисли, без оглед колку трае тоа-немислењето?…Ма просто е невозможно да не мисли. Токму така: човекот мисли и кога не мисли. За ова нема што да се мисли.
Меѓутоа, кога станува збор за корелативните врски меѓу мислечкото, заедно со умноста, и љубовта, поважни од сè се мислите. Како слободни, самостојни, искажани, докажани, прифатени или негирани. Мисли за љубовта, од љубовта и заедно со неа. Кои се секогаш дел од животот, од неговиот тек, од неговите стремежи и пресвртни моменти. Мисли обични, длабоки, како искри на опитноста и мудроста, недоречени или премолчени. Мисли секојдневни? Тие се најмногу на број, најмноги врзани за човечката егзистенција. Зависат пред сè од расположбата, собитијата, личните и заедничките обврски и одговорности, но и од индивидуалната мислечка енергија.
Ретка е само една и единствена мисла. Како таква, таа е непореклива, силна, сплотувачка и поттикнувачка. Малку е поврзана со љубовта, а најмалку, пак, влијателна во неа. Без оглед што една и единствена може да биде таква меѓу мноштво. Најмалку се две, неретко спротивставени. Дури може да се негираат меѓусебно. Тоа е исто и кога е заедничка. Две мисли како една заедничка. Голема? Длабока? Сплотувачка… Поттикнувачка…Креативна?…Најживотворна!
Несомнено е: самостојноста на изречената мисла е безусловна и не му припаѓа на мислителот, туку на сиот мислечки свет. Нејзината длабина, темелност и вредност ја поврзуваат, може и да ја приберат во себе други мисли. Таа е споредлива, неретко и изедначена со деноноќен зрак светлина кон кој се стреми човек што го мисли светот жив, движечки, променлив. Секогаш изречена, што да не може да се одрече, да пулсира, да дише во чекор со него.
Несомнено е: дејствувачката сила на мислите ја овозможува полнотата на животот. Истовремено го насочува кон хоризонтот на траењето.Тие, во заедништво, во единство, рамноправни се борат против какво било безумство и каква-годе необмисленост.
Човек не може да не мисли еднакво за себе и за негови ближни. Особено кога знае дека многу нешта во животот немаат свој природен тек. Во таква состојба најмногу му премалуваат снага грижни мисли.
Дијалог
Прва мисла:
-Ние се познаваме? Те прашувам прашувајќи се зашто јас во тебе постојано откривам нови мали и големи нешта.
Втора мисла:
-Доволно, но не сосем. Мислам дека е тоа добро. Колку повеќе се познаваме, толку повеќе се запознаваме. Една од најбитните причини зошто сме заедно колку може повеќе во нашите времиња. Сè поцврсти врски-сè подолготрајна љубов.
Прва мисла:
-Не долготрајна, туку сè поблизу до трајна. Значи, додека сме живи и по нашите смрти…Мислам на нашето меѓусебно познавање и запознавање како доблесни личности со идентитет и интегритет. Предуслов за беспримерна непорочна љубов. По нив следи откривањето на наши мали и големи нешта.
Втора мисла:
-Светот не е за ние да се бориме за наше место во него, туку од него да има парче и за нас. Не изолирано од световите на други, туку во добрососедство со нив, меѓусебно разбирање, спомагање, па и заедништво. Цел наш свет во светот. А за да го постигнеме тоа, неопходно е да се познаваме колку што се познаваме и да се запознаваме за да се познаваме. Истовремено да нè запознаат оние што имаат исто толку свои парчиња од светот, колку што ние сметаме дека е доволно.
Прва мисла:
-Мене тоа ми е најблиско до светот на вредностите и творечките светови во него. Мислам дека токму тоа е суштествено за стварносната егзистенција на секоја и секаква љубов.Туку…Што се случува со нашите промислувања? Мислам на сегашноста и иднината сопоставени на паметењето и заборавот.
Втора мисла:
-Мислам на нас пред сè како внатрешни светови кои постојат како енергии што постојано пулсираат меѓу секојдневни и неповторливи скулпторски и археолошки дела. Ги промислуваме такви според нашите изградени критериуми за вредното и убавото.
Прва мисла:
-Мислата најчесто ме води кон лавиринтот на неизвесното.